1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Symbolbild | Geheimdienst
Фотографија: imago/Steinach

Со нарачаните убиства тајните служби испраќаат порака

Ноткер Оберхојзер
20 октомври 2018

Случаите Џамал Кашоги и Сергеј Скрипал покажуваат дека тајните служби сѐ поотворено ги спроведуваат своите задачи. Дали зад тоа се крие стратегија, или неумешност? Експертите за тајни служби се децидни.

https://p.dw.com/p/36le8

Примери има сѐ повеќе: Кашоги, Скрипал, отвореното киднапирање на бизнисмен во Берлин од страна на виетнамските тајни служби или убиството на полубратот на севернокорејскиот владетел Ким Јонг Ун. Изгледа дека државите и нивните тајни служби насекаде во светот сѐ поотворено ги изведуваат своите операции - од некогашната тајност веќе нема ни трага.

„Влажните работи се повторно на цена“, вели експертот за тајни служби, Ерих Шмит-Енбом. Поимот „влажни работи“ е од жаргонот на КГБ и се однесува на операции на тајните служби во кои може или треба да се пролее крв. Шмит-Енбом како пресврт  ја наведува годината 2006-та, кога поранешниот руски агент Александер Литвиненко беше отруен во Лондон со Полониум-210. Лекарите од University College Hospitals во Лондон за неговиот живот се бореа 23 дена. Литвиненко уште на самиот почеток како да насетуваше дека бил затруен. Неколку часа пред неговата смрт, во интервју за весникот „Тајмс“ изјави: „Копилињата ме средија, но нема да може да ги средат сите.“

Erich Schmidt-Eenboom | Talkshow maybrit Illner
Ерих Шмит-ЕнбомФотографија: picture-alliance/dpa/Eventpress

Александер Литвиненко во доцните 1990-ти бил одговорен за интерна истрага на коруптивна пракса во ФСБ, која ја наследи КГБ, а шеф во тоа време му бил Владимир Путин. Тој паднал кај своите претпоставени во немилост откако критикуваше дека ништо не се презема против широко распространетата корупција. Кога во 1998 година откри детали од заговорот за убиство на олигархот Борис Березовски беше уапсен заради наводна злоупотреба на службената положба. Во 2000-та преку Турција пребега во Велика Британија и доби азил. Иако случајот до денес не е до крај расветлен, според мислењето на Шмит-Енбом - зад него стои руската тајна служба.

Повеќе: Агенти и одмазда: смениш ли страна, те чека отров

Дали тајните служби работат неуредно?

Слично постапија и сторителите во британското место Солсбери во март 2018 година, кога ги затруја поранешниот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. И двајцата го преживеаја нападот. Сторителите користеле средство што соодветствува на борбениот гас Новичок, кој бил развиен во Советскиот сојуз.

Дали тајните служби се невнимателни или сепак следат некаква стратегија? „Де факто забележуваме дека тајните служби не се толку претпазливи како порано, кога на пример местеа сообраќајни незгоди. Тоа денес е демоде, тајните служби веќе немаат срам“, вели професорот Волфганг Кригер од универзитетот во Марбург. Тој е докажан експерт за меѓународни тајни служби.

Russland Alexander Litwinenko
Александер Литвиненко се бореше за живот 23 денаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Kaptilkin

Русите безмилосно ги следат предавниците

Скрипал работел за руската воена тајна служба ГРУ, но шпионирал и за британската тајна служба МИ6. Во 2004. Скрипал во Русија беше уапсен заради предавство на татковината и осуден на 13 години затвор. Во 2010. беше предвремено ослободен во рамки на размена на затвореници и потоа доби азил во Велика Британија.

За Кригер случајот Скрипал е типичен пример за начинот на работа на руските и советските тајни служби. Најчесто засегнати од нападите се луѓе кои и самите работеле во советските или руските тајни служби и потоа во странство дошепнувале и на други тајни служби. „Таквите лица од 1920-те години биле безмилосно прогонувани во Советскиот сојуз, но во тоа време прогонот се одвивал малку подискретно. Има случаи од 1920-те и 1930-те години, кога луѓе паѓале од прозорци, веројатно со нечија помош“, вели Кригер.

