1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јамка за високите плати на директорите

ДТЗ
15 ноември 2022

Премиерот смета дека во моментов има неконзистентност на платите, поради што Министерството за информатичко општество и администрација веќе работи на изготвување на ново законско решение.

https://p.dw.com/p/4JXoK
плати
Со закон ќе се уредат приходите на директоритеФотографија: Andrey Popov/Panthermedia/imago images

Владата подготвува нов закон за плати со којшто треба да се стави ред на енормните месечни примања на директорите. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека мора да има закон со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата особено на раководните лица, поради што предложил да се изработи закон во којшто ќе се дефинира најголемата плата во државата и сите останати ќе се унифицираат врз основа на тоа. 

Премиерот смета дека во моментов има неконзистентност во платите, поради што Министерството за информатичко општество и администрација веќе работи на изготвување на новото законско решение. „Тоа е поголем процес бидејќи се работи за голема управа со голем број на плати. Меѓутоа јас нема да отстапам од тој концепт дека мора да има закон со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата особено на раководните лица. А што се однесува до другите вработени, тоа е предмет на колективно договарање, каде што мора да учествуваат и синдикатите заедно со работодавците“, вели Ковачевски.

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека во моментов има неконзистентност во платитеФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Беда и раскош

Ваквата најава следи по објавувањето на аферата „Паразити“ од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која почна со изнесување податоци за висината на месечните примања на дел од директорите во М-НАВ. 

„Голем број владини функционери земаат месечни плати неколкукратно поголеми од минималната, додека народот тоне во сиромаштија“, изјави на прес-конференција Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од аферата „Паразити“ е Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, кој зема плата од 203.000 денари месечно, односно 3.300 евра, или 40.000 евра за една година. Партијата, како дел од  аферата „Паразити“, го посочи и директорот на ПУИК, Зоран Ѓорѓиев, со месечна плата од 105.000 денари. 

Претходно партијата обелодени и дека Фахрудин Хамиди, претседател на Управниот одбор и извршен директор во СВН во М-НАВ, кој е именуван од страна на Владата, месечно зема плата од 345.000 денари, а членот на УО и извршен директор во СВТ на М-НАВ, Владо Крстевски, зема плата од 266.000 денари месечно.

Вистински луѓе на вистинско место

Премиерот Ковачевски денеска (15.11) одговарајќи на новинарски прашања за месечните примања на членови на управни и надзорни одбори, рече дека кога се зборува за менаџирање со одредена компанија или организација, треба да се споредат перформансите со примањата.

„Опозицијата објави примања на директори на М-НАВ, кои се повеќекратно поголеми од сите примања во државата. Висината на тие примања јас не знам како е определена, бидејќи не сум се занимавал со тоа прашања. Знам дека таму при определувањето на платата има удел и меѓународните организации во кои што таа компанија членува, бидејќи се грижи за контролата на прелетите и летањето над државата. И самите видовте дека при изборот на кадри кои ќе работат таму, тоа го прават консултантски и експертски куќи надвор од државата“, изјави Ковачевски.

Тој е задоволен од работењето на сите директори коишто ги поставил на нивните функции. Според него, треба да се работи на начин да се изберат вистински луѓе за вистинско место. „Досега од тие коишто јас сум ги поставил не гледам дека има некакви недостатоци во работата, туку напротив – добро си ја работат својата работа и се надевам дека така и ќе продолжат“, изјави Ковачевски.