Слобода на печатот: Натегања помеѓу цензурата на автократите и борбата за слобода на изразување | Свет | DW | 03.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Слобода на печатот: Натегања помеѓу цензурата на автократите и борбата за слобода на изразување

Авторитарните режими ги здружуваат силите за да ја задушат слободата на печатот, но и новинарите се здружуваат за да ги заобиколат ваквите напори. Тоа дава надеж, оценува Џан Дундар.

Türkei Protest für Pressefreiheit

Степенот на слобода на печатот е мерило на слободата во едно општество

Новинарскиот центар во кој работам во Берлин е нешто како термометар на светската политика. Кога дојдов пред шест години, колегите во канцеларијата мораа да слушаат бројни приказни за цензурата во Турција. Подоцна се придружи млад политички карикатурист кој побегнал од режимот на Абдел Фатах ал-Сиси во Египет. Центарот на интерес потоа се сврте кон репресалиите на војската во Каиро.

Потоа ескалираше конфликтот во Нагорно Карабах и на нашата врата тропнаа колеги од Баку. Откако беше забранет најголемиот весник во Унгарија, седевме со неговиот главен уредник и ги споредувавме нашите искуства. Можете да си претставите дека денес работиме маса до маса со руски новинар кој се залага за мир.

Замолчени маси

Сите ние моравме да ги напуштиме нашите земји поради нашите мислења и нашето известување. Сите сакавме да продолжиме да ја практикуваме нашата професија и во егзил. Ние, кои дојдовме први, веќе имавме искуство со создавање медиум во егзил, што сега го делевме со дојденците.

Нашите дијалози откриваат колку е мизерна ситуацијата со слободата на печатот: „Кој извештај доведе до твое апсење?“, „Колку време беше во затвор?“, „Како успеа да ја напуштиш земјата?“, „Се надеваш ли на враќање?“ Разговорите потоа се свртуваат кон тоа како да ги надминеме високите ѕидови на цензурата и нашите гласови да се слушнат дома, кои алтернативни начини постојат за нашите забранети текстови да стигнат до нивната публика или како да се ослободиме од агентите на тајните служби кои нѐ следат.

Can Dündar Deutsche Welle Global Media Forum SHIFTING POWERS

Џан Дундар

Погледот на новинарите кои во нашиот центар доаѓаат од различни земји јасно укажува каде во светот се кршат слободите. Како што ние меѓусебно се учиме на тактики во борбата против цензурата, така се чини светските автократи ги копираат еден од друг моделите на репресија. Тие прибегнуваат кон слични методи за да ги затегнат уздите на својата моќ. Пред сè, тие се занимаваат со спречување на можностите за комуникација во општеството, замолчување на говорот и пишаниот збор. Бидејќи глувите и замолчените маси се многу полесни за управување.

Слободата на печатот е загрозена и на Запад

За шесте години на кои можам да се осврнам, можеше да се забележи следнава промена: нападите врз печатот, кои се сметаа за тоталитарна навика само во темните делови на светот, се проширија на Запад, каде што слободата на изразување се доживуваше и живееше како природно право. Видовме како Доналд Трамп го прекорува печатот во Вашингтон и им забранува на критичките новинари влез во Белата куќа, како во Лондон беше уапсен Џулијан Асанж, откако ги разоткри валканите државни тајни, како во Париз новинари беа влечени по земја поради тоа што правеа снимки од протестите на Жолтите елеци.

Како короната, така и цензурата се шири независно од границите, географијата или режимот. Прашањето „Што можеме да направиме за вас?“, кое порано го слушавме од нашите западни колеги, отстапи место на прашањето „Што можеме да направиме заедно?“

И сфативме дека заедно можеме многу. Зголемената репресија, која постојано се проширува, не само што предизвика голем егзодус на новинари, туку со себе донесе и шанса: во главните градови на Европа се етаблираа медиуми во егзил, што од една страна ги направи појасно видливи репресивните режими во нивните земји домаќини, а од друга страна овозможува меѓународна соработка во рамките на медиумите.

Глобален напад - глобален одговор

Кога слободата на изразување е изложена на глобален напад, тогаш и одговорот мора да биде глобален. Прекуграничното известување стануваше сè почесто. Додека диктаторите заедно организираат стратегии за да ги скршат своите противници и слободата на печатот, сега и ние соработуваме за да ги откриеме нивните валкани воени тајни, тајни банкарски сметки и тактики за прислушување телефонски разговори на противниците, или за труење на противниците.

Глобалната мрежа на новинари се проширува од ден на ден. Паралелно со цензурата и репресијата врз медиумите, во подем се борбата за слобода на печатот и слободата на изразување и барањето за право на јавноста на информирање. Тие стануваат глобални. Изгледа дека исходот од ова „влечење јаже“ ќе ја одреди иднината на светот.

Џан Дундар е турски новинар и писател кој шест години живее во Берлин. Тој во 2016 година се повлече од позицијата на главен уредник на турскиот дневен весник Џумхуриет, откако беше затворен три месеци и преживеа обид за убиство. Поради неговите истражувања за ангажманот на турската тајна служба во Сирија, тој во 2020 година беше осуден во отсуство на повеќе од 27 години затвор. Дундар во Берлин е главен уредник на двојазичното веб-радио ÖZGÜRÜZ („Ние сме слободни“).