1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Преспанскиот договор ги исполни целите

17 јуни 2022

Имајќи ја во вид руската агресија врз Украина, јасно е дека со Преспанскиот договорот и членството во НАТО донесовме навремена, разумна и државничка одлука, вели претседателот Стево Пендаровски за ДВ.

https://p.dw.com/p/4CrAi
Stevo Pendarovski
Фотографија: President of North Macedonia

„Иако историската дистанца сè уште е релативно кратка, заклучокот е јасен - Договорот ги постигнува целите поради кои беше склучен и со тоа ја потврдува исправноста на тогаш донесената политичка одлука. Прво, ако тргнеме од актуелниот контекст, а, имајќи ја во вид руската агресија врз Украина, јасно е дека со Договорот и неговата директна последица - членството во НАТО донесовме навремена, разумна и државничка одлука“, вели шефот на државата Стево Пендаровски за ДВ на четвртата годишнина од потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција. 

Претседателот посочува дека со тој Договор Грција го признала правото на самоопределување на македонскиот народ со сите негови лингвистички и културни посебности - македонскиот јазик, националната македонска култура и идентитет. Договорот беше формално потпишан во селото Нивици на грчката страна од Преспанското езеро на 17 јуни 2018 година, од тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕиас, придружувани од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.  

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt  Zaev und Tsipras
Премиерите на С. Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас по потпишувањето на Преспанскиот договорФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

„Притоа, Договорот не дозволи историските несогласувања да имаат приоритет над иднината и во таа насока ја разграничи Хеленската цивилизациска традиција од нашата македонска словенска традиција, а сите спорни прашања ги остави да ги решава историската наука без поставување на рокови како притисок од политиката врз науката. Преспанскиот договор ги постави билатералните односи меѓу нашите држави на стабилни основи, овозможувајќи развој на политичката и економската соработка и инвестициите што е стратешки важно за нас имајќи го предвид значењето на Грција и на нејзините пристаништа.

Заминувањето на последните „преспанци“

„Првата посета на еден македонски претседател во историјата и фактот дека официјалните разговори во Атина се водеа на македонски и грчки јазик, доволно зборува за тектонските промени што се случија во билатералните односи. Конечно, Преспа е уникатен пример за постигнување на решение за исклучително комплексно прашање на мирен начин, со дипломатски средства. Со тоа, Договорот постави цивилизациски стандард за решавање на споровите во регионот и пошироко, кој тешко ќе може да биде занемарен во идни слични ситуации“, изјави Пендаровски за ДВ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема