Џорџија ја решава иднината на САД  | Свет | DW | 05.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Џорџија ја решава иднината на САД 

Од исходот на сенаторските избори во Џорџија зависи колку идниот претседател на САД ќе биде способен да владее. Републиканците се закануваат со отпор во случај на пораз.

Во спомен куќата на Мартин Лутер Кинг во Атланта гори вечниот пламен, недопрен од предизборната битка која со недели се одвива во Џорџија. Тој потсетува на упорноста со која црномурестиот активист за човекови права се бореше за поправеден свет. Борба која на само 39- годишна возраст ја плати со живот бидејќи неговиот сон за поправеден свет стана премногу моќен и преголема закана за белите расисти од САД кон крајот на 60-тите години. 

Борбата против расизмот трае

Карим и Џесика Стерлинг редовно го посетуваат ова место. Им дава сила и мир. Особено сега, во овие невообичаено студени први денови од новата година во Џорџија. „Мора секогаш да се потсетуваме колку далеку сме стасале. Не смее сега да престанеме да се бориме за нашите права”, вели Карим. Двојката потекнува од Џорџија и обајцата многу сакаат да патуваат. Двајцата се одушевени од Хамбург и Берлин, од Европа. И страхуваат за мирот во својата земја. „Многу нешта се ставени на коцка”, нагласува Карим. „Потребно е конечно да се направи добар социјален систем кој ќе биде праведен и ќе пружа поддршка за сите”.

USA I Reportage aus Georgia zu den Senatswahlen I Kareem und Jessica Sterling

Карим и Џесика Стерлинг стравуваат за мирот во земјата

Внимателно ја следат битката за двете сенаторски места, но не сакаат во моментов да ја кажат нивната политичка определба. „Во секој случај сум против насилство. Се надевам дека кој и да дојде на власт ќе го следи патот на Мартин Лутер Кинг”. 

Предизборна кампања во Харлем од југот”

И Сем Дени се движи во маалото познато како „Харлем на југот”. Со децении тука се одвивал животот на црната заедница во Атланта, со многу продавници и ресторани. 

Весниците за афроамериканскиот дел од населението тука имале свои редакции и тука е и црквата во која проповедал Мартин Лутер Кинг.

Дени допатувал пред една недела од северот. Всушност работи во Вашингтон во еден тинк-тенк. Тука е ангажиран во предизборната кампања. Оди од куќа до куќа, им приоѓа на луѓе на улица и се обидува да ги убеди да излезат на гласање. На крај, вели тој, изборите ќе ги одлучи за себе оној кој ќе извади најмногу гласачи на гласачките места. Ако победат Републиканците, ќе задржат мнозинство во Сенатот и би можеле да ги блокираат сите планови на претседателот

Младиот човек не крие дека ги поддржува двајцата кандидати на Демократите. „Ако Демократите не добијат мнозинство во Сенатот, Републиканците ќе ги блокираат сите важни планови, од економски пакети за помош, доселување, па сѐ до заштита на климата." Неговата прогноза за идниот демократски кандидат во такви околности е мрачна. „Во тој случај Џо Бајден од прв ден ќе се бори од позиција на пораз.”

Половина милијарда долари донации

Никогаш до сега во историјата на САД не биле дадени толку пари во предизборна кампања за сенаторски места, токму поради тоа што сега се работи за многу повеќе од само избор на претставници на една сојузна држава. Повеќе од половина милијарда американски долари се потрошени во борбата за мнозинство во Сенатот. Двајца Демократи ги предизвикуваат актуелните сенатори од редовите на Републиканците, Дејвид Пердју и Кели Лофлер. 

Еден од кандидатите на Демократите е Џон Ософ. Во разговор со ДВ го истекнува енормното значење на овие избори. Зборува за здравствена заштита како човеково право во САД, за обновливи извори на енергија и ветува нов Закон за граѓански права, „за сите да уживаат исти права, независно од бојата на кожата”. 

Рафаел Варнок се вика другиот кандидат. Од 2005 е главен проповедник во црквата на Мартин Лутер Кинг. Со нивните заеднички настапи за два месеца собраа преку 200 милиони долари донации.

Борба за моќ наместо борба против сиромаштија

Токму наспроти црквата, чии црвени цигли се наѕираат низ голите гранки од дрвјата, се наоѓа една напуштена локација. Оградата околу неа е срамнета со земја. Меѓу празните шишиња, отпад и партали поставени се евтини шатори, голем дел од нив покриени со дополнителна церада која треба да штити од дожд и студ. Овде преноќуваат од десет до 15 лица.

Џеси Глитон собира помош во својата заедница за набавка на храна која потоа им ја дели на сиромашни лица од регионот. Со неговиот бел автобус денес е дојден тука. Во кутии од стиропор дели леб и месо на луѓето во шаторите кои со благодарност ја примаат помошта.

USA I Reportage aus Georgia zu den Senatswahlen I Obdachlosenlager

Бескуќници во Џорџија

Дали ќе гласа за демократот Варнок? За Џеси Глитон ова не е вистинското прашање: „Наместо да расфрлаат милиони во предизборна кампања, треба да дојдат овде и да видат како им е на луѓето навистина. Овде се потребни пари. Но, тоа никој не го интересира. Ги интересира само моќ.“ Тој се жали: „Честопати имаме чувство дека оние од горе нѐ играат како да сме пинг-понг топче”. 

Демократите мора да ги убедат разочараните

Токму луѓето како Глитон кои имаат задршки бидејќи се чуствуваат оставени на цедило од политичките претставници, им се потребни на Демократите за да освојат мнозинство во држави како Џорџија.

Една жена која му помогна на претседателскиот кандидат Џо Бајден да ја освои функцијата и Демократите да однесат победа, е Стејси Абрамс, која е дел од изборниот гремиум во Џорџија. Нејзиниот предимензиониран портрет е на фасадата од една куќа во историскиот кварт, во кој како во микрокосмос се испреплетени проблемите на Џорџија. 

Демократската политичарка тргна по радикално различен пат. Картер Креншо, поранешен Републиканец кој поради Доналд Трамп и сврте грб на партијата и ја започна кампањата „Републиканците за Џо (Бајден)“ го објаснува нејзиниот рецепт за успех. „Таа сфати дека Демократите може да напредуваат само ако престанат да се вртат кон десно. Тие мора да се погрижат за вистинските проблеми на луѓето и со тоа да ги поттикнат досегашните негласачи да излезат и да гласаат.“ Картер Креншо има огромна верба во неа: „Таа сигурно еден ден ќе стане претседател на САД.“

Тирада од закани од Републиканците

Дали стратегијата ќе биде успешна? Ќе им појде ли од рака на Демократите уште еднаш, како во претседателската изборна кампања, со јасниот лево настроен политички курс да мобилизираат доволен број луѓе, пред сѐ Афроамериканци, за да освојат мнозинство гласови за двајцата кандидидати на Демократите?

Останува тесна трка. Реално е да се очекува дека вечер (5 јануари) нема да има првични официјални резултати, а пребројувањето би можело да се „тегне” и со денови. 

Сигурно е само дека Доналд Трамп повика на демонстрации на 6 јануари во Вашингтон и побара градоначалничката на главниот град да се држи понастрана од демонстрациите поради безбедносни причини.

На овој протестен марш против наводната изборна измама ќе учествува и сенаторот на Тексас, Тед Круз. Кружат гласини дека имал амбиции да се кандидира за претседател на изборите во 2024 година. Тој веќе сега се бори за наклонетоста од приврзаниците на Доналд Трамп. 

Во само еден час возење оддалечениот регион со најголема концентрација на бело население во Џорџија, Круз настапува на изборен митинг од каде пред гласната толпа испрати заканувачко ветување во случај двете сенаторски места да им припаднат на Демократите: „Нема тивко да исчезнеме во ноќта.“

 

Реклама