Трамп на гости кај „парализираната патка“ | Свет | DW | 05.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трамп на гости кај „парализираната патка“

Американскиот претседател е задоволен, кралското семејство го прими со сите почести. На владата тој пак ѝ покажа дека по Брегзит ќе следат жилави трговски преговори. Прилично специјално пријателство, смета Бернд Ригерт.

Британската кралица никогаш не кажува што мисли за своите гости. Штета, зашто радо би сакале да дознаеме кое е нејзиното мислење за овој невообичаен државен гостин, кој седна на нејзината маса во Бакингамската палата. Доналд Трамп беше 12.  американски претседател со кого се сретна Елизабета Втора. Тој е само трет удостоен со формална вечера. Кралицата, како и бројни Британци, веројатно се прашува зошто ваква чест му се укажува токму на политичкиот простак Доналд Трамп. Тешко е да се даде одговор, уште повеќе што земјата растргнувана од драмата околу Брегзит, има мала полза од неговата посета.

Доналд Трамп се изјасни за Борис Џонсон како нов британски премиер и препорача вклучување на неговиот другар според национализам, Најџел Фараж, во преговорите за Брегзит со ЕУ. Настрана што вакви преговори воопшто нема, неговиот настап е тешка навреда за сѐ уште важечката премиерка Тереза Меј, која е „најпарализираната патка“ (израз за политичар кој веќе не може активно да делува, н.з.) и во Даунинг стрит ќе престојува најдолго до крајот на јули. Трамп се изјасни во прилог на „тврд" Брегзит и што е можно позаслабната Европска Унија. Двете позиции се нешто што премиерката го отфрла.

Досега сите американски претседатели кои биле гости на кралицата или таа ги сретнала во Белата куќа, се изјаснувале за силна и успешна европска интеграција. Елизабета Втора во својот говор на вечерата го потсети Трамп на неопходноста од постоење на меѓународните институции заради зачувување на мирот.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

Премиерката Меј му предаде на Трамп предлог на Трансатланската повелба од перото на поранешниот британски премиер Черчил. Прашање е колку американскиот мобинг-симпатизер ја разбра пораката. Претседателот Трамп попрво беше заслепен од монаршката златна прашина која кралскиот двор дозволи да врне врз него. Егоманот беше вџашен како дете во продавница за чоколада и дури на својата прес-конференција уште пелтечеше колку е сето тоа фантастично.

Без поволности за специјалниот пријател

Кога се роди идејата за државна посета на чудниот претседател, во Лондон постоеше уверување за поддршка во форма на трговски договор кратко по Брегзит. Но, Брегзит не се случи, а трговскиот договор е само лабаво ветување. Доналд Трамп во разговорот со Тереза Меј уште еднаш подвлече дека кај него нема ништо бесплатно. Тој на пример би ги вклучил земјоделството и услужните дејности во здравството во еден „дил“. До преговори би дошло само ако Британците ја отфрлат кинеската фирма Хуавеи, како што направија САД, и се откажат од Нуклеарниот договор со Иран, како и САД. Заговорниците на Брегзит сигурно тоа не си го претставуваа на таков начин.

Ним сега им „светнува“ дека Трамп трговијата ќе ја користи како средство за притисок и против од Брегзит расцепеното Обединето Кралство. Исто како и кон Кинезите и ЕУ, Трамп може да воведе царини и кон Британците. „Дил-мејкерот“ насетува слабост и ќе ја користи.

Перспективите за трговијата меѓу САД и наводно од ЕУ-стегите ослободената Велика Британија и онака беа целосно претерувани од страна на борците за Брегзит и Трамп. Самиот Трамп ги нарекува „феноменални“. Трговскиот волумен со САД веќе во моментов е голем, раст е можен воопшто само во одредени сектори. Трговскиот волумен на Британците со ЕУ пак е трипати поголем. Значи, трговски договор со ЕУ е многу поважен отколку со САД. Условите кои сега Трамп ги постави на маса во Лондон, не е можно да се исполнат зашто се спротивни на оние правила кои Велика Британија треба да ги исполни заради натамошни преговори со ЕУ. Нов ќорсокак, во кој брзо може да заглави новата британска влада.

Зошто на овој претседател му беше доделен посебен кралски третман, е загатка. Кралицата сигурно се чуди и молчи. Иако, таа со кралски банкет ги прими и романскиот диктатор Николае Чаушеску и владетелот на Зимбабве, Роберт Мугабе. Значи, таа има искуство со специјални гости.

Но, Трамп е специјален и по тоа што не сака да ја прифати реалноста. На улиците на Лондон имаше само мали протести против него, но илјадапати поголема поддршка за него, тврдеше тој. Тоа е погрешно. Беше токму обратно.

DW.COM

Реклама