1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Трамп заработил над милијарда долари од криптовалути

БГ /АП
1 јули 2026

Американскиот претседател Доналд Трамп пријавил повеќе од една милијарда долари приходи од криптовалути, според финансиска пријава објавена од САД.

https://p.dw.com/p/5GM8v
Американскиот претседател Доналд Трамп
Огромни профити од трговијата со криптовалути за американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: Kevin Wurm/REUTERS

Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на минатата година пријавил повеќе од една милијарда долари приходи поврзани со криптовалути, според финансиска пријава што во вторникот ја објави Канцеларијата за владина етика на САД.

Само неговиот удел во компанијата „Ворлд Либерти Фајненшл“ (World Liberty Financial) му донел повеќе од 500 милиони долари приходи, се наведува во документот. Станува збор за компанија во сопственост на семејството на американскиот претседател, која работи во секторот на криптовалутите.

Според пријавата, Трамп остварил дополнителни 635 милиони долари преку лиценцни надоместоци од т.н. „Селебрејшн Којнс“ (Celebration Coins).

Приходите на претседателот од криптовалути се под лупа и поради тоа што неговата администрација активно ја промовира трговијата со дигитални валути. Трамп изјави дека сака САД да ги претвори во „биткоин-суперсила,“ а по преземањето на функцијата започна со укинување на дел од регулативите во овој сектор. 

Криптовалути и билети за спорт

Тој, исто така, ретроактивно го помилува Чангпенг Жао, основачот на криптоберзата „Бајненс“ (Binance), кој беше осуден за прекршување на законите против перење пари. По реизборот на Трамп, „Бајненс“ воспостави блиски деловни врски со „Ворлд Либерти Фајненшл“.

Во речиси 1.000 страници долгата финансиска пријава се наведени и подароци што ги добил Трамп, меѓу кои и 10 билети за Супербол во вредност од 50.000 долари од спортската функционерка Гејл Бенсон.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, исто така му подарил 10 билети за финалето на Светското првенство во фудбал, со вкупна вредност од 15.000 долари.

Необично високите приходи на Трамп како американски претседател и претходно привлекуваа внимание. Во средината на мај, слична финансиска пријава покажа дека тој вложил милиони долари во технолошкиот гигант „Епл“ непосредно пред неговото патување во Кина. Главниот извршен директор на компанијата, Тим Кук, го придружуваше во Пекинг.

Американската администрација повеќепати ги отфрли обвинувањата за можен судир на интереси, наведувајќи дека со имотот на Трамп не управува лично претседателот.