ЕУ бара алтернатива за керозин - можен увоз од САД
21 април 2026
Со оглед на предупредувањата за можен недостиг на керозин, еврокомесарот за сообраќај Апостолос Цицикостас предложи засилено снабдување со авионско гориво од САД.
„Работиме на тоа да обезбедиме алтернативно снабдување на Европа со авионско гориво, на пример со гориво од тип А од САД“, изјави Цицикостас по денешната (21.04) видеоконференција на министрите за транспорт на ЕУ. Комисијата планира во среда, 22 април, да претстави пакет мерки за излез од енергетската криза.
Американското гориво од типот А досега не е одобрено во ЕУ. Комисијата во моментов проверува кои услови се потребни за негово брзо одобрување во Унијата, објасни Цицикостас. Потоа ќе биде донесена одлука.
Цицикостас најави и формирање тело кое ќе ја следи снабденоста и резервите на гориво во 27-те земји членки на ЕУ, особено на керозинот. Војната со Иран, нагласи тој, има „влијание врз сите видови транспорт и сите земји членки“.
Според него, 27-те држави мора да соработуваат за „да се ублажат ефектите од растечките трошоци врз граѓаните и компаниите“. Целта на Комисијата е и долгорочно да го направи транспортниот сектор поотпорен на кризи. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, минатата недела веќе се заложи за оддалечување од нафта и гас и премин кон обновливи извори на енергија и нуклеарна енергија.
Според проценката на Комисијата, во моментов нема недостиг од керозин, но ситуацијата може да се влоши во наредните недели и месеци. За тоа треба навремено да се направат подготви, изјави портпаролка на Комисијата.
И германската министерка за економија, Катарина Рајхе (ЦДУ), смета дека снабдувањето засега е стабилно. Германија, според податоците од министерството на Рајхе, веќе ослободила 50.000 тони авионско гориво од своите стратешки резерви. Резервите треба „да се користат на најдобар можен начин“, истакна Цицикостас. Овие мерки се координираат на ниво на ЕУ и во рамките на Меѓународната агенција за енергија (ИЕA).
Според Германското здружение за воздухопловна индустрија (БДЛ), од почетокот на војната со Иран, цената на керозинот се зголемила повеќе од двојно. Европа вообичаено увезува половина од својот керозин од регионот на Заливот. Колку подолго трае блокадата на Ормускиот Теснец, толку повеќе расте ризикот од недостиг.