Трамп го критикува Мерц и му се заканува на НАТО
28 март 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикуваше НАТО поради тоа што, според него, Алијансата не стоела на страната на САД во конфликтот со Иран. Говорејќи на инвестициски форум во Мајами, тој изјави дека САД секоја година плаќаат „стотици милијарди“ долари за НАТО, но сојузниците не возвраќаат со поддршка.
„Секогаш сме биле тука за нашите партнери. Но сега, со оглед на нивното однесување, веројатно повеќе не треба да бидеме“, рече Трамп. „Зошто би биле тука за нив кога тие не се тука за нас? Не нè поддржаа. Според мене, тоа е огромна грешка.“
Трамп повторно се пожали дека НАТО-земјите не интервенирале на страната на САД и Израел по нападите врз Иран. Дополнително, Вашингтон критикува дека не му било дозволено да користи одредени воени бази на сојузниците, или дозволата била дадена предоцна.
Трамп го напаѓа Мерц за ставот кон војната во Иран
На конференцијата во Мајами, американскиот претседател прво ги нападна Франција и Велика Британија, а потоа се осврна и на Германија: „Германскиот канцелар, тоа се сите мои пријатели- Фридрих. Германскиот канцелар рече: ’Тоа не е наша војна.’“
Трамп додаде дека според таа логика, ни војната во Украина не е војна на САД.
Ден претходно, Трамп веќе ја критикуваше Германија, велејќи дека изјавата „Тоа не е нашата војна“ била „непримерна“. Иако не посочи име, тој ја припиша наводната изјава на „раководството на Германија“. Изворно, фразата е од германскиот министер за одбрана Борис Писториус. Мерц неодамна во Норвешка изјави: „Германија не е дел од овој воен конфликт, ниту сака да стане.“
Мерц: „Ова што го прави Трамп е масивна ескалација“
Германскиот канцелар Фридрих Мерц пак вчера (27.03.2026) во невообичаено остар тон го критикуваше американскиот претседател поради неговиот пристап кон Иран. „Она што Трамп го прави во моментов не е деескалација ниту обид за мирно решение, туку масивна ескалација со отворен исход“, изјави Мерц на конгрес на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Овие потези се веќе заканувачки. Не само за вклучените страни, туку за сите нас.“
Во врска со телефонскиот разговор со Трамп од изминатата недела, Мерц рече дека бил „не без противречности“. Според него, Трамп неколку пати повторил дека „не му е потребен НАТО“. Мерц истакнал: „Ако сакате да ви помогнеме, ве молиме прво прашајте нè претходно.“
И покрај јавните несогласувања, германскиот канцелар најави дека во случај на постигнување прекин на огнот, Германија би била подготвена да помогне – вклучително и со учество во меѓународна мисија за обезбедување на Ормускиот Теснец.