1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата критикува за корупција

23 февруари 2023

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави наводи за повеќе корупциски случаи, кои според партијата, индицираат дека зад намерата за окрупнување на мнозинството стојат коруптивни интереси.

https://p.dw.com/p/4Ns1r
ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ секојдневно објавува наводи за корупциски случаи кои индицираат дека зад намерата за окрупнување на мнозинството стојат коруптивни и теснопартиски интереси на владејачката коалицијаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Додека траат продолженија од маратонската дебата за реконструкција на Владата и зголемување на мнозинството, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во жестока офанзива да го расколеба тој процес. Партијата секојдневно објавува наводи за корупциски случаи кои индицираат дека зад намерата за окрупнување на мнозинството стојат коруптивни и теснопартиски интереси на владејачката коалиција. 

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и во вечерашното (22.02) продолжение на собраниската седница повторија дека досега не добиле образложение зошто се сменети тројцата министри од Алтернатива. Одговорот дојде, ама не од собраниската говорница, туку од гостување на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во емисијата „Аргумент“ на МРТ 2. Таравари негираше дека имало инсистирање од нивна страна да добијат одредени министерства и вели им биле понудени и ги добиле оние ресори во кои Владата не била задоволна од работата на министрите. 

„Немавме инсистирање на ова или она министерство. За оние министерства од кои тие не беа задоволни и беа подготвени да направат одредени промени, постигнавме договор да ги добиеме тие три министерства, што ќе ги водиме во наредниот период“, изјави Таравари.

Тој категорично ги демантира гласините дека вклучувањето во извршната власт се прави за да се амортизира незадоволството во ДУИ, и вели дека политичката борба со партијата на Ахмети ќе продолжи и покрај ковладеењето.

„Кога владата носи одлуки, таа ги носи со консензус. Таму нашите министри можат да се согласат со некои одлуки, со некои не, но секогаш мислат на доброто на граѓанинот“, вели Таравари. 

Според него, никогаш не се разговарало за евентуална предизборна соработка со ДУИ врз основа на проевропски фронт, а доколку тој се формира, неспорно е дека ќе бидат вклучени сите албански партии.

За бројните критики и обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ кон АА, Таравари истакна дека со антиалбанска реторика опозициската партија само си нанесува штета, бидејќи по следните избори нема да може да најде албански партнер за соработка.

Арбер Таравари влада министерства
Таравари (д.) вели им биле понудени и ги добиле оние ресори во кои Владата не била задоволна од работата на министритеФотографија: DW/P. Stojanovski

Антиалбанска или антикорупциска реторика?

ВМРО-ДПМНЕ во изминатите денови критикуваше дека влегувањето на АА во власта е „политичка проституција и политичка корупција“. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, праша како Таравари купил куќа во скопската населба Тафталиџе за 500 евра по квадратен метар. 

„Овој Арбен Таравари, кој го гледам изминатиов период, не го познавам. Па затоа јавно прашувам, дали се работи за уцена и од кој вид е уцената? Дали природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел на Скопје, во Тафталиџе, која што Арбен Таравари ја доби на поклон? Зошто велам на поклон? Бидејќи пријавил дека куќа од 261 квадрат купил за 150 илјади евра. Добро прашање е како во центарот на Скопје се купува по 500 евра за квадрат, каде не влегуваат дворот и помошните простории, и добро прашање дали тие 150 илјади евра се воопшто платени. Дали една од цените за влезот во Владата е убавата куќа која му е поклонета на Таравари?“, праша Николоски. 

Александар Николоски ВМРО-ДПМНЕ
Николоски: Дали една од цените за влезот во Владата е убавата куќа која му е поклонета на Таравари?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Како што објави неделникот „Фокус“ врз основа на обезбедена документација за овој случај, имотот што го стекнал Таравари во Тафталиџе претходно бил во косопственост на бизнисменот Исмаил Јахоски, кој е поранешен градоначалник на Пласница, денес пратеник на ДУИ, а неговото семејство ја поседува нафтената компанија „Пуцко Петрол“. 

За неделникот Таравари изјавил дека куќата е купена во 2021 година, а постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. 

„Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор. Се надевам дека тие што обвинуваат еден ден и самите ќе дозволат да ѕирнете во нивното секојдневие. Па, и да направите споредба“, рекол лидерот на АА.

(Не)подвижна лабораторија

Засега се очекува во тоа секојдневие прва да ѕирне ДКСК. Освен до Таравари, ВМРО-ДПМНЕ упати обвинувања и за сомнителните зделки на луѓе блиски до првиот вицепремиер Артан Груби. 

„Груби, да каже како неговиот брат се стекнал со дуќан од половина милион евра сред Скопје, а неговата фирма со години е во загуба? Груби да да одговори на прашањето како шалтерски работник на брат му, добива акредитација за лабораторија за баждарење на инструментите за точење нафтени деривати и течен нафтен гас на бензинските?“, праша опозицијата. 

Прстот го вперија кон Мерита Мустафи, директорка од Бирото за метрологија, која ја издала акредитацијата, посочувајќи дека истата имала непријавена хациенда на Попова Шапка од 150 квадратни метри. Денеска ВМРО-ДПМНЕ излезе со ново обвинување - дека Мерита Мустафи во 2019 година набавила подвижна лабораторија по цена од 600 илјади евра, трипати повисока од цената по која иста таква лабораторија од истата компанија му била понудена на Државниот пазарен инспекторат. Но, подвижната лабораторија набавена од Мустафи се покажала како нефункционална. 

Артан Груби ДУИ
ВМРО-ДПМНЕ упати обвинувања и за сомнителните зделки на луѓе блиски до првиот вицепремиер Артан Груби (л.)Фотографија: DW/P. Stojanovski

„За три години директорката од Метрологија, Мерита Мустафи, блиската соработничка на Груби, потрошила неверојатни 2 милиони евра за три сомнителни набавки. ДКСК и ОЈО треба да се позанимаваат со овој скандал, бидејќи може токму тука се крие и одговорот на тоа како е изградена хациендата на Попова Шапка која се крие во анкетниот лист“, се вели во соопштението на партијата.

Од ДУИ пак, инсистираат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да одговори „дали има вистина во тврдењата на неговите градоначалници дека изрично им забранил да ги легализираат домовите на Албанците во тие општини иако ги исполнуваат законските услови, дека им забранил да соработуваат со албански бизнисмени и да не издаваат дозволи за градба, со порив од расистички демографски политики“. 

Ваквите наводи од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат како невистинити.