Големи руски напади врз Украина пред средбата Зеленски-Трамп
27 декември 2025
Непосредно пред средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп што се смета за решавачка за мировен договор, Русија повторно изврши тешки воздушни напади врз Украина.
Воздушни напади врз Киев и повеќе други украински региони
Во Киев вноќеска (26/27.12) се слушаа експлозии, додека украинската противвоздушна одбрана беше активна. Според информации од армијата, биле испукани ракети и насочени дронови кон главниот град, како и кон региони на североисток и југ на Украина.
Во Киев загинало едно лице, а околу 20 други се повредени, соопштија локалните власти. Гувернерот на Киев, Микола Калашник, изјави дека нападите оставиле и повеќе од 320.000 луѓе во регионот без струја на ниски температури. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека 2.600 станбени згради, како и стотици градинки, училишта и други социјални објекти, останале без греење.
Според властите во Киев, повредени се најмалку осум лица.
Безбедносна тревога и во Полска
Поради нападот, според полската контрола на летање, привремено биле затворени аеродромите во Жешов и Лублин на југоистокот на Полска, а полетале и полски борбени авиони за да го заштитат полскиот воздушен простор. Сепак, немало повреди на воздушниот простор.
Зеленски и Трамп пред решавачки разговори за мир
Во фокусот на разговорите планирани за недела (28.12) во Флорида со Трамп, според Зеленски, е прашањето кои територии Украина ќе мора да ги препушти на контрола на Русија. Ова се смета за најголема пречка за мировен договор меѓу Украина и Русија. Рускиот претседател Владимир Путин, меѓу другото, го бара целиот Донбас на истокот на Украина.
Планот од 20 точки за мировно решение, кој го туркаат САД, е завршен 90 проценти, изјави Зеленски. Трамп, сепак, во интервју за „Политико“ ја нагласи својата клучна улога: „Тој нема ништо, додека јас не го одобрам.“
Координација со Европската унија
Пред нивната средба, Трамп и Зеленски денеска ќе одржат телефонска конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и други европски државници и владини лидери.