Трамп против Клинтон - почеток на жешката фаза | Свет | DW | 09.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп против Клинтон - почеток на жешката фаза

Со оглед што двајцата претседателски кандидати во САД се толку различни, одлуката на гласачите би требало да биде лесна. Но, Американците кои сакаат суштински промени, немаат вистински избор, смета Миодраг Шориќ.

Два месеца пред претседателските избори во САД, сѐ уште се чини дека сѐ е можно. Хилари Клинтон води во анкетите на јавното мислење, но минимално. Првенствено, предноста се должи на добрата организираност на Демократската партија, за разлика од досегашната конфузност кај Републиканците. Клинтон знае од соптвено искуство како функционираат претседателските избори, нејзината „воена каса“ е полна.

Сосем спротивно од Доналд Трамп: во важните држави како Флорида или Охајо тој речиси нема гласачи. Делови на републиканскиот естаблишмент му вртат грб, порадо се ангажираат во истовремените избори за Конгресот. Сепак, Трамп има верни следбеници: најчесто белци, луѓе без високо образование, бројни работници, долната средна класа. Интересно е што Трамп во последно време наоѓа приврзеници меѓу активните и поранешни војници. Уште понеобично, бидејќи Клинтон беше сенатор и министерка за надворешни работи, што упатува на нејзини компетенции во безбедносните прашања. Но, таа е „hawk", надворешнополитички сокол. А меѓу безбедносните експерти расте дилемата дали Америка може и натаму да ги финансира своите војни преку океанот, додека во земјата пропаѓа инфраструктурата или образовниот систем.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Миодраг Шориќ

Силни пораки, кои ретко некој ги сфаќа сериозно

Доналд Трамп исто така во изборната кампања демонстрира сила, зашто тоа е популарно. Но многумина не ги сфаќаат сериозно неговите пораки. Ако Трамп воопшто е убеден во нешто, тогаш тоа е во следното: САД треба да се концентрираат врз јакнењето на сопствената економија. Токму тоа го мисли тој кога на предизборните настапи зборува за „Америка пред сѐ“.

Во овие денови претседателските кандидати влегуваат во жешката фаза на изборната борба. Истовремено, сѐ повеќе Американци се разочарани од понудата на партиите, како содржински, така и персонално. Нема споредба со 2008. година, кога милиони луѓе со беџови, шалови или испишани маички јавно го изразуваа одушевувањето за тогашниот кандидат на Демократската партија, Барак Обама. Денес многумина чувствуваат непријатност во врска со претстојните избори. Трамп рафално ги повторува ксенофобичните пароли во земја која историски гледано, е доселеничка. Хилари Клинтон е неомилена, ретко некој има доверба во неа. Поранешната прва дама и министерка за надворешни работи е инкарнација на владејачката политичка класа, која се богати на сметка на заедницата и всушност луѓето би сакале да ја снема.

ТВ-дуелите можат да бидат решавачки

Резултатот од настапите на кандидатите во телевизиските дуели во преостанатите недели ќе биде решавачки. Ако се случи поголем терористиччки напад, тоа ќе му донесе поени на Трамп. Тој се труди да се профилира како „човек на редот и поредокот“. Хилари Клинтон би добила предност ако се заборават нејзините афери со електронската пошта и скандалот со амбасадата во Бенгази. 8. ноември нема да донесе вистински нов почеток во политиката на САД. Во најдобар случај, ќе значи само продолжување. Зашто, многумина Американци имаат чувство дека на претстојните избори немаат вистински избор.

DW.COM

Реклама