1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чешка и Словачка го демантираат ВМРО-ДПМНЕ

ЕМФ
22 декември 2020

По изјавата на Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, дека партијата работела со државите од Вишеградската група за да се спречи условот историја да влезе во заклучоците на ЕУ, денеска доаѓа демант од Чешка и Словачка.

https://p.dw.com/p/3n6W7
Aserbaidschan 2016 Aleksandar Nikoloski - PACE
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕФотографија: picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov

„ВМРО-ДПМНЕ работеше со четирите држави од Вишеград 4 за да спречат условот историја да влезе во заклучоците на Европската унија“, изјави Александар Николоски во емисијата „Стадион“ на Канал 77, коментирајќи ја блокадата од страна на Чешка и Словачка за заклучоците за проширувањето на ЕУ. Според него, Вишеградската група е голем поддржувач на проширувањето на ЕУ, но и „голем поддржувач на Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ таму има големи пријатели, почнувајќи од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, преку премиерот на Полска, Моравјецки, продолжувајќи со премиерите на Чешка и Словачка“.

Ваквите изјави на Николоски доаѓаат неколку дена по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој коментирајќи ја блокадата, рече дека „ништо не е случајно, така и овие држави не случајно застанаа“.

Belgien Brüssel EU-Gipfel Valery Giscard D`Estaing
„За жал, одредени ентитети од Северна Македонија почнаа да шират неточни информации дека влијаеле на донесувањето на одлуките на Прага и Братислава поврзани со процесите во самата ЕУ“, реагираат денеска чешките и словачките дипломати во СкопјеФотографија: Olivier Hoslet/AP Photo/picture alliance

Од Чешка и Словачка денеска доаѓа демант на ваквите тврдења. Не спомнувајќи го ВМРО-ДПМНЕ поименично, словачкиот амбасадор во Скопје, Хенрик Маркуш и заменик амбасадорот на Чешка, Љубомир Пшенка, во заедничка изјава велат дека не постои ентитет од Северна Македонија што влијаел на одлуките на двете земји да ги блокираат предлог-заклучоците на ЕУ за проширувањето.

„За жал, одредени ентитети од Северна Македонија почнаа да шират неточни информации дека влијаеле на донесувањето на одлуките на Прага и Братиславаповрзани со процесите во рамките на ЕУ. Ниту чешката ниту словачката дипломатија не се свесни за постоење лоби-напори од некои ентитети кои можеле да влијаат на процесот на донесување одлуки во Прага и во Братислава. Ако постоеле такви напори, таквите активности не стигнале до релевантните актери, односно до лицата што носат одлуки во Чешка и во Словачка. Одлуките на министрите Петричек и Корчок беа донесени без какво било влијание од ентитет од Северна Македонија“, се вели во изјавата на словачкиот амбасадор и чешкиот заменик амбасадор.