1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што очекува Брисел од идниот унгарски премиер Петер Маѓар?

14 април 2026

По победата на Петер Маѓар, ЕУ очекува пресврт во Унгарија – подобрување на односите, деблокада на средствата и нов пристап кон Украина.

https://p.dw.com/p/5C7wA
Унгарија Будимпешта 2026 | Знамето на ЕУ покрај унгарски знамиња во Конгресниот центар HUNGEXPO
Унгарија се подготвува за БриселФотографија: Attila Kisbenedek/AFP

„Вечерва срцето на Европа чука посилно во Унгарија“, се израдува Урсула фон дер Лајен уште на изборната вечер. Земјата го враќа својот европски пат, а Европската Унија ќе стане посилна, порача претседателката на Европската комисија на платформата X.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја пофали рекордната излезност, која го покажува „демократскиот дух“ на Унгарците, и се радува на „тесна“ соработка со Петер Маѓар за да ја направат Европа „посилна и побогата“.

Честитки пристигнаа и од европските шефови на држави или влади со кои Маѓар во иднина ќе соработува во Европскиот совет. Францускиот претседател Емануел Макрон во изборната победа ја препозна „поврзаноста на унгарскиот народ со вредностите на Европската Унија“. Шпанскиот премиер Педро Санчез гледа победа на европските вредности и се радува на соработката. Истото го истакна и германскиот канцелар Фридрих Мерц: „Гласачите му докажаа на светот дека не постои неповратен тренд кон авторитаризам.“

Полскиот премиер Доналд Туск објави видео на X во кое очигледно разговара телефонски со Петер Маѓар. „Толку сум среќен“, вели тој, додавајќи дека се радува повеќе од самиот Маѓар.

Додека многу европски лидери го поздравуваат Маѓар како проевропска сила, Џорџа Мелони, покрај честитките, упати зборови и до поразениот, нејзиниот „пријател“ Виктор Орбан. Таа му се заблагодари за „интензивната соработка“ во изминатите години. Чешкиот и словачкиот премиер, исто така сојузници на Орбан, му честитаа на Маѓар за победата.

Крај на напнатите односи

Историските избори во Унгарија ставаат крај на долгогодишните тензии меѓу ЕУ и најдолговечниот премиер во Унијата, Виктор Орбан. Уште во 2015 година, тогашниот претседател на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, го нарече „диктатор“, иако делумно на шега. Оттогаш, односите се влошуваа поради спорови околу владеењето на правото, блокади на одлуки и последно – блокадата на кредит од 90 милијарди евра за Украина.

Орбан го призна „болниот“ пораз на унгарските избори

Во понеделникот (13.04), Урсула фон дер Лајен изјави дека овој момент треба да се искористи за промени, како напуштање на едногласноста во надворешната политика на ЕУ. Европската Комисија ќе започне работа со новата унгарска влада што е можно побрзо.

Прв тест – кредитот за Украина

Маѓар најави дека ќе ја направи Унгарија сигурен партнер во НАТО и ЕУ. Првиот тест ќе биде деблокирањето на кредитот од 90 милијарди евра за Украина, усвоен за 2026 и 2027 година. Во Брисел се очекува Маѓар да овозможи исплата и да ги напушти блокадите кон Украина.

Според експертката за владеење на правото Јулија Поце од Центарот за европски политики (ЦЕПС), нема индикации дека Маѓар ќе продолжи со блокадата, и можно е решението да дојде до крајот на мај.

Позицијата кон Украина

Во Брисел внимателно ќе се следи и позицијата на Маѓар кон Украина, особено за евентуалното членство во ЕУ. Според набљудувачите, тој не е изразито проукраински настроен и, според информации на АФП, се противи на испорака на оружје.

Еден ЕУ дипломат за ДВ изјави дека од новата унгарска влада не очекува „вртење од 180 степени“ во врска со Украина, туку воздржан пристап. Според Поце, најверојатна е „неутрална позиција“ – без учество во испорака на оружје, но и без блокирање на поддршката од ЕУ и НАТО. Како што оценува Поце, Маѓар не е проруски ориентиран. Тврдењата дека владата на Орбан ја информирала руската влада за прашања поврзани со ЕУ предизвикаа негодување во Брисел и другите земји-членки на ЕУ. Дипломатот на ЕУ вели дека се очекува да нема вакви работи.

Белгија Брисел 2026 | Самит на ЕУ | Зеленски се обрати на лидерите на ЕУ преку видео
Во Брисел внимателно ќе се следи позицијата на Маѓар кон Украина (фото: Зеленски се обраќа на лидерите на ЕУ преку видео врска, 19.03.2026)Фотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP Photo/picture alliance

Ослободување на европските фондови

Маѓар најави реформи за да се деблокираат околу 17 милијарди евра европски средства, задржани поради загриженост за владеење на правото. Реформите се однесуваат на јавни набавки, борба против корупцијата и правосудството.

Според Поце, средствата може релативно брзо да бидат ослободени, слично како во Полска по враќањето на Доналд Туск на власт. Со двотретинско мнозинство, Маѓар ќе може да спроведе уставни измени и антикорупциски мерки, оцени Поце за ДВ.

Нови конфликти и сојузи?

Маѓар, како и Орбан, има остар став против миграцијата – тема што долго предизвикува кавги помеѓу Унгарија од ЕУ. Земјата и понатаму плаќа казна од еден милион евра дневно поради непочитување на одлука на Европскиот суд.

Маѓар веќе најави дека нема да го спроведе новиот миграциски пакт, што може да доведе до нови судири со ЕУ. Земјите-членки треба да ги спроведат новите регулативи за миграцијата до јуни 2026 година. Полскиот премиер Доналд Туск минатата година исто така се изјасни против нивно спроведување.

Можно е ова да биде тема и на разговорите на Маѓар со Доналд Туск, при неговата најавена посета на Варшава. Нивните две партии се дел од конзервативната Европска народна партија.

Пјотр Бурас, раководител на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Варшава, смета дека е можно победата на Маѓар да ги засили конзервативните и „еврореалистички“ позиции во ЕУ, особено во областа на индустријата и животната средина – развој што нема да им се допадне на сите.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Лусија Шултен, дописник на ДВ
Лусиjа Шултен Лусија Шултен, дописник од Брисел фокусирана на ЕУ и меѓународните односи.