1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов ја води Македонија во хаос

БГ
25 април 2017

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов се однесува како марионета на експремиерот Никола Груевски, кој ја води својата земја во хаос и далеку од ЕУ и НАТО, пишува денеска австрискиот весник Стандард

https://p.dw.com/p/2bqzt
Mazedonien Präsident Ivanov
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

„Тој ја навредува ЕУ како „импотентна и беспомошна“. Времето на Пакс Американа на Балканот помина. Од 1 март годинава, македонскиот претседател Иванов одбива да му го даде мандатот за формирање влада на шефот на социјалдемократите Зоран Заев, иако тој заедно со албанските партии има мнозинство во Собранието. На тој начин, тој отворено застана зад досега владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ги нарушува сите демократски правила на игра.

Притоа, 56-годишниот правник треба да знае што значи правна држава, бидејќи предаваше политички теории на Универзитетот во Скопје“, пишува во денешното издание весникот Стандард.

Голем страв од затвор

„(...) Со недели се одржуваат масовни протести на приврзаниците на ВМРО кои се обидуваат да ја спречат промената на власта. Главната причина: против повеќе високи владини функционери и службеници се водат истраги од страна на Специјалното јавно обвинителство.
Стравот на досегашната политичка елита дека ќе заврши во затвор, оттука е многу голем. Политичарот Иванов стана продолжена рака на поранешниот премиер Груевски, против кого исто така се водат истраги.

Поддршка во тоа, тој добива од владата во Москва, од мнозинството медиуми и од многу невладини организации. ВМРО изгради наратив според кој, евентуалната влада на СДСМ мора да се спречи за да се спаси државата. Во тој контекст искористен е баукот на 'албанската платформа', која е наводно погубна за интересите на земјата“.

Провидна стратегија на ВМРО-ДПМНЕ

„(...) Социјалдемократот Заев по преговорите со албанските партии изрази подготвеност да ги прошири јазичните права на Албанците, но ги отфрли барањата за промена на химната и знамето. Стратегијата на ВМРО е провидна: протестите против 'Тиранската платформа' започнаа дури четири недели по средбата во Тирана, односно токму тогаш, кога опозицијата се подготвуваше да ја преземе владата.

Со оглед на политичката пат-позиција и фактот дека нема нова влада, состојбата е сѐ понестабилна. Неодамна шефот на државата во интервју за 'Винер цајтунг' му се закани на Заев дека ќе заврши во затвор. Разбирањето на Иванов на правната држава не е ништо ново: пред една година тој објави амнестија на 56 политичари и нивни соработници, со која сакаше да ја заштити владејачката клика на ВМРО. По голем притисок амнестијата беше повлечена.

Трпението на ЕУ и САД со Скопје, по двегодишни интензивни преговори сега е на крај. Санкции против Иванов и Груевски мора да бидат прифатени од сите ЕУ членки- но Унгарија и Полска се против. Можно е да се блокираат парите од ЕУ, а Европскиот парламент да ја повлече поддршката за ЕУ перспективата на земјата“, пишува Стандард.