Претседател што не успеа да стане тоа | Спор за името | DW | 14.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Спор за името

Претседател што не успеа да стане тоа

Иванов го „чита“ Уставот како што секти ја читаат Библијата, го „толкува“ и растегнува на ист начин како што аматер растегнува хармоника. Јавно ни порача да не се надеваме дека неговата неодговорност има некакви лимити.

На денот кога грчкиот и македонскиот премиер постигнаа договор за решавање на речиси тридеценискиот спор за името, Македонија не доби шанса ни да здивне, ни да се израдува на тој историски договор. Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, веднаш побрза да го каже своето „историско НЕ“. Вчера уште еднаш го потврди.

Демократската јавност, таа која што во овој договор препозна отворање на големи перспективи за македонската држава, e гневна. На домашниот enfant terrible, на чија врата во втор мандат стои натпис „претседател на Република Македонија“, не му е првпат да станува кочничар на развојните процеси и генератор на нови кризи. А избран е да го прави спротивното. Само во изминатите три години постапките на претседателот драматично ја загрозија безбедноста на државата: тој стана непресушен извор на правна нестабилност во земјата, длабоко ги девалвираше законодавната и судската власт, со што даде мотивација и отвори простор за насилства од големи размери, како што беа оние на 27-ми април 2017 година.

Повеќе:

-Иванов пак ја отвори Пандорината кутија, кој ќе ја затвори?

-Иванов нема да го потпише договорот за името со Грција

-Иванов, Заев и Димитров се разделија по две минути

Сега е на прагот да предизвика реприза на тие крвави настани. Ако тогаш поранешниот премиер Никола Груевски со одобрувачки молк на Иванов го повикуваше народот „да не седи дома во влечки“ и да си ја земе судбината во свои раце, сега Иванов лично „го повика македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши и да го чува и негува многувековниот идеал на непокорот“.

Претседателот влезе во нова, многу опасна игра, на која сака да и даде легитимитет со тоа што во неа ќе го втурне народот и ќе предизвика нови поделби во општеството. Моделот е ист како пред 27-ми април. Иванов почна манипулација на граѓаните дека договорот со Грција „го погазува заветот на нашите предци, се погазува 73- годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ, се брише 27 годишната историјата на независната македонска држава, се што е свето за Македонија е погазено, а правото и гордоста на неродените да бидат Македонци им се ускратува“.

Ништо од овие тешки зборови не произлегува како последица од договорот Заев-Ципрас. Ниту се брише историјата на независна Македонија, ниту се оспорува идентитетот. Но, претседателот Иванов сепак реши да игра на таа карта, да воскресне внатрешни и надворешни непријатели, неименувани заговорнички сили кои наводно сакаат Македонија да исчезне од мапата на светот. Договорот со Грција го нарече „штетен“ и „политичка дивоградба“. А токму овие два епитета се најсоодветни за опис на претседателскиот хабитус на Иванов. Тој подолг период со неговите постапки им штети на перспективите на земјата, бидејќи легитимитетот на претседателската функцијата го замени за да функционира само како партиска експозитура, дивоградба на ВМРО-ДПМНЕ инсталирана во претседателскиот кабинет. Тој го „чита“ Уставот како што секти ја читаат Библијата, го „толкува“ и растегнува на ист начин како што аматер растегнува хармоника обидувајќи се да се прикаже како виртуоз. Јавно ни порача да не се надеваме дека неговата неодговорност има некакви лимити и граници. Со такво своеволно самоослободување од одговорноста, Иванов се обидува да ја спречи Македонија да го реши спорот кој ги кочи интегративните процеси на земјата, бидејќи негов идеал не се ни ЕУ, ни НАТО, освен на фразеолошко, декларативно ниво.

Неговата претседателска деценија е посветена исклучиво на една агенда: создавање парадржавна оаза во која ќе се владее врз интерпретативна (ре)презентација на минатото за потребите на авторитарна врхушка. Наместо развој и перспектива, граѓаните треба да бидат тренирани да поддржуваат општествен модел кој се заснова на она што Семјуел Џонсон своевремено го дефинирал како „патриотизмот е последното прибежиште на никаквеците (џганот)“. Се разбира, Џонсон мислел на самопрогласените, квази патриоти. Токму низ таков дискурс на самопрогласен патриот, Иванов ја компромитира претседателската функција и по многу висока цена и го троши времето на Македонија. Вербата дека е „вистински патриот“, ја црпи од разни странски и верски оредени, доделени од верски и државни поглавари, кои на Македонија гледаат како на своја геополитичка степа.   

Јасно е дека врз таков пристап не може да се заснова ниту една трансформативна и прогресивна политика. Затоа Иванов „на некои“ им добар. Тој, односно неговото вето на договорот со Грција, е алатката која ги крепи неговите и надежите на неговите политички ментори надвор од Македонија, дека оваа земја не треба да биде членка на НАТО, туку нечија губернија. За таа цел треба да ги искористи уставните овластувања за потпишување на меѓународни договори, за да не го потпише. За да ја држи Македонија во изолација, во лимбо, ни на небо, ни на земја...

Неговата улога е сведена на една поразителна оперативна политика: тој да успее, за Македонија да биде поразена. Тој би ја вратил земјата таму каде што живеат неговите антички митови, што подалеку од Европа, подалеку од цивилизација и нормален живот, во партиско-бројлерската фарма каде под контролирани услови се одгледуваат фалангисти, букефали и православци тетовирани со кама и наоружани со пиштоли. Правни експерти повикуваат Уставниот суд по службена должност да ги разгледа условите за поведување постапка за одземање на неговата деловна способност. Во моментов уште поважно е надлежните институции да се посветат на внатрешната безбедност, а партиските лидери да ги демаскираат тезите со кои Иванов ги заплашува македонските граѓани. Ретроградните сили на кои се потпира тој и неговата база, мора да бидат спречени во намерите да ја вовлечат Македонија во нов бран насилства. Едни беа вовлечени во такви мрачни игри на 27- ми април, а сега се соочуваат со судски пресуди заради лукративните интереси на Груевски и Иванов. Ако не разберат дека повторно се пред опасноста да наседнат на истото сценарио во нова амбалажа (наводна „одбрана на името“), тогаш навистина ќе се соочат со сите последици од можни насилства и ескалациии. Секако, прв ќе мора да одговара Иванов. И тоа уште сега мора јавно да му се каже, пред да биде доцна.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама