1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сончевите колектори во сенка на фотоволтаиците

Даниела Трпчевска-Зафировска
9 јули 2022

Најголем дел од субвенциите во Северна Македонија се насочени кон фотоволтаични системи, додека за сончеви термални колектори годинава нема воопшто помош за граѓаните.

https://p.dw.com/p/4DhWy
Северна Македонија Хотел Дрим Струга
Фотоволтаици на покривот на хотелот Дрим во СтругаФотографија: Drim Hotel

Струшкиот хотел Дрим на живописното Охридско Езеро, кој се протега на површина од околу 18 илјади м2, неодамна го обнови својот систем за греење и ладење. Иако хотелот користеше топлински пумпи веќе една деценија - енергетски ефикасна алтернатива на котлите и системите за климатизација - тој одлучи да се префрли на соларна термална технологија и на фотоволтаици.  За разлика од фотоволтаичните системи кои ги претвораат сончевите зраци во електрична енергија, соларните термални модули произведуваат топлина што се користи за греење и ладење.  

Менаџерот на хотелот Крсте Блажески за ДВ вели дека неколкукратното зголемување на цената на струјата оваа година значи дека наскоро ќе се исплати инвестицијата од 170.000 евра за замена на топлинските пумпи за комбиниран соларен термален и фотоволтаичен систем „Инвестицијата се враќа за 3 до 4 години максимално. Потоа добивате бесплатна енергија. Каква криза и да дојде, ние сме подготвени -  обезбедивме 60 до 70% од потребната енергија со наша сопствена енергија“, вели Блажески.  

Сепак, инвестицијата на Дрим во соларната топлинска технологија е една од ретките во Северна Македонија. Според истражувањето на ДВ поддржано од Европскиот фонд за новинарство, многу компании и граѓани размислуваат и бараат начин да постават соларни топлотни системи во своите домови, но минималните субвенции за ваквата инвестиција и појавата на нелиценцирани изведувачи на пазарот, често ги одвраќаат од ваквата намера. 

Патот за поголема енергетска независност и искористување на сонцето е долг и трнлив. Пред граѓаните има неколку препреки коишто го забавуваат процесот за инвестирање во обновливи извори на енергија. 

Krste Blazeski
Крсте Блажески, директор на хотел ДримФотографија: Privat

Едно од најсончевите места во светот 

Македонско сонце за македонска енергија. Под овој слоган поранешниот премиер, Зоран Заев на 5 јули 2018 година го најави амбициозниот план Северна Македонија да го искористи сонцето како непресушен извор на енергија, за да стане еден од генераторите на економскиот раст. Пет години потоа, земјата на сонцето со брзина на полжав се обидува да ги достигне амбициозните 20 годишни планови зацртани со државната Стратегија за енергетика.  

За искористување на сончевата енергија битни се два фактори - добрите климатски услови и земјата да сака и да знае како да го искористи тоа“, вели за ДВ професорот Илија Насов, сопственик на компаниите „ Плазма“ и „Камел Солар“ и претседател на Асоцијацијата за соларна енергија (Солар Македонија).   

Nord-Mazedonien | Solar Panele auf Dach
Патот за поголема енергетска независност и искористување на сонцето е долг и трнлив. Пред граѓаните има неколку препреки коишто го забавуваат процесот за инвестирање во обновливи извори на енергија. Фотографија: Camel Solar

Според државниот Завод за статистика, речиси 80 илјади домаќинства инсталирале соларни термални колектори во 2019 година, што е 13,5% од вкупниот број на домаќинства којшто изнесува 598.632. Ако се има предвид дека земјата има 280 сончеви денови годишно, тогаш искористеноста на овој потенцијал би можела да биде барем двојна. Земјите кои имаат и до 30% помало сончево зрачење имаат и до 50 пати поголемо искористување на сончевата енергија по жител во однос на С. Македонија.   

И покрај огромниот потенцијал, Северна Македонија во моментов од сонцето произведува помалку од 2% енергија. „Доколку целата потребна енергија ни доаѓа од сонцето, за тоа ни се потребни 160 км2 површина, што е помалку од 1 % од територијата на земјата“, укажуваат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, кој спроведува кампања за паметно енергетско планирање. 

Infografik - Gesamtkapazität erneuerbarer Energie in Nordmazedonien - EN

„Анкетите на „Еко-свест“ покажуваат дека 90% од граѓаните сметаат дека сончевата енергија во РСМ може да се користи многу повеќе со цел задоволување на енергетските потреби“, вели за ДВ извршната директорка, Ана Чоловиќ Лешоска. 86% од граѓаните сметаат дека треба да се вложат повеќе пари и да се направат повеќе напори за земјата да може што поскоро да стане енергетски независна.  

Инвестициите во енергетиката се процес кој е долготраен. Последните неколку години направени се чекори напред, со усвојувањето на новиот Закон за енергетика и Стратегијата за развој на енергетика за наредните 20 години, со што се отворија можности за инвестиции, особено во обновливи извори на енергија. 

Субвенции на лажиче  

Употребата на соларната енергија во земјата е ограничена на многу мал број системи за загревање на вода. Според енергетскиот биланс, учеството на енергија произведена од сончева енергија, во вкупната потрошувачка на енергија изнесува 7,4GWh, односно 0,04%.

„Во земјата има вкупно околу 16.000 м2 инсталирана соларна површина за загревање на водата. Сончевите колектори се користат во резиденцијалниот сектор, хотели, кампови, домови итн. За жал, сончевите колектори не се користат за производство на топла вода за употреба во индустријата“, е навадено на веб-страницата на Агенцијата за енергетика.  

Но, идејата за „сончева долина“ во која секој дом ќе има соларен топлотен систем за сопствени потреби, не само што не доживеа бум, туку полека паѓа во сенка. Една од причините се малите субвенции кои се доделуваат на годишно ниво.  

Само 80.000 евра годишно се доделуваат за соларни термални колектори за домаќинства, што значи дека околу 500 до 600 семејства добиваат меѓу 150 и 300 евра за да помогнат во покривање на трошоците за инсталација. Системите за домаќинствата чинат околу 500 евра за панел. Еден сончев колектор може да обезбеди околу 150 литри топла вода дневно. 

„Ова не е ништо, имајќи ги предвид потребите на земјата“, вели Насов од Солар Македонија.

Како последица на пандемијата со Ковид-19 и кризата, Министерството за економија на Северна Македонија потврди дека оваа година воопшто нема да има државна помош за соларни термални системи. Од 2018 досега за таа намена се издвоени вкупно 13.000.000 денари во Буџетот. Постапката за распределба го следи принципот „прв дојден, прв услужен“.  Државна помош годинава ќе има само за инсталирање на фотоволтаици.

Законски измени 

Професорот Насов смета дека се потребни итни законски измени во оваа сфера: да не се субвенционираат сончеви термални колектори без никаков сертификат за квалитет и да не се плаќа царина на репроматеријали за производство на колектори. Бидејќи, според него, ситуацијата е нерамноправна - трговците увезуваат ефтини колектори без задоволителен квалитет и се ослободени од царина, додека производителите при увоз на репроматеријали за производство на сончеви колектори плаќаат царина со 18% ДДВ.  

„Во вакви услови македонските производители не се конкурентни, како на домашниот така и на странските пазари“, укажуваат производителите на соларни колектори. 

Infografik - Gesamtstrommix Nordmazedonien - EN

Фантомски фирми без сертификати  

За поставување на соларни термални колектори на индивидуални домови во Северна Македонија не е потребна дозвола, ниту некоја посебна документација.  Кога се поставуваат на згради потребна е дозвола од сите станари. Одговорноста за добро или лошо извршената работа ја имаат фирмите коишто ги поставуваат системи. Субвенции од државата се добиваат откако ќе се достави фактура дека е инсталиран системот. Но, дали тој е квалитетен, дали работата е добро завршена - последиците дури отпосле ги трпат граѓаните коишто бараат помош и од Солар Македонија, но и од Организацијата на потрошувачи.  

Често на пазарот се појавуваат фантомски фирми, коишто по извршената работа ги снемува, па нема од кого да се бара одговорност. „Недостига контролен механизам“, укажуваат од асоцијацијата Солар Македонија, која смета дека оние кои што даваат субвенции треба да контролираат на какви системи се трошат средствата. 

Асоцијацијата која има над 80 членови, спроведува обуки за лиценцирани монтери и издаваат сертификати. За три години се обучени 80 лица, а проценките се дека на пазарот има околу 200 лиценцирани монтери, што ни оддалеку не ги задоволува потребите во земјата.  

„Недостигот на монтери, недоволните субвенции сето тоа остава простор за појава на 'фантомски ' фирми на пазарот. Од она што гледаме на терен, луѓето сакајќи да набават што поефтино, често влегуваат во замки за неквалитетни системи“, велат за ДВ од Организацијата на потрошувачи. Според нив, во принцип фирмата која што го инсталира системот треба да биде одговорна за работата, но во изминатиов период имало случаи на фирми кои се појавувале преку ноќ, земале пари за работа, а потоа ги снемувало од пазарот. Потоа сопствениците имаат главоболка - пукаат цевки на системот, протекува вода, нема доволно притисок и ред други проблеми. 

Заштита на граѓаните

За заштита на потрошувачите тие започнаа посебен проект CLEAR-X во кој им укажуваат на граѓаните за сите замки во коишто можат да паднат, но им објаснуваат и дека квалитетен производ и професионална монтажа е еден од условите за максимално да се искористи моќта на сонцето. 

Ситуацијата е сосема поинаква во однос на поставувањето на фотоволтаиците за производство и продажба на електрична енергија. Фирмите треба да обезбедат 15 документи и дозволи за градба од различни институции, пред да тропнат на вратата на Регулаторната комисија за енергетика. Првиот човек на регулаторното тело, Марко Бислимоски за ДВ вели дека еден од документите коишто се доставува при барање на лиценца за производство на електрична енергија е одобрението за употреба на енергетски објект или извештај за извршен технички преглед и ставање во употреба согласно закон. „Ваквиот документ значи дека објектот е изграден согласно соодветните проекти и може да се стави во употреба“, вели Бислимоски. 

Mazedonien Energieregulierungskommission
Марко БислимоскиФотографија: DW/K. Delimitov

Стратешки планови 

Зелената транзиција на Балканот е високо на агендата на ЕУ. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) досега има финансирано околу 30 мегавати, во капацитети за производство на соларна и хидроелектрична енергија во вредност од околу 27 милиони евра. ЕБОР мобилизираше и дополнителни 50 милиони евра. 

„ЕБОР поддржа значајни инвестиции во преносната и дистрибутивната мрежа, неопходни за енергетската транзиција, безбедност на снабдувањето и развој на обновливите извори на енергија“, вели за ДВ Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР во Северна Македонија.  

Но, и покрај ваквата финансиска помош однадвор, експертите сметаат дека земјата тешко ќе ги оствари амбиционите планови за развој на обновливите извори на енергија. Согласно стратешките документи за енергетиката, учеството на обновливите извори во електричната енергија е поставено на 46 проценти до 2025 година.

 

Истражувањето е поддржано од journalismfund.eu. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи