Што сака ВМРО-ДПМНЕ? | Северна Македонија | DW | 03.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Што сака ВМРО-ДПМНЕ?

Опозициската партија се врати онаму каде што најдобро се снаоѓа – во популистичката кокетерија. ВМРО-ДПМНЕ секогаш повеќе сака да зборува за браќа и сестри и патриоти отколку за граѓани. Колумна на Љупчо Поповски.

Под сенката на големите настани и политичкиот покер во преговорите со името македонската опозиција се обидува да излезе со што помалку лузни во оваа игра со големи влогови. Откако беше збришана според бројот на мандатите на локалните избори (иако не според бројот на гласовите) опозицијата е во состојба на политичка илузија на проценките. Што да прави побрзо – да ги следи процесите покренати од Специјалното јавно обвинителство против некогашните господари во ВМРО-ДПМНЕ, кои веќе одат како на лента во судот, иако рочиштата главно се одложуваат? Да лее солзи и да пушта по некоја клетва за оние што се во притвор поради 27 април и притоа со комплетна свесна заблуда да ги велича како патриоти? Да се фали со бројката на амандманите што ги поднесе на законот за јазиците? Да истрае во заблудата дека бојкотот на Собранието е вистинскиот пат кон ревитализирањето на партијата? Да мисли дека има доволно време да заврши редистрибуцијата на моќта меѓу четите во партијата? Да верува дека со воздржаната поддршка на владата во комплицираните преговори со Атина ќе може да остане негибната, а при тоа, и во поразот и во успехот, да извлече корист од настаните? Во основа, ВМРО-ДПМНЕ мисли дека зачекорило на патот да ја добие партијата „ајнц“ со иднината и дека таа иднина претставена како враќање на власт веќе може да се види, а понекогаш дури и да се допре.

Сите овие прашања може да се сведат во три збора: Што сака ВМРО-ДПМНЕ? Ако го прашате новиот лидер, Христијан Мицкоски, неговиот одговор ќе биде професорски со политичко-бирократски вокабулар од кој нема да препознаете координати. Мицкоски можеби и без да забележи веќе е дел од старозаветната заблуда на ВМРО-ДПМНЕ. Прочитајте ја само неговата порака на профилот на „Фејсбук“: „Браќа и сестри, нашата најголема борба е борбата за Македонија... Да се бориме сите заедно за нашата татковина, аманетот на нашите предци, советот на нашите родители и сонот на нашата генерација за економски богата, евроатлантски интегрирана и земја на среќни граѓани да биде реалност. Доста е лаги, клевети, интриги, криминал, безидејност, неработа, отсуство на визија и план“.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE (Petr Stojanovski)

Христијан Мицкоски го продолжува чекорот на партијата онаму каде што таа потклекна

Заборавете на лексиката, граматиката и сѐ друго поврзано со јазикот сместено во трите реченици. Тоа е една блага конфузија. Погледнете ја популистичката кокетерија. Тоа се истите старозаветни псалми на партијата – таа секогаш повеќе сакала да зборува за браќа и сестри отколку за граѓани, таа повеќе свесно отколку несвесно се гетоизира во избирачкиот базен на рамноправни поединци, обидувајќи се истовремено да го прошири своето пледоаје меѓу Македонците, а да го стесни кај другите етнички групи. Мицкоски, барем засега, е типичен пример дека професурата на факултет нема никаква врска со широчината на визијата во едно мултикултурно општество. Тој само го продолжува истиот чекор на партијата онаму каде што таа потклекна.

„Политички терор“

Мицкоски и двајцата верни камаради од вмровското политбиро беа повикани во Брисел за европските функционери да го испитаат квалитетот на материјалот од кој се направени и да слушнат има ли промена на реториката на партијата која во минатото се заглави во националистички популизам. Средбите беа на нависоко можно ниво што може да се замисли за една партиска делегација – Могерини, Хан, тројцата европратеници кои имаат задача да го следат развојот на Македонија, и уште пет-шест други политичари. Нема ниту еден збор за она што ѝ соопштиле европските функционери на вмровската тројка – особено околу критичните преговори за името и спринтот којшто треба Македонија да го направи пред можната одлука на ЕУ за почеток на преговорите, ниту за бојкотот на Собранието – но изјавите што од Брисел ги даде Мицкоски се прозаични и како да немаат контакт со реалната ситуација.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

Во најмала рака е зачудувачки кога лидерот на опозицијата ѝ зборува на Могерини дека во Македонија сега се спроведува „политички терор“ (иако во меѓувреме беше исфрлено тврдењето дека со земјата владее хунта) и во исто време да се тврди дека таа „тероризирана земја“ добива силна поддршка за членство во Европската Унија. Што е „политички терор“? Одговорот на судските власти на постојаните барања на ЕУ, НАТО и САД целосно и без задршка да се расчистат настаните од 27 април и заради вистината ја спроведуваат истрагата за целата заговорничка мрежа. (Изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтеберг, во Собранието дека не само тој туку и сите земји членки на Алијансата биле шокирани од драматичните случувања беше најдиректниот одговор на сите „патриотски“ поплаки) Ако новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со пуштањето на истата плоча од која извираат зборовите за недолжни патриоти, уметници, пратеници... кои, наводно, без вина се држат во притвор и се врши истрага за нивната можна вмешаност и со тоа ќе ја сврти перцепцијата во Брисел и во другите престолнини (а и на граѓанството овде) е капитална самоизмама. ВМРО-ДПМНЕ инстинктивно и импулсивно се фати на тоа оро кога судот им одреди притвор на пратениците и сега таму никој нема храброст да се пушти од него.

Повеќе:

ВМРО-ДПМНЕ некогаш била уверена дека е нужен компромис, а денес?

Реформите навистина се забавени во одредени сегменти. Тоа е последица и на неснаоѓањето во владеењете на новата влада, мешањето на приоритетите, повремената какофонија во односите меѓу коалициските партнери, но новата вмровска номенкалтура треба да биде чесна и да си признае себеси каков беше нивниот удел во ова забавување на чекорот. Ако мислат дека јавноста ги заборави оние бесмислени седници и реплики кои траеја со недели кога минатото лето стигна предлогот за разрешување на тогашниот јавен обвинител, тогаш се во голема заблуда. Опозицијата има право да биде гласна, дури повеќе отколку што треба, да се служи со вешта реторика, да поентира онаму каде што можеби и нема место за тоа – но за времето коешто таа го одзела да обвиниш дека друг е крадецот е кратковидна политика.

Земете го само примерот со блокадата на законот за јазиците. Него го блокираа многумина. Прво, во Комисијата за европски прашања ДУИ стави бедем врз разгледувањето на амандманите, недозволувајќи да помине ниту првиот предлог на Беса, а камо ли да се расправа за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа опозицијата ја снема од клупите откако нејзини пратеници беа однесени во притвор. Законот е далеку од тоа да биде пошироко прифатлив. Многу негови членови се конфузни и создаваат перцепција дека државата може да биде блокирана од неговото применување. Едни уставни стручњаци велат едно, други друго. Тие се професионално убедени во тоа што го тврдат, но незабележливо станаа жртвени јагниња на политиката. Таа ужива кога принесува жртви од туѓи дворови.

Mazedonien Parlament in Skopje (picture-alliance/PIXSELL/HaloPix)

ВМРО-ДПМНЕ со своите 35.000 амандмани се реши да се обиде да направи целосна блокада на Собранието

Догледање до 22 ноември

Во таа измаченост на јавноста ВМРО-ДПМНЕ со своите 35.000 амандмани се реши да се обиде да направи целосна блокада на Собранието и како поважна последица за партијата да ги урне и оние мостови кои уште не ги изградила кон албанските гласачи. Тоа делува примамливо за одреден дел од македонските гласачи, но целосно ја дезавуира политика во најава за поголемо разбирање на потребите на Албанците. Илија Димовски, лидерот на вмровската пратеничка група, како пеливан на сред село вели дека ако партијата сакала да го блокира Собранието ќе поднесела 350.000 амандмани. И дека за завршување на амандманската расправа ќе биле потребни 70 до 150 дена.

Повеќе:

Со 30.000 амандмани не се коригира закон, туку се блокира парламентот

Мала математика за овие пресметки исфрлени од ракав – ако за еден амандман се потребни четири минути, за 35.000 амандмани ќе бидат потрошени 140.000 минути. Во часови тоа изнесува 2.333. Поделени на работни денови од осум часа на Собранието, тоа изнесува 291 ден. Ако расправата почне в понеделник и ако Собранието работи без прекин, и во саботи и во недели, расправата за амандманите ќе заврши на 22 ноември. Дотогаш ќе помине и самитот на ЕУ и самитот на НАТО. Дотогаш ќе помине, всушност, сѐ. Па ВМРО-ДПМНЕ ќе прогласи победа во битката против владата, па макар била и загубена.

Се разбира дека опозицијата има право да се бори против политиките на владата, како што владејачкото мнозинство има право да ги спроведува политиките кои ги зацртала и за кои има поддршка во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ вели дека власта ги отфрла нивните предлози, заборавајќи дека беа безмилосни за идеите на опозицијата кога тие владееја. Но, така е со политиката – нејзините предводници веднаш забораваат на нивните претходни постапки. Како и никогаш да не се случиле. ВМРО-ДПМНЕ треба што побрзо да ги реструктуира своите политики, а не новата номенклатура да се вози на старата инерција и да мисли дека треба да се помине уште една серпентина и ете – повторно да се здогледа вратата на власта. Тоа е неисцрпен извор на самозадоволство и заблуди.        

DW.COM

Реклама