1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојрански договор за членство во ЕУ во 2026 година

26 октомври 2022

Историјата покажа дека никој не може да гарантира што ќе се случи за 7 или 8 години. Затоа нѝ е потребна брза лента за влез во ЕУ и обединето чекорење по таа лента на сите наши политички чинители. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4IfsH
Прашањето за македонското членство во ЕУ остана нерешено со Преспанскиот договор
Прашањето за македонското членство во ЕУ остана нерешено со Преспанскиот договорФотографија: DW/M. Maksimovic

Во триесетгодишната политичка историја на суверена и самостојна македонска држава, како да стана правило кризите и проблемите да се решаваат со договори кои се именувани според природните езера во Македонија. Прво беше Охридскиот рамковен договор, па следеше Преспанскиот договор. Изгледа е време да се склучи нов, овој пат Дојрански договор.

Конфликтот од 2001 година се случи во многу лошо време и по мене спречи Македонија многу порано да стане полноправна членка на НАТО, а потоа и на ЕУ. Иронично, но оние кои најмногу зборуваат за наше членство во НАТО и ЕУ се токму тие кои со пушки и кофликт, оневозможија тогашното ВМРО предводено од Љубчо Георгиевски да го реши спорот за името кој го имавме со Грција и да станеме полноправна членка на НАТО, а во ЕУ да влеземе пред Бугарија или заедно со нив и Романија. Мислам дека доколку не беше инсценираниот конфликт од 2001 година, постоеше голема веројатност тогашното ВМРО да го реши спорот со Грција. Ако ова се случеше Македонија денес ќе беше сосема друга држава, а не заглавена на балканските историски буништа.

Но, наместо Охридскиот договор да беше договор за решавање на нашиот спор со Грција, кој многу веројатно ќе беше далеку подобар од сега потпишаниот Преспански договор, заради конфликтот кој одговараше само на истите оние играчи на кои и денес им одговара да не станеме членка на ЕУ, ние влеговме во тотално непотребен конфликт кој еве 21 година подоцна, не заглави во оваа глупава ситуација да мораме да бираме помеѓу националниот идентитет и ЕУ. Но, сепак и најважно од сѐ, Охридскиот договор спречи поголема војна и можен распад на државава, па од тие причини добро е што се потпиша, па ваков или таков, сепак треба да го почитуваме.

Повеќе од авторот: Референдумски дилеми

Потоа, 17 години подоцна се потпиша Преспанскиот договор. Со него се реши проблемот кој Грција го имаше со нашето уставно име на начин што ни се смени нашето уставно име. Грешка беше што со Преспанскиот договор не се затвори комплетно македонското прашање, односно Преспанскиот договор беше договор за наше членство во НАТО, но не и за наше членство во ЕУ.

Неисполнети ветувања 

Треба да остане запаметено дека Преспанскиот договор ја внесе македонската држава во НАТО и овозможи признавање на нашата црква односно од трите отворени прашања, НАТО, ЕУ и Црквата, Преспанскиот договор реши две, а прашањето за наше членство во ЕУ остана нерешено. Вербата дека усмените гаранции што ги дале некои челници на најсилните ЕУ членки ќе се реализираат и се доволни, излезе дека било погрешно политичко верување и погрешна политичка проценка. Резултатот од таа погрешна проценка беше француското вето, непосредно по потпишаниот Преспански договор. Бугарија во тој момент не беше пречка, но потоа како некој да ја мотивираше да стане. Денес, четири години потоа, таа мотивација доведе до огромна, страшна и  неевропска омраза која се створи помеѓу Македонците и Бугарите. Затоа барање усмени гаранции од ЕУ или од било која нејзина членка, па макар тоа биле Германија и Франција заедно, само по себе е недоволно. 

Како функционира процесот на проширување?

Процесот на пристапување во ЕУ, има три главни чекори: кандидатура, пристапни преговори и ратификација на договорот.

Никола Тодоров, автор на колумната
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Една земја може да стане официјален кандидат откако ќе ги исполни основните политички, економски и реформски критериуми. Потоа следи започнување формални преговори поврзани со шест кластери кои покриваат различни области на политиките на ЕУ. Откако ќе завршат преговорите и реформите, се финализира Договорот за пристапување се потпишува од земјата-кандидат и Европската унија (со согласност на Советот, Комисијата и Парламентот), кој потоа треба да биде ратификуван од сите постоечки земји-членки на ЕУ и од земјата кандидат, пред земјата формално да се приклучи на ЕУ.

Повеќе од авторот: Скандал! Мицкоски и Ковачевски ја спасуваат државата во време на криза

Фазата на преговори за пристапување во ЕУ досега била најдолгата фаза. Преговорите за пристапување започнуваат на начин што земјата кандидат ги прилагодува своите национални закони за да се усогласи со правилата на ЕУ, наречени acquis. Преговорите формално завршуваат откако секое од поглавјата поделени во кластери ќе бидат едногласно затворени. Помеѓу сегашните членки на ЕУ, времето помеѓу започнувањето на преговорите и потпишувањето на договорот за пристапување траело во просек околу четири години. Од актуелните земји членки  најдолго траеле преговорите со Португалија (6,7 години), а најкратко за Австрија, Финска и Шведска (нешто над 1 година).

Брза лента кон ЕУ 

Македонија доби препорака за отпочнување на преговорите уште во далечната 2009 година. Многу одамна работиме на прилагодување на нашето кон европското законодавство. Усвојувањето на правото на ЕУ е услов, а не предмет на преговарање со Унијата, па не би требало ова да биде проблем. 

Членството на Северна Македонија во ЕУ во 2030 година изгледа далечно
Членството на Северна Македонија во ЕУ во 2030 година изгледа далечноФотографија: DW/M. Maksimovic

Предолго сме заглавени во овој процес, па веќе како никој да не верува дека некогаш ќе станеме ЕУ членка. Поминавме многу, од ембарга, затворени граници, девастирачка приватизација, пирамидални штедилници, конфликт, промена на устав и промена на уставното име. Можеби затоа, време е сите партии, обединето, да побараат склучување на трет и последен, Дојрански договор за наше полноправно членство во ЕУ на 01.01.2026 година. Тоа е за нешто повеќе од 3 години од сега. Возможно е. Ќе направиме се што направиле останатите кои денес се земји членки на ЕУ за рекордно брзо време бидејќи се подготвуваме за ова, еве веќе 17 години. Ни треба мала помош, прво, да не заштитите од самите себе и од нашиот порив за самоуништување во клучен момент, но и по патот да не ни наметнувате нови, неевропски услови или да ни поставувате подвижна мета.

Повеќе од авторот: Европа нѐ чека со отворени раце, здравје боже за едно 40 години

Ако промената на Уставот е последниот врел костен што треба да го голтнеме, можно е да најдеме сила и тоа да го сториме, но ако знаеме дека потоа ќе разговараме само за поглавјата и ако знаеме дека на 01.01.2026 година, заслужено, ќе станеме рамноправни европски граѓани. Членството во ЕУ во 2030 година изгледа далечно и го зема аргументот на секој европски ориентиран наш граѓанин во дискусиите со евроскептиците или противниците на наше членство во ЕУ. Историјата покажа дека никој не може да гарантира што ќе се случи за 7 или 8 години. Затоа потребна ни е брза лента за влез во ЕУ и обединето чекорење по таа брза лента на сите наши политички чинители.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Луѓе пред служба за изадавање пасоши во Бугарија
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница