1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nord-Mazedonien  | Open Balkan Gipfel in Ohrid
Zoran Tegeltija, Vorsetzender des Ministerrats von Bosnien und Herzegowina, Aleksandar Vucic, Präsident von Serbien, Dimitar Kovacevski, Premierminister von Nord-Mazedonien, Edi Rama, Premierminister von Albanien und Dreitan Abazovic, Premierminister von Montenegro
Фотографија: Ladislav King/Government of North Macedonia

Ѓукановиќ: Не ни треба „Отворен Балкан“, туку членство во ЕУ

Катерина Блажевска
28 јули 2022

Се работи за алтернативно сценарио надвор од ЕУ, кое продолжува со великодржавни лудории и сигурно е дека би завршило со војна и со уште некој геноцид, вели претседателот на Црна Гора

https://www.dw.com/mk/%D1%93%D1%83%D0%BA%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%9C-%D0%BE%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%B5%D0%BD-%D0%B1%D0%B0%D0%BB%D0%BA%D0%B0%D0%BD-%D0%B2%D0%BE%D0%B4%D0%B8-%D0%BA%D0%BE%D0%BD-%D0%B8%D1%81%D1%87%D0%B5%D0%B7%D0%BD%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D1%80%D1%81%D0%BC-%D0%B1%D0%B8%D1%85-%D1%86%D1%80%D0%BD%D0%B0-%D0%B3%D0%BE%D1%80%D0%B0-%D0%B8-%D0%BA%D0%BE%D1%81%D0%BE%D0%B2%D0%BE/a-62622183

Иницијативата „Отворен Балкан“, во чии рамки меѓувладини групи и стопанските комори на три земјите членки (РСМ, Србија и Албанија) одржаа нова средба во Тирана, сѐ уште ја нема поддршката од сите земји и политичари од западнобалканската шесторка. Последната средба беше фокусирана на менаџирање и брза реакција при катастрофи и несреќи, недостиг на храна и при енергетска криза - прашања кои се исклучително важни во актуелниот и претстојниот период во регионот. И при такви ургентни околности, некои политичари јавно ја оценуваат идејата за  соработка во „Отворен Балкан“  како спорна, наспроти единствениот исправен пат - интеграција во ЕУ.

Приврзаник на вакво мислење е црногoрскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој не се согласува со позитивниот став на  црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ  кон „Отворен Балкан“. Абазовиќ, кој во својство на гостин во јуни присуствуваше на самитот на оваа инцијатива во Охрид, рече дека „во неа гледа и како на шанса за зајакнување на добрососедските односи, нешто со што претходно земјите од Западен Балкан не можеа да се пофалат“.

Но, Ѓукановиќ иницијативата ја смета за „многу контраверзна“.

„Станува збор за алтернативно сценарио за  иднината на Западен Балкан  надвор од ЕУ. Што не ни треба. Ни треба членство во ЕУ. Тие што не го гледаат нашиот регион во Европа, не ја гледаат ни мултиетничката демократија на Балканот. Ним им се допаѓа идејата за промена на границите, етничка и верска хомогенизација во рамки на проширените држави. Како и обично, се тргнува традиционално од српска страна, овојпат со ‘српскиот свет’. А продолжува, по автоматизам, со исти такви великодржавни лудории“, оценува Ѓукановиќ во интервју за војводинскиот портал „Автономија“.

Запрашан - знаеме ли како завршува тоа, Ѓукановиќ оди и чекор понатаму.

„Секако. Би требало да заврши со исчезнување на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Северна Македонија. Но, сигурно е дека би завршило со војна и со уште некој геноцид“, изјави црногорскиот претседател.

„Воневропски, балкански политички аутизам“

Уште од основањето „Отворен Балкан“ стана прашање на  поларизирани оценки  во регионалната јавност: за едни е одличен проект за соработка, за други - проект со сомнителна позадина. Честопати се акцентира и прашањето - зошто (освен индивидуални и неофицијални изјави на формална поддршка) ЕУ никогаш официјално не се изјаснила што мисли за инцијативата. Односно, дека „полесно може да се открие кодот на Да Винчи, отколку ставот на ЕУ за отворен Балкан“, како што коментираше еден хрватски новинар.

Од друга страна, за трите земји членки - во инцијативата нема ништо спорно и заткулисно. На последната средба се разгледувале нови можности за увоз и извоз на шеќер, масло, брашно и сол во регионот по услови кои се поволни за македонската, српската и албанската економија. Иако во овие теми нема големодржавни идеи, туку барања на решенија за реални потреби и проблеми, Ѓукановиќ смета дека таа иницијативата не е добра. На прашањето - која е алтернативата ако Црна Гора сепак не успее дa ги исполни условите за интеграција во ЕУ, тој вели дека „алтернативата е добро позната: уште подлабоко заостанување зад европското ниво на економски и демократски развој и, речиси сигурно, чести нарушувања на регионалната стабилност“.

Притоа го илустрира досегашното балканско заостанување зад Европа, низ примерот на платите во неговата земја.

