1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако во соседството врие, се следи или се спие?

22 декември 2022

Внимание привлече и анализа на косовската Академија за науки, во делот каде се говорело за поделба на Косово, а се спомнува и лидерот на ДУИ.

https://p.dw.com/p/4LJ2p
Срби блокираат пат во близина на селото Рударе, северно од Митровица (11.12.2022)
Во македонската јавност нема анализи за безбедносни импликации од актуелните тензии на северот на Косово (фотографија од блокада на патот во близина на селото Рударе во северно Косово од страна на косовските Срби на 11 декември 2022)Фотографија: Bojan Slavkovic/AP Photo/picture alliance

Има ли потенцијал кризата на северот од Косово да се прелее во регионот? Освен ретки политички изјави со изразена загриженост од случувањата, и со оценка дека решението е во дијалогот Белград- Приштина, нема јавни анализи за безбедносни импликации доколку дијалгот не даде резултати. Шефот на државата, Стево Пендаровски, кој денеска ќе има годишно обраќање во Собранието, последен пат на оваа тема кусо се осврна пред десетина дена, на предавањето што го одржа на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Запрашан за состојбата по актуелните тензии во северниот дел на Косово, рече дека токму во таа насока добивал прашања - дали размислува за свикување на Советот за безбедност. Пред студентите посочи дека таму постои мисија на НАТО каде што РСМ има 65 војници во последните 2 години, заедно со уште 20-тина нации кои партиципираат во неа, и дека во разговор со командантот на мисијата добил уверување дека нема да се случи ескалација од било која страна.

„Затоа, не гледам причина да се паничи народот и да го свикувам Советот за безбедност. Таму има мисија на НАТО која ги има сите овластувања и двете страни од тој потенцијален спор ја почитуваат мисијата на НАТО“, рече претседателот.

Еден ден претходно, Пендаровски на средба во Скопје со претседателот на косовскиот парламент Глаук Коњуфца, го реафирмираше ставот дека РСМ го поддржува дијалогот Белград-Приштина за изнаоѓање сеопфатно решение, со посредство на ЕУ и САД.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски не гледа причина за свикување на Советот за безбедност поради актуелните тензии во северно Косово
Македонскиот претседател Стево Пендаровски не гледа причина за свикување на Советот за безбедност поради актуелните тензии во северно КосовоФотографија: Presidency of North Macedonia

Анализа на косовската Академија за науки

Решение не е најдено, тензиите во северниот дел на Косово не се смирени, а во последните два дена медиуми на албански јазик во регионот цитираат, но и полемизираат со делови од анализа на Академијата на науките и уметностите на Косово, под наслов „Дестабилизирачките намери на Србија на Косово и на Западен Балкан“. Анализата на 39 страници, која според медиумите била објавена минатиот месец, без посочен автор, се однесува на историјатот во односите меѓу Србија и Косово, со цел да ги прикаже дестабилизирачките напори на Србија во поширок контекст. Делот кој привлекува внимание е оној во кој се говорело за поделбата на Косово.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, бил спомнат како „еден од албанските лидери во Северна Македонија кој мирно би ја прифатил поделбата на Косово“, а притоа не би барал да се приклучат кон Косово или Албанија. Според анализата, Ахмети бил резервиран околу идејата за прекројување на границите, која во 2018 година била актуализирана од поранешниот претседател Хашим Тачи. Во анализата било наведено дека по Договорот од Преспа и со членството на РСМ во НАТО, Албанците како внатрешен фактор веќе не биле релевантни, особено не во надворешната политика, иако во моментот министер за надворешни работи е Бујар Османи, бидејќи владата во Скопје ја заменила, или имала намера да ја замени нивната политичка тежина со директен пристап кон Тирана.

Во анализа на Академијата на науките и уметностите на Косово, Али Ахмети, бил спомнат како „еден од албанските лидери во Северна Македонија кој мирно би ја прифатил поделбата на Косово“
Во анализа на Академијата на науките и уметностите на Косово, Али Ахмети, бил спомнат како „еден од албанските лидери во Северна Македонија кој мирно би ја прифатил поделбата на Косово“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на косовската академија, Мехмет Краја, летото за косовски медиуми изјавуваше дека никој од косовските лидери не побарал помош или совет од нив околу дијалогот Белград- Приштина, но дека Академијата не може да остане рамнодушна во тој процес. Идејата за обединување на Косово и Албанија во една држава тој ја оцени како нормална проекција, но со потреба од претходно надминување на разликите. Една од забелешките, беше дека раководството на Албанија треба да биде подоследно, а не да биде портпарол на Србија за „Отворен Балкан“.

Намерно дигнати тензии

За разлика од академските, другите анализи во моментов се однесуваат на она што се случува конкретно на теренот и во политичките пораки. Од експертот за Балканот и професор на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, во разговор за ТВ „Н1“ беше побарана оценка за изјавата на српската премиерка Ана Брнабиќ дека „сутуацијата е на раб на оружен судир“.

Според Бибер, имало доста такви ситуации во изминатите десет години, но не се случиле оружани судири.

„Затоа мислам дека таквите шанси се прилично мали. Затоа што, од српска страна знаат дека НАТО е на Косово, а никој од Косово не сака да креира некој судир. Гледам ескалација, но не гледам можност да се влезе во некој посериозен судир, во однос на оние кои ги имаше досега“, оцени Бибер.

Но, индиректно не исклучи и таква можност, одговарајќи на прашањето како гледа на кризата на северот од Косово - како на платформа со ново утврдени позиции од кои двете страни ќе влезат во дијалог, како на потенцијал за оружен судир, или како на почеток за целосна дезинтеграција на северот на Косово?

Професор Флоријан Шмит, експерт за Балканот од Универзитетот во Грац, Австрија
Професор Флоријан Шмит, експерт за Балканот од Универзитетот во Грац, АвстријаФотографија: Uni Graz

„Може да биде и едното, и другото", рече Бибер, потсетувајќи дека актуелната криза почнала со потврдувањето на постоењето на француско-германски предлог за решавање на проблемот на Косово.

„Секоја страна, особено Србија се обидува да ја дигне тензијата за да спречи решение, или да добие подобра позиција во преговорите. Секако, конечниот резултат може да биде нешто поинаку, некоја полоша ситуација. Тие константни тензии со барикади, во некој момент може да бидат вон контрола на владите на двете страни. Но ми се чини дека досега сѐ уште се под контрола, и дека се намерно дигнати тензии, особено од српска страна, но не само за преговарачки позиции“, изјави Бибер.