Пресврт во односите на Германија и САД? | Свет | DW | 29.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пресврт во односите на Германија и САД?

Германската канцеларка смета дека се минато времињата „кога можевме сосема да се потпреме на други“. Некои оваа изјава ја протолкуваа како крај на трансатлантските односи. Дагмар Енгел фрла подетален поглед на нештата.

Ангела Меркел, најмоќната премиерка на светот, ретко предизвикала толкава бура на другата страна на Атлантикот. За нејзините зборови се дискутира жестоко, се зборува дури и за историски пресврт во односите на Германија и САД. Жестокоста на реакцијата веројатно ја изненади германската канцеларка. Таа конечно не стори ништо друго освен што го констатираше очигледното: какви и особини да му се припишуваат на американскиот претседател Доналд Трамп, доверливоста сигурно не е една од нив.

Предизборие е

Ако се зборува попрецизно, мора да се каже дека Меркел не зборуваше како германска канцеларка, односно не зборуваше само во улога на германска канцеларка, туку и во улога на лидер на ЦДУ кој е во предизборна кампања. Канцеларката од самитот на Г7 за време на викендот го понесе незадоволството, а шефицата на партијата - знаењето дека критика на сметка на САД, а пред сѐ на Трамп, има особено добар одзив кај избирачите. Главните противници во кампањата, социјалдемократите, на оваа карта играат одамна. И двата табора повторно ја открија Европа.

Kommentarbild Kommentatorenfoto Dagmar Engel

Дагмар Енгел

Откривање на Европа

Трамп и Брегзит - шокантните бранови кои ги предизвикаа одлуките во САД и Велика Британија повторно ја разбудија Европа и нејзините граѓани. Со проевропски став на избори може дури и да се победи против популистите - тоа во Франција го докажа Емануел Макрон. Шансите за зајакнување на ЕУ, за продолжување на пишувањето на нејзината историја, одамна не биле толку големи како во моментов. А, една единствена ЕУ е играч со кој мора да смета во светски рамки.

Апокалипса засега - нема

Сепак, сето ова не значи дека Меркел им врти грб на САД. Таа не може да биде толку незадоволна со климатската политика на американскиот претседател, за да крене раце од принципиелната поврзаност со САД. Апокалипса нема. Тоа нема да се случи ниту за шест недели, на самитот на Г20 во Хамбург. Сега сите се подготвени дека „некако минаа времињата“ во кои можеш да се потпреш на другите, што значи: самитот на Г20 можеби нема да биде гигантски успешен.

Значи, само мирно. За оние на кои им е неопходно дополнително уверување: лидерката на ЦДУ и германска канцеларка сигурно не би најавила пресврт во односите на некаков предизборен собир на сестринската партија ЦСУ кој се одржа во шатор. Канцеларката едноставно има премногу стил и не би направила нешто такво.

DW.COM

Реклама