1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган во Белград: Преговарачкиот капацитет на Турција

Ивица Петровиќ
8 септември 2022

Посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Белград помина во знакот на регионалните прашања и економска соработка. „Златно доба на српско-турските односи”, оцени претседателот на Србија, Вучиќ.

https://p.dw.com/p/4GZY6
Serbien Treffen Präsident Vucic und Erdogan
Фотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP

Како и што се очекуваше во пресрет на посетата, главни теми на разговор беа регионалните проблеми, унапредување на меѓусебната соработка, Украина и енергетиката. Претседателот на Србија ја замоли Турција за помош во снабдувањето со струја во текот на зимата и исто така изрази интерес за купување на турските дронови Бајрактар. 

Турскиот претседател од своја страна истакна дека Анкара е подготвена на секаков начин да поддржи изнаоѓање решение во спорот меѓу Србија и Косово. Што се однесува до ситуацијата во Украина, Ердоган вели дека Турција секогаш имала  политика на рамнотежа меѓу Русија и Украина,  и додаде дека во таа војна нема победници, но има многу губитници. Притоа вниманието го сврте на тоа дека Русија не смее да се потценува и дека грешат оние кли го прават тоа.

Земјоделската соработка има постојан раст, а според зборовите на Ердоган, со укинувањето на визите и потпишувањето на протоколот за влез во двете земји само со лична карта, дополнително ќе се унапреди добрата соработка меѓу двете земји. Ердоган изрази надеж дека ќе дојде до помирување на сите три заедници во БиХ и дека Балканот веќе нема да може да толерира такви проблеми.

Скокна цената на Ердоган

Турција е многу заинтересирана за балканскиот регион,  а има и потенцијал за решавање на спорови, оценува за ДВ политикологот Драгомир Анѓелковиќ и додава:

„Од една страна има големо влијание врз Бошњаците во БиХ и Санџак, како и врз Албанците на Косово и во Македонија, а од друга страна изгради добар однос со Србите во Србија и Република Српска. Ердоган, кој важи за исламистички настроен политичар, успеа да се издигне над едностраноста која на овие простори ја имаа други турски влади”, смета соговорникот на ДВ. Александар Попов, директор на Центарот за регионализација, за ДВ вели: „Ердоган досега имаше позитивна улога во регионот и успеваше некако да ги смири тензиите меѓу Белград и Сараево. Мислам дека може и натаму да ја игра таа позитивна улога со тоа што неговата цена порасна по агресијата на Русија врз Украина, бидејќи успеа да задржи неутрална позиција и има преговарачки капацитет“, смета Попов.

Russland Erdogan bei Putin in Sotschi
Ердоган и Владиир Путин во август во СочиФотографија: Vyacheslav Prokofyev//Sputnik/REUTERS

(Не)значајна улога?

Понудата на турскиот претседател да посредува во дијалогот меѓу Белград и Приштина „долгорочно можеби ќе има ефект, но во овој момент најголема моќ да влијае на кооперативноста на албанската страна има Америка“, нагласува Анѓелковиќ

„Турција не може со брзи потези да заземе прво место меѓу страните кои се блиски до Албанците, но тоа не може ни ЕУ. Турција ќе се обиде преку косовскиот проблем да придонесе за некаква разрешница ако е тоа можно, и ќе настојува сѐ повеќе да биде фактор кој се прашува за нештата. Влеговме во фазата на борба меѓу големите и регионалните сили за влијание во одредени делови од светот, а  Турција сака да игра значајна улога на Балканот“,  анализира Анѓелковиќ. Премногу карти се фрлени и премногу играчи има околу Косово, забележува Попов, и потсетува дека Ердоган во таа приказна влегува со негативен предзнак „кога рече дека Косово е неговата втора земја. Сепак остана белег од тоа. Ердоган поради тоа на Косово има солидна поддршка од Албанците, но и натаму во таа приказна се главни Америка и во нешто помала мера ЕУ. Затоа не мислам дека тука може да игра некоја значајна улога“, вели директорот на Центарот за регионализам.

Инвестициите на прво место

 Големо внимание при посетата на турскиот претседател беше посветено на економските односи меѓу двете земји. Сегашниот обем на размена на стоки е околу две милијарди долари, а турскиот претседател наведува дека целта е таа размена наскоро да достигне пет милијарди долари. Турските компании во Србија вработуваат околу 10 илјади работници. Драгомир Анѓелковиќ посочува на фактот дека Турција инвестира во оние делови на Србија каде што никој друг не инвестира.

„Ако ја погледнеме структурата на нивните инвестиции, тие често се во многу неразвиени области, што е од големо значење за Србија. Имајќи предвид дека и Турција е во економска криза, сега е важно Белград и Анкара политички да се договорат овие компании да не се повлечат“, подвлекува Анѓелковиќ.

Проблеми за Балкански тек

Сегашната енергетска и кризата со гасот му даде дополнително значење на таканаречениот Турски или Балкански тек, кој во моментов е една од постабилните линии на снабдување со гас, за што Анѓелковиќ вели: „Овој гасовод е од големо значење за нас, но за тоа не се прашуваат само Турција и Русија, туку и Европската Унија. Доколку продолжи дополнителното усложнување на геополитичките односи, веројатно ќе биде загрозен и Балканскиот тек. Бидејќи ако преку останатите текови нема гас, а преку овој има - Европската унија нема да дозволи да се користи“, нагласува Анѓелковиќ. Економијата и инфраструктурата секако имаат дополнително влијание во регионот и не случајно се турка автопатот Белград-Сараево, вели Александар Попов.

„Тоа е таканаречено меко влијание во регионот, но во крајна линија тоа е сепак корисно за регионот. Таа симболика на поврзување на Белград и Сараево, на крајот на краиштата, е многу добра. Економските односи ќе зависат и од светските трендови, кои сега не се позитивни, но во секој случај Турција ќе гледа да биде присутна во оваа област преку економски и инфраструктурни проекти“, заклучува Попов.