1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Трамп: Историско обвинение против екс-претседателот на САД

СН/агенции | АРД
31 март 2023

Вакво нешто никогаш досега не се случило во историјата на САД: против поранешниот претседател Трамп е покренато обвинение во Њујорк. Сега му се заканува затворска казна. Самиот Трамп зборува за политички прогон.

https://p.dw.com/p/4PWvG
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп треба да одговара на суд за непријавена исплата на мито за замолчување
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп треба да одговара на суд за непријавена исплата на мито за замолчувањеФотографија: Sue Ogrocki/AP/picture alliance

Бројни медиумски екипи беа собрани околу зградата на судот во Њујорк каде по гласањето на големата порота падна историската одлука: првото обвинение против поранешен претседател на САД. 

Окружниот обвинител Алвин Брег кој ја предводи постапката не даде никаква изјава пред новинарите во Њујорк. Претходно, Брег, меѓутоа писмено објави дека судот контактирал со адвокатот на Доналд Трамп за да го координира неговиот трансфер во Њујорк за покренување обвинение. Обвинението се уште е запечатено. Деталите на обвинението засега не се познати, истакна поранешниот обвинител и шеф на Правниот институт на Универзитетот во Њујорк, Мајкл Волдман за телевизијата Си-Ен-Ен: 

„Но, се верува дека тие се однесуваат на плаќањето поткуп за молчење, кои биле забошотени за да се држат работите во тајност. И оти тоа е направено за да се зајакне неговата предизборна кампања. И тоа сама по себе би било форма на незаконитост“, изјави Волдман. 

Поткуп за замолчување на порно-актерка 

Тогашниот претседателски кандидат Трамп сакаше да ја замолчи порно-актерката Сторми Даниелс во 2016 година. Таа тврди дека двајцата имале врска. Даниелс се закани дека ќе излезе во јавност. Плаќањето поткуп за молчење не е противзаконско во САД. Но нелегално е неговото затајување во платните биланси. Особено кога станува збор за незаконски донации во кампањи за сопствена полза.

Стефани Клифорд алијас Сторми Даниелс вели дека имала афера со Доналд Трамп и добила поткуп за молчење (архивска фотографија)
Стефани Клифорд алијас Сторми Даниелс вели дека имала афера со Доналд Трамп и добила поткуп за молчење (архивска фотографија)Фотографија: SMG/ZUMA Wire/picture alliance

Волдман е сигурен дека обвиненијата се засноваат на сериозни точки: „Би бил многу изненаден, ако станува збор само за техничка работа, билет за непрописно паркирање“. Валдман вели дека е поверојатно „да станува збор за нешто сериозно со десетици обвинителни точки“.

Трамп зборува за политички прогон

Јавното обвинителство во родниот град на Трамп со години го истражува ова прашање и конечно ја формираше таканаречена голема порота. Трамп зборува за „политички прогон и мешање во изборите на највисоко ниво во историјата“. Други републиканци, исто така, реагираа бесно и го критикуваа окружниот обвинител Брег. Погрешно, вели правниот експерт Волден: „Тоа не беше Алвин Брег наспроти Доналд Трамп. Или Окружното обвинителство на Менхетен против Трамп. Ова беше голема порота“. 

23-члената порота, составени од граѓани по случаен избор, ја донесе својата одлука откако сослуша бројни сведоци. Американските медиуми, повикувајќи се на адвокатите на Трамп, објавија дека поранешниот претседател веројатно би можел да се соочи со правдата во Њујорк во наредната  недела. Обвинителството на Менхетен само наведе: Дополнителни детали ќе бидат соопштени веднаш штом ќе се одреди датумот за судското читање на обвинението. Судот, тајната служба и њујоршката полиција внимателно ќе го разгледаат ова, изјави поранешната обвинителка Анемари Мекавој за германскиот јавен сервис АРД: 

Тие размислуваат што е најдобро за секого, исто така во однос на безбедноста на жителите на Њујорк и нивната слобода на движење во случај на протести. Можеби ќе кажат дека би било полесно да го остават Трамп на Флорида. Барем засега. Но, во одреден момент тој ќе мора да се појави. Можно е и тој да биде осуден. „Тој би можел да заврши во затвор“, рече Мекавој.

Кандидатура од затвор? 

Со оглед на 76-годишната возраст на Трамп и можната должина на ваков кривичен случај, тоа е малку веројатно. Но, не е исклучено, вели адвокатот Мекавој.

Можно е тој да мора да оди во затвор на четири години. Но, верувале или не - дури и оттаму теоретски би можел да се кандидира за претседател.

Но, многумина се прашуваат дали тоа би било во интерес и на неговата Републиканска партија. Полицијата во Њујорк е во состојба на зголемена готовност. Сепак, засега нема конкретни закани од можни бесни поддржувачи на Трамп.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема