1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборните резултати ќе ги кројат условите?

4 април 2024

Тоа е фолклор, на 8-ми мај ќе видиме кои се условите кои ќе бидат диктирани од политичките чинители, вели Мицкоски за уставните измени, кои коалицијата „Вреди“ ги посочи како нивен услов за влез во владата.

https://p.dw.com/p/4ePjI
Предизборната трка за претстојните двојни избори во РСМ зема залет и сите „главни“ играчи се уверени во сопствената победа
Предизборната трка за претстојните двојни избори во РСМ зема залет и сите „главни“ играчи се уверени во сопствената победаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Нашата коалиција и нашиот претседателски кандидат ќе победат на изборите и ние ќе ја формираме идната влада. Иста победничка проценка за исходот од двојните избори синоќа дадоа и двајцата политички опоненти - претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во нивниот тв-дуел на Канал 5. 

На прашањето - дали може да се повтори 2017 година, кога ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе пратенички мандати од СДСМ а сепак не успеа да состави влада, Мицкоски одговори: „Не, нe... Мислам дека тоа нема да се случи“.

Притоа го скицираше и идниот состав на владата.

„После овие парламентарни избори, партијата Беса на Билал Касами, исто како и Алтернатива на Африм Гаши, исто како Алијанса на Албанците на Арбен Таравари, исто како и Движењето на Изет Меџити - ќе бидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, со огромно мнозинство, во идната реформска и проевропска влада која ќе ја води Македонија од 2024 до 2028 година", рече Мицкоски.

Претседателотите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски, и Димитар Ковачевски вчера (3 април, 2024) го имаа нивниот прв тв-дуел. (архивска фотографија од јули 2022 година)
Претседателотите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски, и Димитар Ковачевски вчера (3 април, 2024) го имаа нивниот прв тв-дуел. (архивска фотографија од јули 2022 година)Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Прашан за спроведување на уставните измени, што овие партии здружени во опозициската коалиција „Вреди“ ги издигнаа како еден од условите за влез во владата, Мицкоски тоа го опиша како предизборен фолклор.

„Тоа е реторика и фолклор кој сега предизборно се споменува. На 8-ми мај сите заеднички ќе видиме кои се условите коишто понатаму ќе бидат диктирани од политичките чинители. Сите добро знаат дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ прифаќаат какви било диктати. Може да се обединиме околу платформа која значи реформи и трансформација на Македонија“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Гаранции и рамка

Претседателскиот кандидат на „Вреди“, Арбен Таравари, на вчерашната презентација на неговата платформа заснована на четири столба, се осврна на уставните измени кои се дел од првиот столб -  Северна Македонија интегрирана во регионот и во ЕУ.

„Интеграцијата во Европската Унија е наша неоспорна цел, тоа е нашиот единствен пат кон стабилност и одржлив развој и тоа е мојот највисок приоритет како претседател. Моите главни цели во оваа област се: ќе барам гаранции од високиот претставник на ЕУ дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Северна Македонија надвор од преговарачката рамка од 2022 година. Мандатот за формирање на влада ќе му го доверам на партијата или партиите кои ќе докажат дека имаат мнозинство во Собранието, барајќи од мандатарот временски ограничен план за реализација на уставните измени врз основа на член 121 од Уставот“, рече Таравари. 

Претседателскиот кандидат на „Вреди“, Арбен Таравари (трет од лево) презентираше изборна платформа заснована на четири столба.
Претседателскиот кандидат на „Вреди“, Арбен Таравари (трет од лево) презентираше изборна платформа заснована на четири столба.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Иако досега повеќе пати спомнувал „временска рамка“, до денес не е познато колкав период би опфаќала таа, а ни другите лидери од „Вреди“ досега се изјаснија по тоа прашање.

Регионална или политика на сврзани садови?

Додека Мицкоски вели дека ќе се види кои се условите на 8-ми мај, неговите потенцијални партнери најавуваат решенија, за кои и во неизборен период немало дебата. Во однос на регионалната политика, Таравари најави дека ќе му предложи на Собранието - Северна Македонија веднаш да излезе од иницијативата Отворен Балкан“, и дека ќе се заложи за зголемување и продлабочување на регионалната соработка, меѓу кои е и Косово како независна, суверена и рамноправна држава. Како што е познато, Владата во Косово не ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“, а Таравари го доби охрабрувањето да се вклучи кон опозицискиот блок и да се кандидира за претседател - токму од косовскиот премиер.

Не е познато дали за овие заложби веќе е разговарано меѓу потенцијалните коалициски партнери од сегашната опозиција, но познато е дека Таравари по презентирањето на програмата заминал на средба во Косово. Средбата самиот ја обзнани, објавувајќи фотографија на неговиот профил на Фејсбук.

Какво е влијанието на косовскиот премиер Албин Курти врз македонското предизборие?
Какво е влијанието на косовскиот премиер Албин Курти врз македонското предизборие?Фотографија: Armend Nimani/AFP

На средбата сo косовскиот премиер Албин Курти, (кој Таравари го опишува како „поддржувач на нивната кауза, инспиративен и пример за големи движења!"), присуствувал и Илир Џафери - син на Арбен Џафери, како и Фета (Абудулфета- н.з.) Алими, познат по тоа што му го спаси животот на Зијадин Села во настаните од 27-ми април 2017 година во Собранието. И покрај тоа Алими беше осуден, бидејќи како вработен во Собранието не го спречил отворањето на вратите, а по издржувањето на поголемиот дел од казната лани беше помилуван.

Посетата на Таравари на Пришина е реализирана неколку часа пред официјалниот старт на кампањата за претседателските избори закажани за 24-ти април. Кампањата официјално почна денеска (4.4.)  и ќе трае до полноќ на 22-ри април. Од денеска влегуваат во полна динамика изборните активности - напладне ќе биде промовиран изборниот штаб на кандидатот за претседател Стево Пендаровски, а ВМРО-ДПМНЕ повика на сенароден митинг кој ќе се одржи вечерва пред зградата на Владата.