1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Колку оружје има Иран и може ли да го обнови?

26 март 2026

Американскиот претседател Трамп тврди дека иранскиот ракетен арсенал во голема мера е уништен, но Техеран и натаму напаѓа. Колку ракети и дронови сѐ уште поседува режимот? И колку брзо може да го надополни арсеналот?

https://p.dw.com/p/5B8vj
Иран Техеран 2026 | Балистичка ракета на собир по повод годишнината од револуцијата
Капацитетот на Иран за балистички ракети е намален од војната, но не е јасно до кој степенФотографија: Morteza Nikoubazl/NurPhoto/picture alliance

Во четвртата недела од американско-израелската војна против Иран, ирански ракети и натаму завршуваат во Израел и заливските земји, иако американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тврдат дека значително го десеткувале арсеналот на ракети на Иран.

Во објава на социјалните мрежи на Белата куќа уште на 14 март се наведува дека „капацитетите на балистички ракети“ на Иран се „функционално уништени“. Но, десет дена подоцна, Иран со серија напади демонстрираше дека очигледно поседува сè уште доволен број ракети за да може да таргетира повеќе мети во соседството. „Капацитетот за лансирање ракети е ослабен, но не е целосно уништен. И тоа е значајно“, оценува за ДВ Бурџу Озчелик, аналитичарка за безбедност на Блискиот Исток при институтот за одбранбени и безбедносни студии РУСИ (Londoner Royal United Services Institute) со седиште во Лондон.

Кели Грико од американскиот центар Стимсон на платформата X наведува дека нападите врз воени локации за лансирање и чување залихи во Иран покажале ограничен ефект - делумно и поради „оперативна промена на курсот“ од страна на режимот.

„Во првите денови од војната, Иран лансираше преку 500 балистички ракети и 2 илјади дронови. Но, квотата на погодоци беше под пет проценти. […] Поголемиот дел од нив беа пресретнати“, пишува експертката за безбедност. „Во следните две недели стапката на лансирање опадна за повеќе од 90 проценти и се случи нешто неочекувано - стапката на погодоци почна да расте. Иран пукаше помалку, но целите ги погодуваше почесто“, потенцира Грико.

Како и многу други аспекти од оваа војна, обемот на преостанатата воена сила на Иран е тешко да се процени. Што точно се знае?

Колку ракети поседува Иран?

Уште пред почетокот на војната немаше официјални бројки за ракетните залихи на Иран бидејќи Техеран „не беше многу отворен во опишувањето на своите способности“, вели Бурџу Озчелик. Проценките на израелската војска во однос на балистички ракети беа на 2.500 пред војната, додека некои независни експерти поаѓаат сметаа дека има до 6 илјади парчиња.

Вака или онака, Иран, според информации на директорката на американското разузнавање, пред војната располагал со најголемиот и најразновидниот арсенал на Блискиот Исток. Центарот за стратешки и меѓународни студии наведува дека тука се вклучени и балистичките ракети од типот Сеџил, Гадр и Корамшар со дострел од 2 илјади километри, како и типовите Емад (1.700 км), Шахаб-3 (1.300 км) и Ховејзе (1.350 км).

Иран Техеран 2026 | Изложба на иранска воена опрема
Иран поседува ракети со поголем дострел отколку што досега се сметашеФотографија: Fatemeh Bahrami/Anadolu/picture alliance

Неодамнешните ирански обиди за напад врз британско-американската воена база Диего Гарсија во Индискиот Океан, на речиси 4 илјади километри оддалеченост, сугерираат дека земјата поседува ракети со поголем дострел отколку што досега се сметало.

Балистичките ракети не само што сами по себе се разорно оружје, туку потенцијално може да служат и како носачи за атомски боеви глави, иако Техеран негира каква било намера за правење атомска бомба.

До кој степен војната влијае на ракетниот арсенал на Иран?

Секако дека лансирањето на многу од овие ракети во изминатите недели и претходно, за време на конфликтот со Израел во 2025 година, го намалило арсеналот. Нападите од САД и Израел врз капацитетите за производство на оружје, исто така се одразуваат на арсеналот, но никој надвор од упатените во Иран реално не знае колку е тој намален.

„Забележуваме дека Исламската револуционерна гарда продолжува да врши нови напади и де факто го блокира Ормускиот Теснец, главниот адут за притисок од иранскиот режим. Малку е веројатно дека иранската програма за балистички ракети ќе биде целосно уништена од САД и Израел во оваа фаза од операцијата“, смета Бурџу Озчелик.

Има малку информации кои би можеле да бидат верификувани во врска со тоа колку оружје САД и Израел оштетиле или уништиле, иако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела изјави дека ракетните и дронските капацитети на Иран се „масовно заслабнати“.

Со колку дронови располага Иран?

Метју Пауел, британски експерт за воздухопловни сили при Универзитетот во Портсмут, за ДВ објаснува дека „проценките од почетокот на февруари поаѓаа од околу 80 илјади беспилотни летала Шахед“, но дека е тешко да се утврди колку од нив веќе се искористени во тековната војна.

„Дроновите се од огромно значење за воената сила на Иран“, вели Пауел и додава дека „релативно ниската цена на таквото оружје му овозможува на Техеран воена моќ и поголемо политичко влијание во целиот регион. Особено со беспилотните летала од типот Шахед 136, Иран може да нападне важна инфраструктура во противничките земји бидејќи потешко може да се уништат отколку поголемите балистички ракети.“

Иран Керманшах 2024 | Ирански камиказе дрон Шахед-136
Со беспилотните летала од типот Шахед 136, Иран може да нападне важна инфраструктура во противничките земјиФотографија: Middle East Images/picture alliance

САД дневно трошат околу една милијарда американски долари (околу 860 милиони евра) за војната во Иран, а Пауел забележува дека „системите потребни за уништување на овие дронови се значително поскапи од самите дронови.“

Може ли Иран да го обнови арсеналот на ракети и дронови?

Друга предност од војната со дронови за Иран е што тие може релативно брзо да бидат заменети - барем во нормални околности. „Проценетиот капацитет во мирнодопски услови е околу 10 илјади дронови Шахед месечно“, вели Пауел, но влијанието од војната останува отворено прашање.

Додека дроновите релативно лесно може да бидат надополнети, со ракетите нештата се посложени. Минатата недела генералот Али Мохамад Наеини од Исламската револуционерна гарда за државната новинска агенција ИРНА изјави дека земјата произведува ракети „дури и во воени услови“, што било „зачудувачки“. Тој наведе дека немало „посебни проблеми со резервите“. Кратко по оваа изјава, Наеини наводно бил убиен во воздушен напад.

Израел Тел Авив 2026 | Пожарникари гаснат оган по удар на иранската ракета
Ирански ракети го погодија Тел Авив во вторникот, 24 март, докажувајќи дека Иран сè уште има ракетни капацитетиФотографија: Erik Marmor/Getty Images

Сепак, останува дилемата дали Иран навистина може да обезбеди доволно брзо надополнување. Алекс Плицас, поранешен функционер на Пентагон, за канадската телевизија Си-Би-Си изјави дека Иран пред војната имал капацитет за производство на околу 300 ракети месечно, а според неговите проценки тој број сега е 40 месечно.

САД и Израел наведоа дека погодиле релевантни надземни цели за производство на ракети, но наводно има најмалку пет подземни производствени постројки кои сè уште работат во различни ирански провинции, како што се Керманшах и Семнан, како и во близина на Персискиот Залив.

Според Бурџу Озчелик, за САД и Израел е важна долгорочната неутрализација на заканата од Иран. „Да се заслабне способноста на режимот да ја обнови и реструктурира неговата ракетна програма по војната - мислам дека тоа е моменталната цел и дека тоа беше целта уште од самиот почеток на војната“, вели Озчелик.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик