1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското МНР „итно“ предупредува од патување во Русија

ЕМФ / дпа
7 март 2024

Министерството за надворешни работи на Германија ги заостри своите насоки за патување во Русија и сега „итно“ советува да не се патува во таа земја.

https://p.dw.com/p/4dFX2
Министерство за надворешни работи во Берлин
Логото на германското МНР на зградата во којашто е седиштето на Министерството за надворешни работи во БерлинФотографија: Daniel Kalker/picture alliance

Промената во насоките за патување во Русија е направена „поради континуираното влошување на ситуацијата, вклучително и зголемените произволни апсења“, соопшти Министерството за надворешни работи на Германија. Во советите за патување се наведува дека постои и ризик од самоволни апсења на германски државјани и лица со двојно - германско-руско - државјанство.

„Во врска со неовластени собири и демонстрации, во целата земја може да дојде до масивни, понекогаш насилни, акции на безбедносните сили“, предупредува Министерството за надворешни работи во Берлин. И досега од германското МНР се советуваше да не се патува во Русија, но сега во насоките е додаден и зборот „итно“.

За административните региони кои граничат со Украина - Белгород, Курск, Брјанск, Воронеж, Ростов и Краснодар, предупредување да не се патува има од почетокот на руската инвазија на Украина пред две години.

Руската влада презема остри мерки против критичарите и неистомислениците во земјата особено од почетокот на војната против Украина. Само во изминатите две и пол недели беа уапсени стотици луѓе кои сакаа да положат цвеќе за противникот на Кремљ, Алексеј Навални, кој почина во затворски логор.