1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мислењето на Венецијанската ја раздразни владината коалиција

9 декември 2019

Ставот на Венецијанската комисија за Законот за јазици отвори нова дебата меѓу владините коалициски партнери чии односи веќе подолг период се во криза. До кога ќе издржат? Коментар на Борис Георгиевски

https://p.dw.com/p/3UR4B
Mazedonien Pressekonferenz der Regierung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Враќањето на темата за Законот за јазици по мислењето на Венецијанската комисија одново ги врати на виделина несогласувањата меѓу СДСМ и ДУИ. Премиерот Зоран Заев и вицепремиерката Радмила Шекеринска од една, и вицепремиерот Бујар Османи од друга, веќе два дена си разменуваат пораки преку медиумите околу судбината на законот. Донесен пред неполни две години, во тензична атмосфера и со жестоки критики и обвинувања од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, делови од Законот сега се спорни и за Венецијанската комисија- чиј став и мислење ветија дека ќе го почитуваат и СДСМ и ДУИ.

Спорна е пред се имплементацијата на Законот во делот на правосудството и казнените одредби.

Османи експресно побрза да објасни дека не е така и толкуваше дека експертите на Советот на Европа само укажувале на можни, но не и неопходни промени. Како и пратеникот Артан Груби пред нешто повеќе од еден месец, и Османи предупреди дека отворањето на Законот „ќе не врати пред 2001 година“.

Заев вчера најави дека ќе се почитуваат препораките на Венецијанската комисија, но денеска делумно ретерираше, па соопшти дека „нема да дозволиме да бидеме наивни да отвораме повторно некои работи кои би можеле да не поделат“.

Опозициските партии на Албанците, пак, најавија заеднички фронт против дефиницијата на нивните сонародници во земјава како малцинство, и најавија дека ќе бараат промена на Уставот во делот на албанскиот јазик.

Ескалира кризата меѓу СДСМ и ДУИ

Темата за албанскиот јазик на политичката сцена се враќа во (не)погоден момент за обете владејачки партии. Со оглед на протеченото неофицијално мислење на Комисијата уште пред помалку од два месеци, и СДСМ и ДУИ имаа доволно време да поработат на заеднички став по ова прашање. Притоа, ни СДСМ, а уште помалку ДУИ имаат интерес или желба да го менуваат законот. Обете изјави на Заев последниве два дена говорат во таа насока, имено, дека тој и неговата партија го сметаат Законот за решение кое оди во прилог на политиката „едно општество за сите“ и дополнително- решение кое на социјалдемократите им овозможува и на следните избори да се борат за гласовите на етничките Албанци.

Тоа што СДСМ и ДУИ не успеаја да изнајдат каква-таква заедничка позиција, говори дека односите во владината коалиција се, во најмала рака, далеку од идеални.

Сигналите за тоа се одамна присутни, но со доближувањето на изборите кризата ескалира дотаму што се поставува прашањето дали двете партии воопшто ќе издржат до 3 јануари кога треба да се формира техничката влада.

Во текот на минатата недела, во Собранието во два наврати на седницата на Комисијата за избори и именувања одлучуваше мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во петокот двете партии си избраа нов државен ревизор додека СДСМ неволно се согласи со предлогот. Ден претходно требаше да се избираат и двајца нови членови на Судскиот совет. Првиот кандидат беше на ДУИ и тој мазно помина со поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Вториот- предлог на СДСМ- не го доби потребното мнозинство.

Коалицијата пред распад?

Доколку досега несогласувањата и судирите меѓу коалициските партнери успеваа да се задржат зад кулисите, впечаток е дека сега повеќе нема ни волја тие да се буткаат под тепих. Случувањата во Уставниот суд, веројатно наскоро и во Врховниот, изборот на новите амбасадори (кои патем се закочени само поради едно име на кое се противи ДУИ) само ќе ги засилат антагонизмите. Нема да биде изненадување ако во следните недели серијата недоразбирања меѓу СДСМ и ДУИ кулминираат во целосен распад на коалицијата. Впечаток е дека ни едните ни другите нема да бидат многу разочарани од таквиот исход особено што тој ќе им даде одврзани раце во изборната кампања. Очекувањата дека претстои екстремно валкана изборна кампања веќе добија првична потврда со објавените разговори на бизнисменот Јордан Камчев. Евентуалниот распад на владината коалиција ќе и додаде уште еден епитет: хаотична.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема