Што да се прави со Русија? | Свет | DW | 10.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Што да се прави со Русија?

„Что делат?“ Што да се прави? Со ова прашање од најважното дело на Ленин германската политика се соочува по две прашања во односот кон Русија, оценува Јерг Химелрајх.

Парламентарното собрание на Советот на Европа вчера отфрли промена на својот деловник, со коja санкциите против одделни држави членки би станале речиси невозможни. Со тоа би ѝ се излегло пресрет на желбата на Кремљ, зашто по анексијата на Крим во 2014 година, Парламентарното собрание им го одзеде правото на глас на руските претставници. Оттогаш Русите не учествуваат на пленарните седници, а Русија од минатата година го запре плаќањето во Советот на Европа. Тоа се околу 10% од вкупниот буџет. Москва го услови враќањето на својата делегација со исполнување на своето барање.

Добро е што Парламентарното собрание не дозволи да биде уценувано од страна на Русија на ваков начин. Но, отпорот доаѓаше пред сѐ од пратениците на Полска, Украина и другите поранешни советски републики. Мнозинството од германските претставници беа подготвени да ѝ излезат пресрет на Русија. Дали навистина ќе дозволат со нив да се прави сѐ?

Само слуги на Путиновата пропаганда

Истото прашање се поставува и во случајот на „Петерсбуршкиот дијалог“ кој во неделата и понеделникот се одржа во Москва и на кој за првпат не ѝ беше дозволен влез на една германска претставничка. Дали германската страна ќе дозволи Москва да ѝ пропишува кој може да биде дел од германската делегација, а кој не на централниот германско-руски форум за разговори? Во никој случај!

Deutschland Jörg Himmelreich Politikwissenschaftler (privat)

Јерг Химелрајх, автор на коментарот

Најновата навреда на германската делегација уште еднаш потенцира во каква фарса се има претворено „Петерсбуршкиот дијалог“. Зачнат во 2001 година од пријателот на Путин, тогашниот германски канцелар Герхард Шредер и самиот Владимир Путин, дијалогот од почетокот беше осуден на неуспех. Претставници на владата, медиумите, науката, културата и општеството на двете земји би требало да разговараат за развојот на цивилното општество. Него, меѓутоа, одвај и да го има во Русија, а Путин прави сѐ за да го задуши до крај. Со тоа што германската страна и натаму е соиграч во оваа фарса, таа се претвора само во слуга на Путиновата пропаганда.

Во Советот на Европа исто како и во „Петерсбуршкиот дијалог“ германско-руската дипломатија подлегнува уште еднаш на својата стара слабост - да води разговори со Русија само за да се остане во дијалог, да води разговори колку само да се разговара. Истовремено, пак, Путин сѐ поагресивно со сите средства води борба против европските демократии и европскиот мировен поредок.

Руските тајни служби си ја открија за себе сајбер-војната и сѐ поотворено и подлабоко се хакираат во европските општества и влади. Тие трујат и убиваат противници на Путин во странство. Германската страна мора конечно да сфати дека беспоговорното прифаќање на сите непријателски акти на Русија и молчењето за нив само го зајакнуваат Путин. Тоа е потврда за него дека Западна Европа е преслаба да се брани.

Русија одамна се има збогувано од Европа

Затоа германската страна по одбивањето да ѝ се даде виза на членка на германската делегација мораше директно да го прекине Петерсбуршкиот дијалог 2018. И ќе беше добро ако германската делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа едногласно ја одбиеше руската желба за промена на деловникот.

Советот на Европа е институција која е одраз на сето она што значи правна држава и слободарска демократија во Европа. Кој тоа не сака да го признае и прифати, не припаѓа тука. Тоа многу повеќе би одговарало на вистинската политичка состојба на денешна Русија, која одамна се има збогувано од слободарска и демократска Европа во која владеат принципите на правната држава. Германската и останатите европски демократии мора конечно да се спротивстават - не само навнатре, туку и нанадвор.

Јерг Химелрајх е раководител на берлинскиот кампус на меѓународната бизнис-школа École Supérieure de Commerce à Paris и за различни медиуми редовно ја коментира руската политика и историја.

DW.COM

Реклама