1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ за изборите во Македонија: „Укинување на Северна“

БГ
14 мај 2024

Во текст под наслов „Укинување на Северна“, Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува дека во Македонија мнозинството веќе не верува во влез во ЕУ, а на таа линија ќе биде и политиката на новата влада.

https://p.dw.com/p/4fqV0
Гордана Сиљановска Давкова Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ
Гордана Сиљановска Давкова и Христијан Мицкоски ја прославуваат изборната победа на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Гордана Сиљановска Давкова стана првата жена на функцијата претседател на Северна Македонија, но таа, како што пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), најверојатно би се спротивставила на таквото именување.

„Не затоа што не се гледа себеси како жена, туку затоа што државата чиј највисок претставник е таа сега, од нејзина перспектива и натаму се вика онака како што се викаше пред преименувањето во 2018- Македонија. Со таквиот став, новата претседателка уште при преземањето на должноста предизвика скандал“, пишува ФАЦ. Весникот објаснува дека Сиљановска, како и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го бојкотирале референдумот во 2018 година, а оттогаш во повеќе наврати се изјаснувале дека не го прифаќаат новото име.

Натаму се наведува дека на постапката на Сиљановска реагирале и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која порача дека „за земјата да го продолжи европскиот, многу важно е да се почитуваат меѓународните договори, вклучително и Преспанскиот, без ограничувања“. 

„Ваквото предупредување се чини оправдано, затоа што во кругот на претседателката (Сиљановска, н.з.) има луѓе кои сериозно веруваат дека со поголем напор, и во вистински политички момент би можеле да испреговараат нов договор со Грција“.

Тоа секако нема да се случи, како што велат од Атина, додава ФАЦ.  

Слабата точка на ЕУ   

Но, предупредувањето на Фон дер Лајен има и една слаба точка, анализира натаму германскиот весник.
„А тоа е дека во ’успешен пат кон ЕУ членство', како што го опишува претседателката на Комисијата, веќе не верува мнозинството граѓани на Северна Македонија. Во 2018 година им беше ветено дека менувањето на името ќе донесе почеток на пристапните преговори со ЕУ. Но, потоа најпрво Франција, а потоа и Бугарија ставија вето. Токму на такво сценарио предупредуваа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште во 2018. Бугарските барања ги надминуваат дури и грчките во својата острина, затоа што се бара Македонците да признаат дека, во суштина, се Бугари. Тоа не може да го прифати ниту една влада во Скопје“, коментира ФАЦ
Заклучокот на весникот е дека изолацијата на Северна Македонија се заканува да го заостри конфликтот со етничката албанска заедница.
„Јужниот Балкан го очекуваат бурни времиња“, заклучува ФАЦ

Со темата се занимава и берлински Тагесцајтунг, но авторот на текстот дава малку пооптимистичка прогноза. Имено, анализирајќи го настапот на Сиљановска, ТАЦ прашува што ќе стори идната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Мицкоски откако ќе ја преземат власта.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски воопшто не сака да го изговори новото име. Но малку веројатно е дека ќе се осмели еднострано да го раскине Преспанскиот договор. Затоа што влезот во ЕУ и за национал-конзервативната партија е стратешка цел“, пишува ТАЦ

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема