1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српската политика на клацкалка станува непријатна за Вучиќ

Дојче веле
14 март 2022

„Неспорно е дека Русија никаде во Европа не може да смета на такви симпатии како во Србија. Тоа има врска со историските и културните врски, но пред сè со владата на Александар Вучиќ“, оценува германскиот печат.

https://p.dw.com/p/48TBq
Serbien Pro-Russland-Demonstranten in Belgrad
Фотографија: Stefan Stojanovic/REUTERS

Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг (НЦЦ) објави текст со наслов „Големиот православен брат и војната“ во кој пишува за односот на Бугарите и Србите кон руската инвазија на Украина. Весникот потсетува на религиозните и историските врски меѓу Бугарија и Русија од 19 век и периодот на ослободување од Османлиите, но и наведува дека односот кон Москва е амбивалентен веќе долги години. 

„Руската инвазија на Украина сега предизвикува уште поголема тензија“, пишува весникот, додавајќи дека популарноста на Путин сега е намалена. „Во 2020 година само 20 отсто од Бугарите имаа лоша слика за рускиот претседател, а сега речиси 50 отсто. (...) Повеќе од една деценија по нејзината успешна интеграција на Запад, Путиновата Русија е место за кое, и покрај историската блискост, многу малку Бугари копнеат“. 

Во исто време, пишува Ноје Цирхер Цајтунг, ситуацијата во Србија, „најважната православна земја на Западен Балкан“, е многу покомплицирана: „Фотографиите на илјадници луѓе кои во Белград протестираат за Путин и неговата војна ширум светот предизвикаа неверување и незадоволство. Фактот дека набргу потоа се одржа слично голем митинг на солидарност со Украина, воопшто не беше забележан“. 

„Неспорно е дека Русија“, пишува швајцарскиот весник, „никаде во Европа не може да смета на такви симпатии како во Србија. Причините за тоа, како и кај Бугарија, авторот на текстот ги пронаоѓа во историските и културните врски, но како што нагласува, тоа „има уште повеќе врска со поновата историја, а пред сè со владата на Александар Вучиќ“.

Весникот посочува дека српскиот претседател со години води политика на клацкалка меѓу Западот, Кина и Русија и со тоа успешно го отвора надворешнополитичкиот простор. „Србија е кандидат за членство во ЕУ, а Унијата е убедливо нејзин најважен трговски партнер. Но, Русија на Путин е таа што се прикажува како вистински пријател на земјата. Вучиќ на тој начин го задоволува ревизионистичко-националистичкиот дел од гласачкото тело, што е особено важно непосредно пред изборите што ќе се одржат на почетокот на април“, пишува НЦЦ

Westbalkanreise von Außenministerin Baerbock Aleksander Vucic Serbien
Александар ВучиќФотографија: Thomas Imo/photothek/picture alliance

Но, ситуацијата „станува непријатна за претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дури и ако моментално може да ја одржи политиката на клацкалка“, оценува анализата. „Белград навистина гласаше за резолуција на ОН за осуда на рускиот напад, но Србија, кандидат за пристапување во Европската Унија, не учествува во санкциите на Брисел. Заедно со Истанбул, Белград стана најважниот центар за воздушниот сообраќај од Русија кон Запад. 

„Меѓутоа, ако безбедносната политика на ЕУ навистина повторно го открие Балканот, ќе мора да бара јасна посветеност од Србија. Тоа би можело да биде многу незгодно за Вучиќ, кој пред изборите сака да поентира и на  европската перспектива и на близината со Русија“, заклучува швајцарскиот весник.