Министерот за надворешни работи Вадефул доаѓа на Балканот
15 ноември 2025
Кога Јохан Вадефул на почетокот од своето четиридневно патување низ Југоисточна Европа во недела (16.11) ќе слета во Сараево, за германскиот министер за надворешни работи започнува акт на балансирање. Тој добро го познава регионот – политичарот од ЦДУ со години ја водеше групата за Западен Балкан во пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот.
Овојпат Вадефул патува не како специјалист, туку како шеф на министерство чиј курс кон државите од Западен Балкан за многу набљудувачи станува сè понејасен.
Подгорица бара јасност
Од главниот град на Црна Гора, Подгорица, каде во понеделник (17.11.2025) започнуваат политичките разговори, доаѓа учтиво, но прецизно барање за ориентација.
На една манифестација на Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) во четвртокот (13.11) во Берлин, црногорската министерка за Европа, Билјана Поповиќ, за Дојче Веле изјави дека се надева на „повеќе ангажман од Берлин и повеќе јасност дека Западен Балкан е приоритет на владата“.
За Подгорица германската лидерска енергија останува клучна – не само за билатералните односи, туку и за целата динамика на процесот на проширување во рамките на ЕУ.
Важен политички сигнал од Албанија
Во Тирана, улогата на Германија сè уште се гледа позитивно. Но албанската аналитичарка Алба Цела од Албанскиот институт за меѓународни истражувања предупредува дека поддршката од Берлин е „сè освен самоподразбирачка“.
Последниот ЕУ-барометар покажува дека само 49 проценти од Германците поддржуваат понатамошно проширување на ЕУ. Затоа Цела го оценува патувањето на Вадефул како важен политички сигнал.
Ентузијазмот за Европската Унија во Албанија е голем: поддршката за членство е над 80 проценти.
Сепак, регионалниот експерт на ДГАП, Милан Нич, предупредува дека Албанија е „само на почетокот на тешкиот пат“. И покрај добрата атмосфера, земјата „нема затворено ниту едно преговарачко поглавје“, а особено во фундаментални области мора многу да се работи.
„Ќе биде навистина болно кога ќе се дојде до прашања за сопственост, регулатива и животна средина – области каде што ЕУ-правилата мора целосно да се преземат“, вели Нич. Освен тоа, борбата против корупцијата останува постојана тема.
Во Србија ќе биде најтешко
Најделикатната средба на германскиот министер се очекува во Белград. Поддршката за ЕУ во Србија е само околу 38 проценти, а влијанието на Русија останува силно.
Политички, ЦДУ има блиски контакти со партијата на претседателот Александар Вучиќ, но Србија во извештајот за напредок на Европската Комисија има најслаба оценка во регионот.
Германскиот пратеник Борис Мијатовиќ (Зелени), кој паралелно со патувањето на министерот Вадефул е исто така во регионот заедно со својот партиски колега Антон Хофрајтер, потсетува на последните парламентарни избори во Србија во 2023 година.
Тогаш ОБСЕ во својот извештај констатираше изборни измами и манипулации. Мијатовиќ очекува Вадефул да го спомене тоа во Белград.
Покрај тоа, тој предупредува на геополитички поместувања: повлекувањето на американската организација УСАИД од медиумски и демократски програми создава „голем проблем“, бидејќи остава дополнителен простор за руско влијание.
Што со Косово и Босна?
Косово поднесе апликација за членство во ЕУ пред речиси три години. Земјата моментално е во криза – осум месеци по парламентарните избори сè уште нема влада, а можни се нови избори.
Сепак, косовските погледи се насочени кон Берлин. Политикологот Њомза Арифи вели:
„Се надевам дека ова ќе биде сигнал за политичката криза во Косово и ќе ги поттикне одговорните да најдат излез од ситуацијата.“
Во Сараево, шефот на германската дипломатија Вадефул ќе се сретне со претседателството на Босна и Херцеговина и со Високиот претставник на меѓународната заедница во земјата, Кристијан Шмит. Босна во декември 2022 година поднесе апликација за членство во ЕУ.
Да не се заборави Северна Македонија
Мијатовиќ особено предупредува да не се изгуби од вид Северна Македонија. Земјата во 2019 го смени името за да го реши долгогодишниот спор со Грција и спроведе клучни реформи. Сепак, повторно е под притисок да го промени Уставот за да ги стави Бугарите во него.
Несигурноста е голема: „Го сменивме името… Но што следува?“
Ова прашање добро го опишува губењето доверба на регионот во европскиот процес. Северна Македонија е кандидат за членство од 2005 година. Во 2022 започна преговори со Брисел, но тие едвај напредуваат. Во Скопје, Вадефул ќе се сретне со својот колега Тимко Муцунски.
Забрзување или кочење?
Очекувањата на Западен Балкан од германскиот министер се јасни: Берлин треба да се определи.
Во мандатот на неговата претходничка, политичарката од Зелените, Аналена Бербок, приоритетите беа јасни: таа ја наведе интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ како еден од трите главни фокуси.
Денес, вели Мијатовиќ, „понекогаш слушаме три, понекогаш пет приоритети – и понекогаш Западен Балкан не е меѓу нив“.
Во регионот се смета за лош сигнал и укинувањето на функцијата специјален претставник за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи во Берлин. Последен што ја имаше таа функција беше политичарот од Зелените, Мануел Сарацин. Црно-црвената коалиција, што владее од мај годинава, ја укина позицијата за да го намали бројот на владини ополномоштеници.
За Милан Нич одговорот на прашањето што планира германската влада за Западен Балкан ќе се види дури подоцна: „Во 2026 ќе стане јасно дали Германија ќе го забрза проширувањето – или пак ЕУ-процесот повторно ќе биде згмечен меѓу други конкурирачки приоритети.“