1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Криминален и опасен“: Револт по телефонскиот повик на Трамп

ЖА / агенции
4 јануари 2021

Идната потпретседателка Камала Харис го обвини Доналд Трамп за „дрска и безобразна злоупотреба на службената положба“ по телефонскиот повик во кој бара „прекројување“ на изборниот резултат во негова корист.

https://p.dw.com/p/3nU1E
USA Washington Präsident Trump telefoniert mit Putin
Фотографија: picture-alliance/CNP/AdMedia/P. Marovich

Во медиумте објавениот исечок од снимен разговор во кој американскиот претседател во заминување од државниот секретар на Џорџија бара да го промени тамошниот резултат од претседателските избори, ја вжешти политичката клима пред смената на власта во Вашингтон.

Идната потпретседателка Камала Харис поради телефонскиот разговор го обвини Доналд Трамп за „дрска и безобразна злоупотреба на службената положба“. 

Од поразениот претседател зборува гласот на очај, изјави номинираната заменичка на новоизбраниот претседател Џо Бајден на еден настап во Џорџија.

Поранешниот претседателски демократски кандидат Џулијан Кастро на Твитер напиша дека претседателот на САД ги уценува одговорните во сојузните држави и се обидува да ги украде загубените избори, неговото однесување е „криминално и опасно“.

Во исечокот од снимен телефонски разговор, кој го објавија весникот „Вашингтон пост“ и други медиуми, Доналд Трамп врши притисок врз претседателот на изборната комисија Бред Рафенспергер да „најде“ доволно гласови за да го пресврти тамошниот изборен резултат во корист на Трамп.

„Луѓето во Џорџија се гневни, луѓето во земјата се гневни“, вели Трамп потоа, не е ништо погрешно ако Рафенспергер признае дека при дополнителните пребројувања на гласовите произлегол друг резултат. Поразениот претседател во телефонскиот разговор изрекува и неодредени закани: ако Рафенспергер не ги исполни неговите барања, влегува во голем ризик.

Но, Рафенспергер, кој и самиот припаѓа на Републиканската партија, не е импресиониран од заканите: „Мислиме дека нашите бројки се точни“, одговара тој.

Џо Бајден победи во Џорџија со тесна предност од помалку од 12.000 гласови, резултатот беше потврден и по дополнителните пребројувања и проверки. Победата во Џорџија беше еден од клучните моменти за триумфот на Бајден на изборите на 3 ноември.

Доналд Трамп оттогаш обвинува за масивни изборни измами без притоа да приложи било каков веродостоен доказ. Претседателот и неговите соработници во правната битка за оспорување на изборниот резултат нанижаа серија порази пред судовите. Сепак, дел од партијата на Трамп шири сомнеж во победата на Бајден, на пример група од 12 републикански сенатори најави отпор против верификацијата на победата на Бајден во Конгресот.

Овие сенатори на седницата во среда имаат намера да побараат формирање истражна комисија која во рок од десет дена ќе го стави под лупа изборниот исход. Обвинувања за „измама“ и „неправилности“ како за изборите во 2020 досега не сме доживеале, соопшти групата. На заедничката седница на Претставничкиот дом и Сенатот треба да биде потврден изборниот резултат, што обично е чиста формалност. Иницијативата на републиканските сенатори може само временски да го одложи потврдувањето на победата на Бајден, но нема изгледи на успех.

Пред седницата на Конгресот, во Џорџија се одржуваат избори за две сенаториски места, кои имаат решавачко значење за идниот однос на силите во Вашингтон. Демократите имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом, а во Сенатот располагаат со 48 мандати, додека Републиканците имаат 50. Доколку двете сенаторски места ги добие Демократската партија, фактички ќе го освои и Сенатот, зашто при гласање, идната потпретседателка Камала Харис како претседателка на Сенатот би добила клучен глас. Ако Републиканската партија освои барем едно од двете слободни сенаторски места, го задржува мнозинството во Сенатот и има можност да ги блокира политичките намери на Бајден.

Џо Бајден на 20 јануари треба да биде инаугуриран за 46 претседател на САД. Новиот состав на Конгресот се состана уште вчера во Вашингтон. Ненси Пелоси од Демократската партија повторно беше избрана за претседател на Претставничкиот дом.