„Просечната плата во Црна Гора, како најразвиена земја во регионот, е околу 700 евра. Во исто време, просечната плата во ЕУ е 1.850 евра, а во Луксембург, на пример, достигнува и до 3.500 евра. Наведената разлика е најдиректна последица на нашето талкање по патиштата на лажната историја и митоманија“, вели Ѓукановиќ.

Запрашан - дали се плаши дека Црна Гора, ставајќи ги во прашање националните интереси, би можела на крајот да биде измамена од ЕУ, медиумот му го посочува примерот на Северна Македонија „како земја која направила речиси незамисливи отстапки, поради што претрпела сериозни внатрешни турбуленции и на крајот ги отворила преговорите, но по она што голем дел од македонското општество го доживеало како национално понижување".

Interview mit Milo Ðukanović
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ е скептичен кон Отворен БалканФотографија: Idro Seferi/DW

„Не се плашам, бидејќи правилно ги дефиниравме националните интереси по тоа прашање. На Црна Гора и на нејзините граѓани им треба повисок квалитет на живот. Проверно, до тоа не може да се стигне со напуштање на матичниот колосек на европскиот развој. Нам во Црна Гора и на Западен Балкан ни треба европски систем на вредности: развиена пазарна економија, демократија, владеење на правото, почитување и унапредување на човековите права... Ако тоа нѐ води до членство во ЕУ - одлично. Ако во некој момент таа врата се затвори, тоа не значи дека треба традиционално да ја избереме најлошата замена: балкански, воневропски политички аутизам кој води кон дополнително заостанување и последично во обновување на нестабилноста. Завршиле во ЕУ или не – нам ни треба европски квалитет на живот на луѓето. И тоа е задача на секоја одговорна влада. Ако ЕУ сфати дека од геополитички интереси  ѝ треба Западен Балкан во нејзиниот состав - тоа ќе биде мудра одлука. Ако не одлучи така, можам целосно да ја замислам и развиена Црна Гора на работ на ЕУ. Зошто тоа не е наша примарна опција? Затоа што имаме националистичка средина во регионот“, вели црногорскиот претседател.

Тој не крие дека во сржта на недовербата кон оваа иницијатива се односите со Србија, кои според него „се контаминирани речиси два века“, а како проблем ги посочува и „историографските фаласификати и лаги со кои СПЦ, како најлошиот инструмент на великосрпскиот национализам и рускиот империјализам на Балканот, се обидува да ја помогне кражбата на црногорската историја“.

Приоритет - регионално енергетско поврзување

„Отворен Балкан“ беше промовиран како иницијатива која има за цел да ги поттикне  можностите за трговија  и интеграцијата на трите земји во Унијата. Во однос на последната средба во Тирана, македонската Влада посочи дека во услови на светска економска и енергетска криза, регионалното поврзување со цел поголема енергетска стабилност е најголемиот фокус на Владата на РСМ и дека истата цел ја делат и со партнерите и пријатели од регионот.

„Наш заеднички приоритет е регионално енергетско поврзување, зголемување на енергетските капацитети како и безбедно и стабилно снабдување со енергенси кои се достапни за нашите граѓани. Трите држави се согласија дека обезбедувањето храна во услови на светска криза претставува предизвик и приоритет поради што Северна Македонија, Србија и Албанија создаваат механизми за меѓусебно помагање“, соопшти Владата. Вицепремиерката на Владата на Србија и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ најави дека работната група формирана во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе им овозможи на Србија, Македонија и Албанија да соработуваат не само за надминување на енергетските проблеми оваа зима, туку и да разговараат за заеднички проекти.

„Очекувам дека работната група ќе почне со работа многу брзо и дека пред главниот состанок во рамките на иницијативата Отворен Балкан во септември ќе имаме одредени информации и предлози, да знаеме со какви капацитети располагаме и каде можеме да си помогнеме ако е потребно. Дополнително, работната група ќе работи на потенцијален заеднички инвестициски план, како во областа на електричната енергија, така и во областа на гасот“, рече Михајловиќ.

Таа додаде дека Србија веќе гради гасна интерконекција со Македонија и дека е заинтересирана и за поврзување со Албанија, која планира да изгради ЛНГ терминал.

„Ќе разговараме за сите можности и за потенцијални проекти на соларни централи, како и за заедничко балансирање, што е важно за енергетската стабилност на целиот регион“, порача српската вицепремиерка.

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, изјави дека во Тирана била постигната согласност да нема забрана за промет на основните прехранбени производи меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија.

„Склучивме договор, кој сега се подготвува и ќе биде потпишан во Белград на следниот самит во септември, дека во рамките на Отворен Балкан нема да има забрани за трговија со брашно, шеќер и основни прехранбени производи, дека ќе таргетираме капацитетите за складирање и производство во сите три земји, за да можеме да ја дефинираме подготвеноста да има слободен проток на стоки“, најави претседателот на Стопанската комора на Србија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Цар Борис Трети Охрид

„Цар Борис Трети“ внесе немир во Охрид

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница