Циркусот може да заврши трагично | Северна Македонија | DW | 10.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Циркусот може да заврши трагично

Владата во комплетен меѓуетнички состав побарала мислење од Венецијанската комисија за законот за јазиците, ама ни премиерот, ни владата не вредат ни пет пари спрема вториот дел од владата во штабот во Мала Речица.

Предизборната  кампања која почна со жестоко темпо половина година предвреме кршејќи ги сите законски и морални одредби и кодекси има добри шанси од циркуска забава да прерасне во трагедија. Како што се остваруваат стратегиските интереси на земјата, така се отвораат стари и нови рани во предизборните битки за власт. Ништо ново. Македонија веќе цели 30 години е во изборен грч, во своевиден мораториум на нормалноста кога ништо не функционира така  добро како лагите и скандалите.

Јавноста е преокупирана со сведоштвата на криминалците и корумпираните накази кои во судските сали зборуваат како филмски ѕвезди од Кум еден,  два, три....  и четири кој сега се снима како последно продолжение во Скопје. Но, галиба не помага ни Дон Корлеоне, ни ракетите на Ким Ил Јонг поставени на лансирана рампа како црн хумор, или можеби  последна опомена за крв до колена ако некој чепне во достоинството на фамилијата.

Додека кажеш Венеција

Како станува појасно дека и тоа не е доволно за изборна победа на компромитираните партиски врвови, се вклучува испробаниот рецепт кој секогаш дава ужасно добри резултати, а тоа е меѓуетничкиот конфликт кој може да се разгори додека кажеш Венеција, или додека пукне во јавноста една трагична тепачка во училишен двор, во автобус на градски сообракај,  или одекне една „грда песна и пламне запалено знаме на фудбалски стадион и се прикажат на мобилните неколку искршени глави, или столчиња сеедно, или пак  гледаме во живо мала забуна на навивачите фудбалски и партиски како уринираат во театар наместо во најскапиот тоалет на Балканот, воодушевени од претставата во која тие, публиката, е главен актер.

Ќе речете, ништо невообичаено и одамна веќе видени филмови кои никогаш не се прераскажани во судските сали. Но затоа  и кај нас како во сиот свет најмногу се лаже пред избори и по лов и риболов во мирно време, а во кризни ситуации како  што е редот, пред да почне војната, прва гине вистината. Да, така е во светот, ама кога три цели децении трае предизборна агресивна пропаганда, кога се` живо и мртво е испоплукано и избербатено, кога сите човечки и институционални вредности макотрпно изградени со огромни жртви и  одречувања во едни други херојски времиња, бесчувствително и срамно се уништени, деградирани и ограбени  до непрепознатливост и до гола кожа, тогаш, остануваме единствени дури и на Балканот како земја во која луѓето се раѓаат, живеат и умираат во предизборен стрес оти победникот добива се`, а губитникот губи се`. Предизборните кампањи во Македонија се полоши и од војна, а изборната победа означува капитулација на политичкиот противник и на сите негови поддржувачи. Тоа се во суштина години и години бадијала поарчен живот  кога младите се формираат како личности и стануваат возрасни луѓе, а возрасните влегуваат во длабока старост  со стекната фабричка маана во свеста дека нормалното е ненормално и обратно, она што во светот се смета за ненормално, кај нас е сосема нормално. Станавме сведоци и соучесници во уништување на сопствената татковина и тоа го сметаме  како патриотски чин примерен за награда и високи признанија како нешто сосема нормално.

Опасна точка под шаторот Македонија

Таман помислив дека предизборниот циркус главно ќе се насочи кон публиката која сака да гледа криминалистички серии подзината и без здив, како политичарите гимнастичари изведуваат опасна точка салто мортале  горе високо под шаторот Македонија,  а под нив нема заштитна мрежа, како што е  аферата „Рекет“,  кога еве на сцената се појавува главниот актер на најопасната точка  која ќе ја надмине возбудата и на Чарлиевите ангели, омилениот филм на обвинителката Вилма Рускоска.

Не се тоа празните закани од типот бангаууууу со ракетите на Ким Ил Јонг. Овојпат на лансирната рампа е вицепремиерот за евроатлански интеграции, лично  Бујар Османи, кој  го ставил прстот на црвеното копче и вели ќе летаме сите во воздух ако некој се осуди да го прифати тоа што предлагаат некакви учени луѓе од Венецијанската комисија. А тој што се осмелил да ги прифати аргументите на компетентните  европски експерти без да го консултира премиерот на албанскиот дел од владата е лично премиерот Зоран Заев. Владата во комплетен меѓуетнички состав побарала мислење  од  Венецијанската комисија  за законот за јазиците, арно ама ниту премиерот, ниту владата, не вредат ни пет пари спрема вториот дел од владата во постојано заседавање  во штабот во Мала Речица. Тоа што е договорено дека ќе се прифати мислењето на Венецијанската комисија нема никаво значење. Бујар Османи вели дека препораките од „Венеција" ако се прифатат  ќе го нарушат балансот меѓу Македонците и другите етнички заедници. Кога Бујар  во деликатни ситуации сака да каже Албанците, вели другите етнички заедници. Погодете од три пати  на кого мисли на Турците, на Србите, на Ромите, на  Бошњаците, на Власите .... или само на Албанците. Каков баланс ќе имаат  другите етнички заедници од дисбалансот што го бара Османи  само за Албанците.

Маневри на партиите

Од свртувањето на предизборната кампања кон етничките прашања за  опасноста за албанскиот народ во Македонија веќе настанаа многу интересни маневри на силите кои веднаш излегнаа на националните фронтови. По изјавата на премиерот Зоран Заев дека ќе  се почитуваат препораките на Венецијанската комисија се огласи со потреба од дополнително дообјаснување  Радмила Шеќеринска. Таа ја фати умерената страна најавувајќи дека прво треба владата сериозно да ги разгледа препораките на Венецијанската комисија, а потоа заеднички да се донесе најдоброто решение. Ова „заедничко решение" не е јасно на кого се мисли, најверојатно само на коалиционите партнери во владата, ДУИ и СДСМ.

Претходни колумни од авторот: 

Македонците во војна против Македонија

Што признаа Заев и Мицкоски

Арно ама домашниот есап на пазарот не излегува,  дури и да најдат решение ДУИ и СДСМ, што во вакви околности тешко е да се поверува. Од  опозициските албански партии дојде уште порадикално барање, во стилот:  каква Венецијанска комисија, каков ДУИ и каков  Османи. Ништо од тоа не се прифаќа. Се бара промена на Уставот кој  ќе гарантира нешто кое уште никој не знае што е. Сепак најинтересна е  реакцијата на ВМРО ДПМНЕ  соопштена внимателно со тивок глас само преку потпаролот. Ни збор од вообичаената остра реторика. Само неколку збора, демек-  што ви рековме ние, ама не не` послушавте. И толку, ништо повеќе во суштинскиот дел. Не чувме дали ВМРО ДПМНЕ ја поддржува препораката на Венецијанската комисија, или пак го подржува првичниот став договорен со ДУИ пред последните парламентарни избори,  кога Никола Груевски до мугрите го чекаше на прозорец во белата палата Али Ахмети да ја објават коалицијата на победниците на изборите, прифаќајќи ги сите барања на ДУИ.

Отварањето на етничките прашања кои се решени  во Македонија над западноевропско ниво, нивното жестоко проблематизирање пред изборите  имаат единствена цел:  да се оневозможи поддршката на голем број  Албанци за политиките на владата, која со  храбри компромиси води неповратно  кон евроатланските интеграции,  кон членство во НАТО и во ЕУ. Ете затоа меѓуетничките изнасилени конфликти лансирани пет месеци  пред изборите се поопсни од заканите со ракетите на Ким Ил Јонг.

 

Реклама