Повеќе: Последниот доказ во случајот Скрипал

И Скрипал може да се смета меѓу таквите лица, бидејќи по преселбата во Солсбери, очигледно не водел само мирен пензионерски живот, како што првично се претпоставуваше. „Скрипал активно ја поддржувал британската тајна служба“, вели експертот Шмит-Енбом. Во Прага заедно со агенти на МИ6 открил активни руски агенти кои ги познавал уште од свое време.

Doppelagent Sergei Skripal
Сергеј Скрипал преживеаФотографија: picture-alliance/Globallookpress

„Во летото 2016. бил во Талин и дал толку прецизни насоки, што дури тројца шпиони на Москва биле разоткриени.“ Тој дал информации и на шпанските тајни служби за поврзаноста на руската мафија со високи политичари во Москва. „Тој и натаму бил активен за западните тајни служби, што не им се допаднало на колегите во Русија“, вели Шмит-Енбом.

Британско-руските односи се историско лоши

Александер Гусак, поранешен претпоставен на Александер Литвиненко, кратко и јасно го сумира односот на Русите кон „одметниците“. За „Њујорк Тамс“ тој изјави дека „растел со идеалите на Советскиот сојуз“. „Предавник се плука, се гони, се стрела или се беси и потоа му уринираш на гробот“, вели тој.

Кон тоа треба да се додаде и историско тензичниот однос меѓу Русија и Велика Британија. По крајот на Студената војна повеќето западни тајни служби ги намалиле своите активности во Советскиот сојуз и државите произлезени од него, но тоа не било случај со Британците, вели експертот Шмит-Енбом. „Резултатот се виде во војната во Чеченија, кога британските служби го покажаа своето присуство. Чеченија беше местото каде МИ6 регрутираше многумина од руските редови.“

За добри руско-британски релации не придонесуваат ни многуте руски олигарси кои се доселуваат во Лондон. Многумина од нив, со помош на рускиот систем, натрупале баснословно богатство и потоа од безбедниот Лондон полемизираат против рускиот претседател, вели Кригер.

„Демантот од Ријад е неверодостоен

Случајот со саудискиот новинар Џамал Кашоги, според Кригер, е сличен. „Кашоги потекнува од внатрешноста на владеачките структури на Саудијците и во таа смисла е во слична позиција на одметник.“

Jamal Khashoggi saudischer Journalist
Ќе биде ли брзо расчистен случајот Џамал Кашоги?Фотографија: Reuters

На новинарот му се губи секаква трага откако пред две недели влегол во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Кавга меѓу Џамал Кашоги и други лица во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул се претворила во „тепачка“, која довела до „негова смрт“, соопшти денеска саудискиот обвинител, шеикот Сауд ал-Моџеб.

Турските иследници во истрагата се концентрираат на наводна специјална единица, која на денот кога Кашоги го посетил конзулатот допатувала во Истанбул. „Интересно е дека член на тимот составен од 15 луѓе бил и еден лекар“, вели Шмит-Енбом.

„Знаеме дека модерните методи за измачување се водат секогаш под медицински надзор. Тоа ни е познато од Гвантанамо и Абу Граиб во Багдад“, вели тој. 

Повеќе: Протекоа грозоморни детали од убиството на Кашоги

Со примената на специјални отрови, или под будното око на турските безбедносни служби, тајните служби се легитимираат. Или е тоа чисто дилетанство? Михаел Милер, експерт на германската тајна служба и автор на повеќе публикации за тајните служби, вели дека „службите не работат дилетантски, туку праќаат порака на потенцијално засегнати дека службите тоа го можат, дека тоа го прават, имаат храброст и не дозволуваат никој да им се испречи на патот.“

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

загадување Скопје

Стотина граѓани сакаат да „посвојат“ мерна станица во Скопје

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница