Тајна или јавна дипломатија | Северна Македонија | DW | 24.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Тајна или јавна дипломатија

Пораката на Меркел дека во преговорите за името е потребна дипломатска уметност, а не прес-конференции, на јасен начин е одговор на прашањето дека до договор не може да се дојде пред камери. Колумна на Љупчо Поповски.

Германската канцеларка Ангела Меркел на одреден начин ги стави преговорите за името во вообичаената рамка на германската воздржаност. Во нејзината изјава по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Берлин ги немаше оние зборови на други европски политичари дека решението на спорот е речиси на дофат, само уште треба да се направат последните храбри чекори од Атина и Скопје. Дали поради телефонскиот разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас претходниот ден, дали поради големата неизвесност како ќе заврши гласањето на членовите на Социјалдемократската партија за новата голема владина коалиција, дали поради искуството што го има кога одредени договори пред самото потпишување знаеле да пропаднат – Меркел повеќе сакаше да делува како добронамерен советник отколку да притиска некоја од страните, или двете истовремено.

Добро знае Меркел каков негативен одиум стекна во Грција кога бараше тамошната влада целосно да се повинува на барањата на кредиторите и на ЕУ кога должничката криза се закануваше да го клекне на колена целото грчко општество. Меркел знае и колку вредат сега нејзините зборови во Атина и Солун. Без оглед на моќта што ја има Германија. Меркел е, исто така, свесна дека во еден драматичен развој на настаните по гласањето на социјалдемократите може веќе и да не биде канцелар, па како што Берлин од септември наваму беше благо дистанциран од главната пруга на европската политика, чекајќи ја разрешницата дома, така и околу спорот за името се обидува да ја димензионира помошта согласно со развојот на политичката драма.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски, автор на колумната

Нејзините пораки беа јасни: „Имам впечаток дека двете страни по долго време имаат интерес за решавање на спорот. Тоа е добар предуслов“; потоа: „Би било извонредно доколку двете страни, кои се однесуваат одговорно, би успеале да ги премостат пречките“; па: „Компромисите се секогаш болни, но и неопходни“ – но тука немаше ништо од она што нестрпливите македонски медиуми и некои аналитичари го најавуваа како вмешување на тевтонскиот џин во брза разврска на јазолот. Зборувајќи колку се неопходни и болни компромисите таа можеби сакаше да посочи какви големи отстапки мораше да им направи на социјалдемократите, согласувајќи се да им припаднат трите најважни ресори во можната идна влада и со каков гнев се соочи во нејзината партија по оваа одлука.

Ова не е време за „тешкаши“

Во основа, заврши времето кога во решавањето на големите кризи и војните на Балканот се вклучуваа дипломатските тешкаши, како легендарниот Ричард Холбрук. Ова не се такви времиња, ниту стабилизираните држави сега би прифатиле таква солуција. Уште повеќе што ни САД ни ЕУ не би сакале веќе да одат по тој пат, кој лесно може да заврши со неуспех. Оние што ја познаваат американската политика би можеле да размислат дали има некоја личност во сегашната тамошна дипломатија со почит, влијание и умешност која би можела да ги стави пред ѕидот на одлуката и Скопје и Атина. Во овој момент таква личност во американската дипломатија и во хаотичната администрација - нема. Има луѓе коишто со функцијата што ја извршуваат можат да влијаат врз развојот и затворањата на одредени внатрешни прашања на Балканот, но ја немаат моќта да да го прошират своето влијание преку неколку граници при одредувањето на рамките на одредено решение.

Други колумни од авторот:

Последниот бедем за името е дијаспората

-Моќта на спомениците

-Што сака ВМРО-ДПМНЕ?

Затоа некои од зборовите на Меркел имаат пораки кои го одразуваат денешното време: „Спорот меѓу Македонија и Грција треба да биде решен, притисокот во преговорите не носи корист“, или – „Тоа е дипломатска уметност и за тоа не треба да се зборува на прес-конференции, туку зад затворени врати. Верувам дека јавните изјави повеќе можат да му наштетат отколку да му користат на процесот“. Со едноставни зборови кажано – дипломатијата треба да ја заврши својата работа, а не медиумите (и во Грција и во Македонија) да ги водат преговорите.

Кога министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕијас, минатата недела се сретнаа во Виена да го означат почетокот на преговорите по доставувањето на сетот идеи на посредникот Метју Нимиц, тоа во македонската јавност генерално доби призвук на тајна средба на која, наводно, се решавала судбината на народот, државата и идентитетот, па затоа требало да има камери кога Димитров и Коѕијас преминуваат од точка на точка во разговорите. Разбирлива е желбата на јавноста да знае нешто повеќе за овие разговори, но разголувањето на работата на дипломатите речиси сигурно нема да доведе до никаков договор – ниту за овој спор, нит за кој било друг, не само на Балканот туку и во секој регион на светот.

Пред неколку дена американскиот Стејт департмент објави дека потпретседателот Мајк Пенс планирал тајна средба со водачите не севернокорејската делегација за време на зимската Олимпијада во Јужна Кореја, но дека Севернокорејците го откажале состанокот во последен момент. „Ние жалиме што пропадна оваа можност“, изјави портпаролката на Стејт департментот. Вашингтон сакаше да ја искористи оваа можност, кога Пенс и Ким Јо-џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер седеа на два-три метри еден од друг за време на отворањето на Олимписките игри без да се запознаат еден со друг. Пропадната можност за тајна средба беше објавена јавно една недела подоцна, без медиумите да дознаат ништо за оваа намера претходните денови. Бидејќи е во прашање голема нуклеарна игра разбирливо што беа користени тајните дипломатски патишта, а веројатно е очекувано што делегацијата на Пјонгјанг не прифати средба на која ќе биде убедувана со силата на моќта да се откаже од нуклеарните и ракетните програми.

Споредни канали

Има неколку примери по Втората светска војна кога тајната дипломатија ги отвори патиштата за комуникација и договор. А и некои кои покажуваат колку може да биде силна јавната дипломатија. Веројатно најуспешната американска надворешна политика во последниве седумдесет години е Маршаловиот план за обнова на разурнатата Европа по Втората светска војна, која беше предложена, заеднички испланирана и имплементирана под целосен увид на јавноста. Тоа беше дел од Трумановата доктрина со која требаше да се спречи ширењето на влијанието на Советскиот Сојуз во повоените години. Но двата најголеми дебакли на американската политика – војните во Виетнам и Ирак – беа поврзани со дипломатски измами и измислување на факти. Инцидентот во Тонкиншкиот Залив, искористен за зголемување на американското присуство во Виетнам, беше погрешно презентиран, а државниот секретар Колин Пауел во Советот за безбедност изнесе лажни разузнавачки податоци (и со тоа ја потроши својата репутација) дека режимот на Садам Хусеин поседува средства за масовно уништување и има намера да ги употреби.

Најпознатиот американски дипломат, Хенри Кисинџер, ги користеше своите славни „споредни канали“ за преговори со советскиот лидер Леонид Брежнев во 1971-1972 година, па сепак стигна до полош договор од оној што го очекуваа експертите во Стејт департментот. Но, неговата тајна дипломатија ги доживеа златните моменти кога успеа да ја врати Кина на светската сцена. Тоа беше најголемиот дипломатски успех на администрацијата на Ричард Никсон. Тајната посета на Кисинџер на Пекинг и подоцнежната средба на Мао Цедунг и Никсон беше политички спектакл за време на Студената војна. Пекинг сакаше да се отргне од прегратката на Москва (поради тоа имаше повремени вооружени инциденти на нивната граница) и Кисинџер успеа тајно да го изменаџира тоа, отворајќи го патот за членство на Кина во ОН (Тајван мораше да биде исфрлен) и доделувајќи и место во Советот за безбедност. Кина се врати на светската сцена од студената темнина.

Читајте не и преку апликацијата на ДВ за андроид

И Барак Обама го одбра патот на Никсон за да ги одоброволи иранските ајатоласи да седнат на преговарачката маса околу нуклеарната програма на Техеран. Дури неколку години подоцна се дозна дека Обама многу брзо откако стапи на должност преку тајни канали (најверојатно со посредство на султанот на Оман) му испраќал писма на иранскиот врховен водач, Али Хамнеи. Маратонските преговори мораа да бидат тајни за да не предизвикаат бура во Конгресот и гнев во Израел и кај некои од арапските сојузници. Во овие преговори, во кои подоцна се вклучија и ЕУ и Русија, Америка се откажа од некои од нејзините црвени линии, дозволи Иран да ја користи нуклеарната програма за индустриски и развојни цели, ослободи неколку милијарди долари ирански пари од замрзнатите сметки во западните банки и ја легитимизира улогата на Техеран во регионот. Можеби резултатот не беше онаков каков што го посакуваше Америка, но договорот сепак беше историски и една невралгична точка беше смирена.

Преговорите меѓу Израел и Палестина во Осло се еден од најпознатите примери на тајната дипломатија. Уште во 1979 година Јасер Арафат побарал од Норвешка да обезбеди тајни споредни канали за контакти со Израелците. Но Израел во тоа време не беше подготвен. Една декада подоцна работите се променија. Масовните протести од правата интифада ги фатија неподготвени и Израел и организацијата на Арафат, ПЛО. Арафат  во 1988 година го призна постоењето на Израел и правото на безбедност на границите. Изарел реши дека е дојдено времето за тајните преговори. Арафат веруваше во тајноста на Норвешка, иако таа е една од најционистичките земји во Европа. За време на неколкугодишните тајни преговори Арафат беше ослабнат поради првата војна во Заливот и поразот на неговиот голем поддржувач Садам Хусеин, па во конечниот договор најтешките прашања – безбедноста, статусот на Ерусалим, бегалците и границите – останаа нерешени. Но затоа Арафат, Јицак Рабин и Шимон Перес ја добија Нобеловата награда за мир за Договорот од Осло. 

Овие примери се само неколку во светот на тајната дипломатија. Прашањето за името е исто толку чувствително како, на пример, историската желба на Палестинците да имаат своја држава и да не бидат третирани не само од Израел, туку и од нивните арапски браќа, како народ врз чиј грб треба да се прават регионалните сметки. Меркел советува да се намали притисокот врз двете влади – но прашање е како може да се направи тоа по големите протести во Грција или чувството во македонската јавност дека на крајот може да биде измамена и понижена. Но факт е дека преговарачите, секако со помош на пријателите, можат поконцентрирано да му се посветат на решението на спорот, доколку од обете страни на границата се намали притисокот врз нив и нивното оценување како предавници. До јавните изјави на политичарите треба да се стигне преку тајните канали на дипломатијата. Затоа што на крајот можеби и нема да има договор. И затоа што и двете страни треба јасно да си одговорат на прашањето: Што е подобро – да нема договор или да има лош договор, кој нема да ги реши клучните проблеми.

 

DW.COM

Реклама