1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Кога и Имануел Кант станува непријател

24 февруари 2024

Рускиот изолационизам добива гротескни размери. Сега и филозофот Кант е виновен за војната во Украина. „Тој е татко на слободата, на идејата за владеење на правото,“, велат руските критичари. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4cpJd
Статуата на Имануел Кант во Калининград  Русија
Статуата на Имануел Кант во Калининград испрскана со бојаФотографија: picture-alliance/dpa/TASS/V. Nevar

Осамената смрт на Алексеј Навални во затворот зад Арктичкиот круг може да се каже дека не беше неочекувана, а во исто време беше и шокантна. Нема емпириски податоци како таа влијаеше врз перцепциите на оној дел од општественото ткиво во Македонија кое е прилично наклонето кон Русија,  деспотското владеење на Владимир Путин и парчиња од моделот што би сакале да се примени овде. Но фактот дека на неговата мајка Људмила пет дена не ѝ дозволуваа да го види телото на својот умрен син, а откако ѝ дозволија ја уценувале да го погребе во тајност, тоа секако има влијание врз оние што се колнат во словенството и традиционалните православни вредности. Во рамките на тие вредности шетањето на изнемоштената мајка по големите снегови и страшни студови во арктичките градови, барајќи да открие каде е телото на нејзиниот сакан син, предизвикува „шмелцување“ кое тешко се објаснува, а во исто време се сфаќа дека нешто не е во ред во она во што се верува.

Но тоа не е сѐ, како што оди слоганот од една популарна телевизиска реклама. Каков систем се воспоставува во Русија за време на сегашниот претседателски мандат на Путин покажуваат и два „настани во движење“ по смртта на Навални. Независните руски медиуми јавуваат дека во Санкт Петербург почнаа да им испорачуваат покани за регрутирање во армијата (а потоа и испраќање на фронтот во Украина) на оние што биле приведени кога положувале цвеќе за спомен на Навални на симболични споменици. Приведените биле пуштани, но кога ќе стигнеле дома веќе ги чекал повикот да се јават во армијата. Стари или млади, сеедно. Неверојатен психолошки и друг вид терор.

Интервјуто со Такер Карлсон како образовен предмет

Во исто време, интервјуто на Путин со поранешниот водител на Фокс њуз, Такер Карлсон (икона на американската десница), веќе е ставено во образовните програми за руските училишта. Според упатството на министерството за образование до наставниците двочасовното интервју се нарекува „значаен образовен ресурс“ и се препорачува за употреба за „образовни цели“ - на часови по историја, општествени науки и „во контекст на  патриотското образование“.  Наставниците се охрабруваат да бидат „домаќини на класни дебати“ во кои учениците дискутираат за интервјуто. Во меморандумот се препорачува интервјуто на Путин да се користи во  лекциите по историја  за „анализа на современите меѓународни односи и нивните историски корени“. На часовите по општествени науки, интервјуто може да биде корисно за „дискусија за граѓанска одговорност и развивање критички поглед на современите политички процеси“.

Владимир Путин Такер Карлсон
Владимир Путин со поранешниот водител на Фокс њуз, Такер КарлсонФотографија: Tucker Carlson Network/Zuma Press Wire/dpa/picture alliance

„Важно е наставниците во училницата да го прочитаат ова интервју бидејќи тоа може да послужи како основа за дискусии во училницата за важноста на граѓанската одговорност и историската свест“, пишуваат авторите на меморандумот.

Ова како да произлегло од тефтерите на Мао Цедунг за време на Културната револуција. Или од првите десетина години од големите погроми на Сталин. Просто е е неверојатно каде се движи Русија.

Во тој неверојатен правец еден настан од пред петнаесетина дена изгледа дополнително шокантен. Во логиката која се испревртува како вител големиот филозоф Имануел Кант беше прогласен за виновник за војната во Украина и консеквентно – непријател. Во забревтаниот руски изолационизам многу работи се парадоксални, но оваа приказна со Кант изгледа како највчудоневидувачка.

Оваа година се навршуваат 300 години од раѓањето на Кант (1724-1804). Тој беше роден во Кенигсберг, Источна Прусија, и наводно никогаш не го напуштил неговиот град. По Втората светска војна Советскиот Сојуз ја присвои оваа територија, Кенигсберг го преименува како Калининград и сега  областа е руска енклава  што излегува на Балтичкото Море.

„Кант е одговорен за глобалниот хаос“

До неодамна, Имануел Кант беше градска маскота на Калининград, негова главна атракција и заштитен знак. Што сѐ нема именувано таму според Кант - Универзитетот Кант, улицата Кант, Музејот Кант, гробот на Кант, островот на Кант, филозофската патека на Кант, кафулето „Посета на Кант“ и пекарата „Кантови лепчиња“. Големиот филозоф беше симбол на отвореност и нагласен космополитизам на енклавата која се наоѓа меѓу Полска и Литванија. Тоа е Русија, но културниот идентитет на градот во постсоветското време беше изграден врз поинакви основи, повеќе европски.

Но точно пред две години, на 24 февруари 2022, Русија изврши целосна инвазија на Украина и наративот за Кант почна да се менува.

На 9 февруари во Светлогорск, крајбрежен град на Балтичкото Море, се одржа V конгрес на политиколози. На собирот зборуваше и гувернерот на Калининградската област, Антон Алиханов, и императивно рече рече дека германскиот филозоф од Кенигсберг, главниот град на Источна Прусија, е одговорен за меѓународниот хаос. Филозофот кој постојано се спротивставуваше на војните.

Младиот гувернер пред неколку години гордо го отвори Музејот Кант, па дури ги нарече „вандали“ групата националисти кои истурија боја на споменикот на филозофот. Сега ја води борбата против доминацијата на Кант во градот и го жртвува главниот симбол на регионот на олтарот на новиот изолационизам на Кремљ.

„Сакам да покажам дека Имануел Кант, роден овде пред 300 години, има речиси директна врска со глобалниот хаос […] со кој се соочуваме денес. Освен тоа, има директна врска со воениот конфликт во Украина“, рече Алиханов. Бидејќи „Кант е еден од духовните творци на современиот Запад“, тогаш тој ја сноси одговорноста „за сето ова“.

Во првиот ред на публиката седеше Александар Дугин, проповедникот на неоевроазијството. Тој таму беше претставник на Вишата политичка школа „Иван Иљин“. Иљин е опскурен руски филозоф од првите децении на 20. век, кој сега има армии следбеници во највисоките ешалони на руската власт, а посебно во Кремљ. Во центарот на оваа идеологија што ја промовираше Иљин, а ја спроведува Дугин, е тезата дека Русија е посебна цивилизација на која ѝ се туѓи универзалните норми и вредности, па затоа главната задача на властите во Русија е по секоја цена да го спречат нивното навлегување во земјата.

„Од Кант до Круп“

Николај Плотников, професор по интелектуална историја на Универзитетот Рур, Германија, го разобличува ова антикантијанство.

„Тонот (на Алиханов) се покажа дека е лажен. За да ја оправда својата изјава, гувернерот мораше да посегне во ковчег од старо интелектуално ѓубре и да ја извади тезата изедена од молец на еден од основачите на рускиот филозофски шовинизам, Владимир Ерн, кој пред избувнувањето на Првата светска војна, стана познат по тоа што ја прогласи Кантовата филозофија за причина за германскиот милитаризам. Неословенофилот Ерн ја спореди критиката на Кант за догмите на старата филозофија со топовите на ‘Круп’ кои ги уништуваат европските градови и повика на брзо ослободување на руската мисла од болната доминација на кантијанскиот рационализам. Ерн ја искористи својата демагошка формула ‘Од Кант до Круп’ за филозофски да ја потврди супериорноста на руското оружје над германското и во исто време да ја утврди идеологијата за супериорност на ‘руската душа’“, го оцени Плотников излагањето на гувернерот во независниот руски медиум „Медуза“.

Според Плотников, во оваа слика на светот, во која вековните тези на Освалд Шпенглер (германски полиматичар и историчар од пред сто години, чија главна книга е „Опаѓањето на Западот“) и руските евроазијци за затворени и непробојни култури се мешаат со визиите на американскиот политиколог Семјуел Хантингтон за „судирот на цивилизациите“ по распадот на комунизмот. „За приврзаниците на оваа слика на светот, Кант е навистина непријател број еден, бидејќи тој е творец на филозофијата на моралниот универзализам и нејзините принципи за безусловно достоинство на поединецот и универзалните човекови права, кои важат во сите цивилизации без разлика на културните разлики. За Кант, под какви било околности и во секој контекст, лагата останува лага, понижување на достоинството - понижување на достоинството, насилство врз личноста – насилство“, вели Плотников.

Гробот на Имануел Кант во Калининград, Русија
Гробот на Имануел Кант во Калининград, РусијаФотографија: picture alliance/dpa/I. Zarembo

Универзалниот морален принцип на Кант беше формулиран во категоричен императив: „Постапувајте на таков начин што принципот на вашите постапки може да стане универзален закон“. Во своите ескапади против Кант, гувернерот Алиханов ги употреби најсофистицираните фигури на антикантијанизмот и сакаше да ја „разоткрие сатанската природа на кантијанската филозофија, која заедно со современиот западен свет е заробена од ‘злите духови’“.

„Денес, во 2024 година, сме доволно храбри да тврдиме дека не само што започна Првата светска војна со делото на Кант, туку и сегашниот конфликт во Украина“, ги уверуваше гувернерот Антон Алиханов своите слушатели и пошироката руска јавност: „Гледано од Запад, Имануел Кант е татко на речиси сè. Тој е татко на слободата, на идејата за владеење на правото, на либерализмот, на рационализмот, па дури и на идејата за Европската унија. Некои дури велат дека идејата на Обединетите нации е негова“, продолжи гувернерот. И наведувајќи ги делата „Критика на чистиот ум“ и „Основите на метафизиката на моралот“ тој тврди дека Имануел Кант „ги постави темелите на класичната германска филозофија“, обележана со „безбожност и отсуство на повисоки вредности“.

Изгледа чудно, но Кант фигурира во историјата на руската култура како синоним за ѓаволот. Владимир Ерн, кого го споменавме погоре, а кој беше цитиран од гувернерот, бил горд што ја открил „луциферската енергија“ во филозофијата на Кант.

Дури и феноменалниот роман „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков уште во своите воведни страници се занимава со Кант. За време на чудната средба кај Патријаршиските рибници во Москва на уредникот на едно литературно списание, младиот поет и загадочниот „професор“.

„Браво! Штотуку ги потврдивте мислите на немирниот старец Имануел [Кант]. Тој ги урна сите пет докази (за постоењето на Бог), за потоа, како за потсмев на самиот себеси да создаде шести, свој сопствен доказ“, извикува „професорот“, странец кој се нарекува себеси историчар, зад кој во реалноста се крие ѓаволот во делото напишано помеѓу 1927 и 1940 година. „Да го земеме вашиот Кант и за таквите докази да го испратиме на три години во Соловки“, му вели младиот поет. Архипелагот Соловетски Острови на северот на Русија, во Белото Море, беше место за затвор и прогонство, претходник на подоцнежниот гулаг.

Но „професорот“ со некаков вознес одговара на забелешката дека на Кант за време на еден појадок му велел дека измислил нешто „несмасно, тоа е можеби умно но е многу неразбирливо. Ќе се подбиваат со вас луѓето“ и додава: „Невозможно е да го испратиме во Соловки бидејќи повеќе од сто години престојува во места кои се многу подалечни од Соловки и на ниеден начин не може да се извлече оттаму“.

Владимир Путин сто пати досега кажа дека  населението во источна Украина  историски било руско. Тоа му го рече и на Такер Карлсон. И затоа Русија требало да интервенира за да го заштити. До 1945 година населението во Калининград беше составено претежно од Пруси. Сега не е така. Сега се таму Руси. Што значи дека популацијата во Калининградската област е „вештачка“. Поради таа вистина треба да се нападне и Кант.

Сепак, вистината е во Кенигсберг, а лагата во Калининград.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема