Секој петти граѓанин во Македонија тоне во сиромаштија
4 мај 2026
Секој петти граѓанин живее со приходи под прагот на сиромаштија, а секое второ вакво семејство се соочува со сериозни егзистенцијални предизвици.Ова го покажуваат анализите на Државниот завод за статистика, кој деновиве ги објави т.н. лакенски индикатори за 2024 година. Тие укажуваат дека стапката на сиромаштија во Македонија изнесува 21,9 проценти.
Според официјалните пресметки, прагот на сиромаштија за едночлено домаќинство изнесува 178.286 денари на годишно ниво. За четиричлено семејство, составено од двајца возрасни и две деца под 14 години, прагот е утврден на 374.400 денари годишно.
Статистичките податоци дополнително покажуваат дека без социјалните трансфери и пензиите, стапката на сиромаштија би достигнала 39,4 проценти, што ја нагласува клучната улога на државната поддршка во спречувањето на продлабочување на сиромаштијата.
Самохраните родители и многучлените семејства меѓу најпогодените
Најнеповолна е состојбата кај многучлените семејства и самохраните родители. Кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца, стапката на сиромаштија достигнува 54,8 проценти, што значи дека секое второ вакво семејство се соочува со сериозни егзистенцијални предизвици.
Слична е состојбата и кај самохраните родители, каде што 45,8 проценти живеат во сиромаштија, што укажува на системски проблем со финансиската сигурност на оваа ранлива категорија граѓани.
Невработените и децата се во највисок ризик од сиромаштија
Анализата според економската активност покажува дека невработените лица се најизложени на сиромаштија, со стапка од 45,7 проценти. Кај вработените лица, овој процент е значително понизок и изнесува 7,9 отсто, додека кај пензионерите сиромаштијата е присутна кај 12 проценти.
Гледано по возраст, децата и младите до 17 години се најзагрозени, со стапка на сиромаштија од 29,5 проценти. Кај повозрасната популација над 65 години, овој процент изнесува 20,1 отсто.
Според ланските податоци, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија. Според податоците на Државниот завод за статистика, над 120.000 деца во земјата, или 32,8 отсто од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија. Стапката на сиромаштија кај децата е за 50 отсто повисока отколку кај возрасната популација (22 отсто) и се зголеми од 28 отсто во 2015 година на 32,8 отсто во 2021 година, покажувајќи со тоа дека децата се изоставени од економскиот развој на земјата.