1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Државата против Трамп

4 август 2023

Проблемот е што планот на федералната држава да го скроти или елиминира Трамп може и да не успее. Лудилото на Републикансата партија и електоратот оди дотаму што поддршката за Трамп само расте. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4UlPw
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Специјалниот обвинител Џек Смит поднесе федерално обвинение против Доналд Трамп, како дел од истрагата за неговите напори да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година, кои доведоа до упадот на Капитолот на 6 јануари 2021 година.

Обвинението на 45 страници се состои од четири точки, во кои Трамп е обвинет за заговор за измама, заговор за попречување на службената постапка (пренос на власта), попречување и обид за попречување на службената постапка, како и за повреда на правата гарантирани со законите и Устав на САД. Во обвинението се додава дека Трамп имал и шест соучесници, но нивните имиња не се споменуваат.

Доналд Трамп лажел знаејќи дека лаже со цел да го промени исходот од изборите во 2020. Спровел завера со цел да остане на моќ базирана токму на неговите лаги, истите изречени на 6 јануари кои потоа го поттикнаа упадот на Капитол Хил. Тоа е суштината на 45-те страници обвинение и на најновата, трета по ред епизода во напорите за политичко-правна елиминација на Трамп од причина што е штетен по здравјето на нацијата. Не случајно, насловот и името одбрано за обвинението гласи: United States v. Donald Ј. Trump.

Овие обвинувања тежат многу повеќе од досегашните – постапката во Њујорк поради фалсификување на документи и постапката во Флорида за земање и чување на државни тајни документи. На ова тешко обвинение наскоро може да се придодаде и четвртото, за обид за преиначување на изборните резултати во Џорџија преку корумпирањето на локалниот државен секретар, републиканецот Бред Рафенспергер на кој Трамп заканувачки ќе му каже: „Најди ми 11 илјади гласови што ми фалат...“

Според американските медиуми во игра е самата есенција на американската демократија. Затоа и американската Правда, односно самата држава се конституира како тужител со цел да се заштити тоа што е најважно за американската политика и апарат, односно, институционалната сигурност и гаранции.

Симптом на американската идентитетска криза

Се разбира за антисистемски народ и нација како нашата, таквите термини звучат како чиста апстракција, кога во суштина тоа е еден од најважните ресурси на секоја земја. Америка секогаш ги славела своите изборите, правела церемонија, дури и за време на Ѓраѓанската војна. Американската монета го врти светот и го гарантира секој кредит. Америка го нуди и рекламира својот политичко-економски модел како најразвиена форма на човечки соживот, прогрес и цивилизација, па оттука, мора особено внимание да покажува на својата форма и на институционалниот кредибилитет. Кредибилитет кој со Трамп и новата ера на Републиканската партија е сериозно загрозен и нагризан одвнатре. Тоа е и причината или поточно, симптомот на американската криза на идентитет.

Подемот на Трамп и трансформацијата на „The Grand Old Party“ која во рок од две-три децении премина прво од „Законот и Ред“ на Реган, во демократскиот интервенизам и неолиберализам на Буш помладиот, за сега комплетно да забега во востаничкиот суверенизам на Трамп, говори за кризата на партијата и промените во нејзиниот електорат, како и за политичката, културната и моралната криза кај нацијата водилка на западниот свет.

Од тие причини федералната држава почнува да активира серија на мерки против тоа што го смета за системски непријател. За Трамп пак ова е завера на негова сметка, и неговиот ентураж ги обвини Џо Бајден, обвинителот Смит и министерската Гарланд за употреба на техники од нацистичка Германија и од сталинистички СССР. Се разбира, за Трамп ова е завера, додека за државата е процес на самозачувување.

Засега оваа битка се води правно, затоа што за институциите е клучно да се поврати легалноста. Во надеж дека овие обвинувања, иако можеби ќе му помогнат на Трамп да стане кандидат за претседателските избори, сепак ќе направат да им се згади на доволно голем број гласачи за да не може да победи. Конечно, преку процесите државата гледа можност да му ја отежни предизборната кампања, која неминовно во март и во есен 2024 ќе се поклопи со судските рочишта.

Судски цртеж од Доналд Трамп за време на рочиштето во Вашингтон на 3 август, 2023 година
Судски цртеж од Доналд Трамп за време на рочиштето во Вашингтон на 3 август, 2023 годинаФотографија: Jane Rosenberg/REUTERS

Како што рековме на почетокот, во обвинението за заговор се додава дека Трамп имал и шест соучесници, но нивните имиња не беа споменати. Медиумите сепак успеаа да ги идентификуваат можните лица, почнувајќи од екс-адвокатот и поранешен градоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани, затоа што свесно ширел лажни вести. Адвокатот од Небраска, Џон Истман кој учестувал во креирање на запалувачкиот говор и се обидел да го убеди потпретседателот Пенс да го блокира утврдувањето на изборните резултати. Адвокатката Сидни Пауел, која беше тв-ликот на наводната „Голема лага“ за изборите и која упорно тврдеше дека се украдени.

Потоа, адвокатот од Министерството за правда, Џефри Кларк, кој сакаше да спроведе истрага за изборна измама иако знаел дека обвиненијата се лажни. Адвокатот Кенет Чесбро, „архитектот“ на целата завера, кој предложил да се именуваат лажни големи електори со цел да гласаат за Трамп и да го променат резултатот. И конечно уште еден неидентификуван советник кој составувал листа на благонаклонети адвокати и пратеници.

Закана од тотален хаос

Проблемот е што планот на федералната држава да го скроти или елиминира Трамп може и да не успее. Лудилото на Републикансата партија и електоратот оди дотаму што Трамп расте во консензусот, добива поддршка од сите против-кандидати кои би имале интерес во неговата пропаст, додека гласачите го сметаат за легално и легитимно работењето на Трамп. И кога некои дури и признаваат дека направил криминал, сепак сметаат дека криминалот е оправдлив. Речиси сите се сложуваат дека изборите во 2020 биле украдени.

Затоа правната операција против Трамп може да биде и контрапродуктивна.

Прво, може дополнително да ја делегитимира државата. Ако државата изгуби тогаш признава дека повеќе не функционира и дека нема антитела против недемократи и криминалци. Федералната држава и онака е сфатена како тиранска во Америка, како политички непријател, ама на тоа сега се додава и равенката: Држава=Демократи, Америка=Републиканци.

Ако се делегитимира американската држава, автоматски се делегитимира и американската и светската демократија. Така Америка не само што губи влијание дома, уште повеќе го губи и надвор.

Поддржувачи на Доналд Трамп во вербален судир со неговите противници во Вашингтон спроти судското рочиште против поранешниот претседател на САД
Поддржувачи на Доналд Трамп во вербален судир со неговите противници во Вашингтон спроти судското рочиште против поранешниот претседател на САДФотографија: Joshua Roberts/REUTERS

На тоа би следувала и тотална делегитимација на политичкиот систем, каде веќе владее хаос, ама сега може да завладее тотален колапс. Ако Трамп биде осуден, а сепак избран, тогаш ќе води бескрајни правни битки како самиот да се амнестира. Широко распространето мислење меѓу правниците е дека тоа не е можно, иако во уставот на САД не е разјаснето. Одлуката ќе треба да ја донесе Врховниот суд, но не постои преседан за утврдување на правото. За разлика од федералните правни случаи, кај државните претседателот нема право на амнестија, тоа право го има Гувернерот. Може да замислиме како притисок Трамп ќе врши врз Њујорк и Џорџија, односно, повторно ќе ја блокира политиката и ќе ја парализира државата.

Конечно, може да се продлабочи уште повеќе културната војна во Америка, поделбите север-југ и централна америка против двата брега, да се отвори нова димензија во интеретничката и националната омраза помеѓу самите Американци. Трамп секако не е причината за овие поделби, кои постоеле и пред него, но дефинитивно е симптом за големата идентитетска криза со која земјата се соочува.

Очекувано, Трамп се изјасни за невин по федералните обвиненија дека се обидел да ги поништи изборите во 2020 година. Процесот ќе покаже дали навистина бил виновен и дали Вашингтон погрешил што решил без преседан кривично да гони поранешен претседател. Но, тоа само кажува колкав е предизвикот и колку за државата е од витално значење да ги сочува и заштити своите институции и политичкиот систем. Од битката помеѓу Државата и Трамп, зависи добар дел од иднината на Америка.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема