1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Belgrad Luftangriff 1999
Воздушен напад на НАТО (Белград, 18.04.1999)Фотографија: picture alliance/dpa
КонфликтиСрбија

Војната во Украина и преседанот Косово

Обработка: | Дијана Рошчиќ | Берлинер цајтунг (БЦ)
9 јуни 2022

Во 1999, НАТО ја бомбардираше Србија кршејќи го меѓународното право, по што следеше создавањето на државата Косово. Сега сето тоа му помага на Путин во аргументацијата за војната против Украина, пишува Берлинер цајтунг.

https://www.dw.com/mk/%D1%80%D1%83%D1%81%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B8%D0%BD%D0%B2%D0%B0%D0%B7%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B2%D1%80%D0%B7-%D1%83%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%B8-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%B5%D0%B4%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D1%82-%D0%BA%D0%BE%D1%81%D0%BE%D0%B2%D0%BE/a-62064989

„Како главно кредо на западната поддршка за Украина се наведува суверенитетот и територијалниот интегритет на државата - и тоа со право! Војната на Путин го крши меѓународното право, во тоа нема ников сомнеж. Кога пишуваат за ова кршење на меѓународното право, многу западни политичари (и медиуми) имаат тенденција да заборават (или намерно да ги занемарат) аргументите на Владимир Путин, кој нападот врз Украина и признавањето на 'Народните републики Луганск и Доњецк' ги спореди со постапките на Западот за време на војната на Косово и неговото подоцнежно признавање во 2008 година“, пишува весникот Берлинер цајтунг (БЦ). „Во февруари годинава, кога почна војната на Путин, многу западни политичари (вклучувајќи го и канцеларот Олаф Шолц) изјавија дека од Втората светска војна не паѓале бомби врз некоја европска престолнина.

Тоа едноставно не е точно. НАТО-бомбите во 1999 година паѓаа на Белград, главниот град на Сојузна Република Југославија, суверена држава. На оние, на кои овој пример не им се допаѓа, можат да се послужат и со примерот на Сараево од почетокот на 1990-те години. Сараево тогаш и сега главен град на Босна и Херцеговина, меѓународно призната и суверена држава, повеќе од три години беше гранатирано од страна на единиците на босанските Срби. Пиететот кон жртвите бара повеќе историска прецизност. И Белград и Сараево се европски главни градови.“

Разурната зграда во Белград од бомбардирањето на НАТО во 1999 година
Разурната зграда во Белград од бомбардирањето на НАТО во 1999 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Хуманитарна интервенција

Овој весник наведува дека тримесечното НАТО-бомбардирање на Југославија со учество на Германија, во 1999 година, „правно гледано“, е „многу контроверзна операција“, без мандат на Советот на безбедност на ОН и „од германска перспектива, претставува кршење и на Уставот (според германскиот Устав, водење агресорска војна е неуставно).“

Берлинер цајтунг наведува дека „покрај овие формални кршења на законот, операцијата или интервенцијата на НАТО е оправдана со својот хуманитарен карактер и со аргументот оти со неа се спречува геноцид на Косово. Тоа оправдание е, исто така, контроверзно (а го користи Путин да ја оправда својата специјална операција, која би требало да спречи геноцид над рускиот народ во Донбас).“

На ова место во текстот, авторот нагласува: „Мора да се нагласи дека нема никаков сомнеж оти југословенската војска и српските полициски единици на Косово сторија ѕверства и тешки злосторства. За тоа сведочи и Резолуцијата 1199 на Советот за безбедност на ОН од септември 1998 година.“

Напади врз цивилното население

Текстот продoлжува во прво лице: „Често тогаш се прашував, ако интервенцијата на НАТО всушност била насочена кон спречување хуманитарна катастрофа, зошто е бомбардирана цела Југославија? Зошто операцијата не била локално ограничена на Косово? Во која мерка се спасени животи на Косово со уривање на мостовите во Нови Сад, 400 километри северно?“

Дете од Косово најде прибежиште од нападите на српските сили во Стенковец Македонија
Дете од Косово најде прибежиште од нападите на српските сили во Стенковец, Македонија (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa

Авторот на овој текст, Бобан Дукиќ, потоа наведува оти „НАТО тврдеше дека нападите се насочени против воената инфраструктура (исто како што тврди Путин за војната во Украина)“. Тој вели дека „и кај војната на Путин се поставува прашањето зошто неговата специјална операција не е ограничена на Донбас (што би било доволно лошо, а и е спротивно на меѓународното право), туку ја опфаќа цела Украина.“

„Но, да го оставиме тоа настрана. Да претпоставиме дека интервенцијата на НАТО од 1999 година била легитимна (сигурно не била легална). Ако е така, како според меѓународното право го оправдуваме признавањето на државата Косово кое потоа следеше?“

Косово: Спорна државност

Весникот пишува оти правните последици од војната можат да се сумираат со Кумановскиот мировен договор и со доаѓањето на мировните сили на НАТО.

„Инаку, овие мировници неколку години подоцна гледаа како се запалени и ограбени 300 српски цркви и манастири, а голем дел од останатото српско население на Косово станаа жртви на прогон.“

„Советот за безбедност на ОН ја донесе резолуцијата 1244, која и денес е во сила,  и која ги обврзува сите држави членки на ОН да го чуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на СР Југославија (чиј правен наследник денеска е Србија)“, потетува весникот и потоа наведува дека Косово во 2008 година еднострано прогласи независност која Србија до денес не ја призна, повикувајќи се на нарушувањето на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.

„Како и поголемиот број западни земји и нивните сојузници, Германија ја призна независноста на Косово. Поголема половина од членките на ОН тоа го гледаат поинаку (вклучувајќи и 5 земји од ЕУ). А покрај тоа, ни Украина, чиј суверенитет и територијален интегритет во моменов ги уништува Русија, не го призна Косово.“

Serbien Kosovo
Демонстрации во Берлин во април 1999 година на кои се бараше итно запирање на воздушните НАТО-напади врз СрбијаФотографија: picture-alliance/dpa

Германија се противи на размена на територии

„Оваа дилема трае веќе 14 години. Западните држави вршат притисок да се признае Косово, пред сѐ врз Србија“, пишува Берлинер цајтунг и наведува дека пред неколку години постоеше „интересно решение овој Гордиев јазол да се разврзе со компромис кој предвидуваше размена на територии“.

Изгледаше како и Србите и косовските Албанци да сигнализираа подготвеност за тоа, меѓутоа, идејата беше брзо отфрлена. „Пред сѐ Германија беше против. Причината: Со тоа би се нарушил суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово. Суверенитет и територијален интегритет заснован на кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија?“

Секој може да го посочи примерот na Косово

Берлинскиот весник потсетува дека Путин ја користи оваа „контрадикторна западна политика“, повикувајќи се на примерот на Косово,  кога западните политичари го критикуваат за прекршување на меѓународното право.

„Се разбира, резонирањето на Путин е погрешно. Само затоа што некој друг постапува незаконски не значи дека сопствените постапки одеднаш ќе станат легални“.

Авторот потсетува дека во 1998 година, непосредно пред операцијата на НАТО, Лудгер Фолмер, тогашниот државен секретар во германското министерството за надворешни работи, во дебата во Бундестагот рече: Аргументот дека ова е исклучок, а не преседан, е измама. Секоја регионална сила која сака да воспостави ред во своето соседство во иднина ќе го посочи примерот на Косово.

Jugoslawien Serbien Geschichte Brücke zerstört in Novi Sad
Фотографија: AP

„За жал, тој беше во право“, вели Берлинер цајтунг и заклучува:

„Западот и Германија, кои денес сакаат да се стилизираат како благородни бранители на меѓународното право, како застапници на државниот суверенитет и територијален интегритет, можеби самите треба да почнат да го почитуваат меѓународното право. И не само кога тоа им служи на нивните интереси. Која е вредноста на правната норма ако нејзината примена не важи за сите? Тоа барем ќе им ги одземе аргументите на криминалците како Путин“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница