Нов закон: Повеќе соларна енергија, помалку бирократија
6 јули 2026
Северна Македонија усвои нов Закон за користење на енергија од обновливи извори, со кој се воведуваат побрзи процедури за добивање дозволи, развој на „зелени зони“, нови модели за поддршка на инвестиции и поголеми права за граѓаните како производители на електрична енергија. Законот создава услови за формирање енергетски заедници, олеснува поставување соларни системи во домаќинствата и воведува дополнителни механизми за заштита на животната средина.
Новиот закон воведува посебна правна рамка за развој на обновливи извори на енергија и ја усогласува државата со европските стандарди во енергетиката. Главната цел е зголемување на домашното производство на електрична енергија, намалување на увозната зависност и забрзување на зелената транзиција.
Побрзи дозволи и нови зелени зони
Една од најзначајните новини е прогласувањето на проектите од областа на обновливите извори за јавен интерес.Со тоа институциите добиваат обврска забрзано да постапуваат по барањата поврзани со изградба и приклучување на нови енергетски капацитети.
Законот предвидува формирање на посебни области за забрзан развој на обновливи извори,познати како „зелени зони“. Во нив постапките за издавање дозволи не смеат да траат повеќе од 12 месеци, за постројки со капацитет до 150 kW рокот е ограничен на шест месеци, а приоритет добиваат локации со низок ризик за животната средина.
Домашни соларни системи до 10,8 kW со значително поедноставени процедури
Новиот закон ги дефинира соларните системи со инсталирана моќност до 10,8 kW како мали енергетски објекти.
За домаќинствата се воведуваат неколку важни олеснувања:
- дозволата за поставување опрема до 100 kW треба да се издаде во рок од најмногу еден месец;
- операторот има рок од еден месец да го изврши приклучувањето на системите до 10,8 kW;
- доколку операторот не одговори навреме на барањето, се применува принципот „молчењето е согласност“.
Овие измени треба значително да ги намалат административните бариери за граѓаните кои сакаат да инвестираат во обновливи извори на енергија. Домаќинствата и компаниите полесно ќе можат да инсталираат соларни панели и да произведуваат електрична енергија за сопствени потреби. Дополнително, ќе можат да го складираат или продаваат произведениот вишок.
Три модели за пресметка на произведената електрична енергија
Законот воведува јасна поделба според капацитетот на системот и тоа нето-мерење за системи до 16 kW, нето-пресметка за системи од 16 до 50 kW и комерцијален модел за капацитети над 50 kW.
За првпат се воведува целосна правна рамка за енергетски заедници.
Граѓаните, компаниите и општините ќе можат доброволно да се здружуваат за заедничко производство, складирање и користење на електрична енергија од обновливи извори. Овој модел може да биде особено значаен за локалните заедници и општините, каде постои потенцијал за развој на заеднички енергетски проекти.
Заштита на животната средина како задолжителен услов
Новиот закон става силен акцент на заштитата на животната средина. Од зоните за развој ќе бидат исклучени подрачја со висок биодиверзитет, заштитени подрачја и главни миграциски коридори на птиците. Инвеститорите ќе мора да обезбедат финансиски средства за демонтажа на постројките и санација на теренот по завршувањето на нивниот работен век.
Дополнително, задолжителни остануваат постапките за процена на влијанието врз животната средина за проектите кои можат да предизвикаат значителни еколошки последици.
Поддршка за инвестиции и нови енергетски капацитети
Наместо фиксни субвенции, државата ќе воведе конкурентни аукции и пазарни премии за поддршка на нови капацитети.
Овој систем треба да обезбеди поголема транспарентност, стабилни услови за инвеститорите, пониски трошоци за корисниците и побрз развој на обновливите извори на енергија.
Сите постапки за следење на дозволи и приклучување на мрежата ќе се водат преку дигитална платформа. Дополнително, се зајакнува системот на гаранции за потекло на електричната енергија, со што корисниците ќе имаат потврда дека користат енергија произведена од обновливи извори.