1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Атентат врз Путиновата идеја за империјална Русија?!

26 август 2022

Самиот атентат делува како порака против војната, но неминовно ќе ја засили раката на „јастребите“ во системот на Путин, кои се залагаат за непомирлива и екстремистичка позиција кон Украина. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4G4K0
Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Кој и да стои позади обидот за атентат на Дугин, каде беше убиена неговата ќерка во експлозија на бомба во нејзиниот автомобил, една работа е јасна. Овој напад за Русија преставува голем стратешки проблем, каде на точно 6 месеци од инвазијата врз Украина, сега ќе мора да пренасочи големи човечки и материјални ресурси во заштита на цели кои до вчера ги сметаше за недопирливи. Кремљ сега мора да се позанимава и со вториот фронт, оној домашниот, каде најверојатно ќе мора да се соочи со внатрешните борби помеѓу различните режимски фракции, анксиозни да дојдат до што подобри позиции во пост-воената фаза, како и со судот на јавното мислење, каде опозицијата кон војната полека ќе расте. Некои нападот го нарекоа и како почеток на пост-Путин фазата, но и дека чинот е порака до самиот Путин и неговата номенклатура.

Политичката (зло)употреба на атентатот од страна Москва веќе е видлива. За кратко време беа затворени последните претставници на опозицијата и Путин со декрет нареди зголемување на бројот на војници за 137 илјади. Пред тоа, за помалку од 24 часа, федералната разузнавачка служба ФСБ излезе со идентификација на одговорниот, поточно, одговорната. Наталија Вовк, 43 годишна, Украинка, и нејзината 12 годишна ќерка, наводно поврзана со полкот Азов, нешто што Киев го демантираше, како што ја негираше и сопствената вмешаност.

Местото на атентатот врз Дарија Дугина
Местото на атентатот врз Дарија ДугинаФотографија: Investigative Committee of Russia via REUTERS

Проблемот со оваа теорија е што токму руските служби излегуваат како неспособни и посрамени. Според ФСБ осомничената Вовк цел еден месец работела без никакви пречки, прошла со својот мини купер 750 километри, се населила во зградата на Дугина, поставила експлозив под автомобилот и побегнала во Естонија. И се тоа во една земја каде не само што државното следење е норма, каде поради војната циркулираат многу малку странски државјани, туку и каде постои високо софистициран систем за фацијално препознавање кој гледа насекаде. И конечно, камерите на паркинот каде бил поставен експлозивот две недели претходно не работеле. Русија не е нова кон вакви наративи, доволно е да се потсетиме на двајцата руски агенти кои се обидоа да го убијат Сергеј Скрипаљ како се правдаат дека биле во Салзбури да се восхитуваат на столбовите на Катедралата. И доказите кои водат кон Вовк делуваат набрзина составени, наводната лична карта која докажува дека работи за украинската војска евидентно е фотошопирана, како и целата набрзо склопената реконструкција. Делува дека не се ни работи за сериозно испланирана „false flag“ операција, колку за обид набрзина и хаотично да се даде некаков смирувачки одговор и да се поврати некакво чувство на сигурност и контрола.

Повеќе од авторот: Путин и Петар Велики

Подеднакво нереална делува и хипотезата дека вистинската мета е Дарија Дугина, а не нејзиниот татко Дугин. Тука би требало да поверуваме дека украинските власти потрошиле огромни ресурси за убиство во самата периферија на Москва, на „второразредна" коментаторка, без оглед колку била огавен навијач за руските злосторства во Украина. Истото може да се каже и за самата Украинска држава, која досега извршуваше многу разумни и прецизни напади на руско тло, и нејасно е која би била нивната придобивка од убиството на Дугин или Дугина. Се разбира, постојат Украинци кои во Дугин гледаат поттикнувач на овој конфликт, но досега ќе имаше некакво преземање на одговорност, нешто што комплетно изостана. Со исклучок на дубиозната и досега непозната руска група, Национална републиканска армија, која презеде одговорност за нападот, како што изјави поранешниот руски пратеник Илја Пономарев. Постоењето на таа групација досега не е потврдено, додека Пономарев во своето обраќање само повеќе ја замати водата, наместо да фрли некакво светло врз настанот. Пономарев всушност му направи услуга на Путин, за се ова да наликува на советска „дезинформација“ од времето кога со КГБ раководеше Јури Андропов.

Тезата дека Дугин самиот го организирал атентатот во име на оркестрирана политичка кампања е дотолку непристојна, што не ни треба да се земе предвид. Остануваат теориите дека станува збор за внатрешна иницијатива, раководена од домашни апарати и органи кои се против војната или од некои дисиденти. Реалноста е дека никој не знае што навистина се има случено, но кој и да е одговорот суштината не се менува.

Александер Дугин на погребот на неговата ќерка Дарија Дугина
Александер Дугин на погребот на неговата ќерка Дарија ДугинаФотографија: Vladimir Kondrashov/AP/picture alliance

Како што сега Русија ја зајакнува одбраната на Крим, Кремљ ќе мора да посвети многу повеќе стратешки и логистички ресурси на внатрешната безбедност. Дугин ќе добие заштита, како и многу други советници, политичари и поддржувачи на режимот кои сега ќе се чувствуваат загрозени. Тоа ќе го дестабилизира руското оштество и ќе ја направи потешка војната без генерална мобилизација и ќе оттргне витални ресурси од фронтот.

Повеќе од авторот: Што по војната и евентуално Путин

Според принципот „кој има најголема корист“ од ваквиот терористички акт, делува дека станува збор за средување сметки помеѓу ултранационалистички групи длабоко вмрежени со организираниот криминал, или како што реков, судир меѓу ривални про и контра војната групации во самиот режим. Самиот атентат делува како порака против војната, но неминовно ќе ја засили раката на „јастребите“ во системот на Путин, кои се залагаат за непомирлива и екстремистичка позиција кон Украина. Атентатот со сигурност ќе се покаже како корисен за Кремљ и Путин, но останува во исто време и силен удар по неговиот имиџ. Затоа не треба да се потцени пистата која води кон пресметки за пост-Путин ерата, како и за пост-воената ера, крај кој никој сеуште не може да го види или замисли, но кој кога ќе дојде, ќе ги извади на виделина сите системски проблеми и слабости на режимот.

Тезата за поделен домашен фронт не е воопшто неверојатно, туку е нормална за една земја која не успеа во намерата брзо да ја освои Украина, и која и покрај репресијата се соочува со бројни жртви, високи цени, санкции и исклучување од меѓународната соработка и свет. Да не збориме дека Русија е позната по сериозни внатрешни преврати после секој воен пораз. Во 1905-та Царот дозволи Устав после поразот од Јапонија, во 1917-та Империјата падна пред налетот на комунистичката револуција откако беше поразена од Германците, во 1989-та, СССР се распадна откако загуби во Авганистан. Веројатно овие историски лекции и стравови кружат низ ходниците на Кремљ и меѓу ентуражот на Путин.

Тоа особено е валидно откако трите хипотези кои Москва превентивно ги замислуваше пред да се втурне во агресијата, не се остварија. Прво, дека Америка ќе биде презафатена со себе и ќе влезе во нова изолација особено после Авганистан. Потоа, дека САД и Европа ќе се оддалечат наместо да се зближат и дека Европа ќе се подели и повлече од војната. На се тоа, Русија се судри и со неверојатниот украински отпор и сега е вовлечена во војна на исцрпување, која повеќе нема никаква смисла откако Москва потфрли во сите цели, која кошта животи и ресурси, каде никој не знае што Путин навистина сака за да ја запре, војна која е блокирана веќе 4 месеци и каде Русија моментално е во дефанзива. Таквата војна против обединет Запад, кој секако има свои проблеми и цехови за плаќање, но кој и понатаму е способен да истура големо количество на оружје во Украина, наликува на изгубена војна. 

Дарија Дугина
Дарија Дугина Фотографија: TSARGRAD.TV via REUTERS

Оттука и нападот врз Дугин и неговите езотерични небулози за „Рускиот свет“ делува како политичка порака, насочена кон Путин и неговата номенклатура, односно насочена кон нивните митомански, идеолошки и империјалистички претензии за новата евроазиска Русија во која духовно ќе се обединат словенските народи против глобализацијата, демократијата и хегемонијата на Западот.

Повеќе од авторот: Путин во Техеран ја лансираше aнти-НАТО оската

Удирајќи по Дугин, некој удира по културната, филозофската и мистична самопроекција на Москва, како што удира и по филозофиите и на останатите инспиратори за нео-авторитарниот и нео-империјалистички дух на руската држава, денес инкарнирана во Путин, почнувајќи од Иван Иљин, Владимир Соловјов, па се до Николај Бердјаев, благодарение на кој Путин раскинува со руското револуционерно минато. Дугин, кој добива преголемо внимание на Западот, и кој веќе 30 години меша екстремно десничарски идеи од европска матрица со теолошка ортодоксија и култ кон Империјата, дефинитивно е поголем путинист, отколку што Путин е дугинист.

Делува дека атентатот не е толку насочен кон личноста на Дугин, колку кон самата идеја која денес ја води Русија на патот кон пропаста. А политичката инкарнација на таа идеја денеска е само Путин и никој друг. Со други зборови, метата е Путин, пораката е наменета екслузивно за него. Можеби крајот на војната вака почнува.