Последното танго на власта и опозицијата | Северна Македонија | DW | 23.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Последното танго на власта и опозицијата

До распуштањето на парламентот на 11-ти февруари на сцена е последниот обид за донесување на Законот за јавното обвинителство. Времето е кратко, волјата неизвесна

Во наредниве денови работните групи на власта и на опозицијата ќе направат последен обид за усогласување на ставовите околу предлогот на Закон за Јавното обвинителство. За овој закон преговорите почнаа во почетокот на минатата година, но завршија без успех. Она што сега е на маса, е трета верзија на законот. Времето до распуштањето на парламентот (11-ти февруари) е кратко, ставовите на власта и опозицијата се неусогласени, па голем дел од експертите сметаат дека во такви услови подобро е да не се носи законот, отколку да се донесе набрзина. Но наспроти ваквите ставови, се очекувањата на власта со Законот за Јавното обвинителство да се заокружат реформите во правосудството, битни за интеграцискиот пат на земјата. Последен што ја актуелизираше потребата од овој закон беше новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархелји, кој минатата недела во Скопје изрази надеж дека овој парламентарен состав ќе го изгласа законот. Според вицепремерот за евроинтеграции, Бујар Османи, иако законот не е наведен како услов од Европскиот совет или од Комисијата, важно е тој да биде донесен.

„Советот не ни рече имате уште еден бенчмарк, но индивидуално, одредени земји членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување на правна држава“, порача Османи.

Сега, во „5 до 12“, темата повторно се тркала на меѓупартиски терен. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека „тоа што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12-ти април ќе заминат во опозиција". Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, „овој закон ќе ги донесе сите под еднаков третман и никого нема да стави во привилегирана положба, без разлика дали е опозиција или власт“.

Нема трансфер, има конкурс

Како и во претходните случаи, и за овој предлог копјата се кршат околу обвинителите и предметите на СЈО. Во член 108, став 3 од предлогот на законот, се вели дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема надлежностите од СЈО, а во став 4 дека обвинителите од СЈО кои постапувале по предметите од надлежност на ова јавно обвинителство, продолжуваат да постапуваат по тие предмети кои се предадени на Јавното обвинителство. Членот 109 предвидува во рок  од 30 дена по влегувањето во сила на законот, Советот на јавни обвинители по предлог на јавниот обвинител на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во тоа обвинителство, а во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката, да распише оглас за избор на јавни обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал. 

Повеќе:

-А да ги заклучиме сите во Парламентот?!

-По кој пат ѕвони поштарот

-Обвинителството на Рускоска ќе ги преземе надлежностите на СЈО

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која има голем број функционери засегнати од истрагите на СЈО кои ги презеде ЈО, сметаат дека овој предлог прејудицира „вдомување“ на обвинителите од тимот на Јанева во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција

„Ние сметаме дека контроверзиите што ги следеа овие обвинители и ова обвинителство, особено противзаконското земање високи хонорари спротивно на Законот за обвинителска служба и Законот за плати на обвинители, не би требало да им даде повластен третман за таква една привилегија“, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа не е точно“, вели министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска.

„Секој што ќе го прочита законот, ќе види дека тој предвидува проширување на бројот на обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за кои потоа ќе се распише конкурс и секој обвинител што исполнува услови ќе може да да конкурира. Значи, тоа не е трансфер на обвинителите од СЈО. Целта беше да се создаде капацитет во Обвинителството за гонење организиран криминал, кој ќе ги има сите предуслови, вклучувајќи ги и човечките капацитети, за да ги преземе зголемените надлежности кои ги има според овој закон“, објаснува Дескоска.

Од опозицијата имале и забелешки за „строги“ одредби за разрешување на обвинители, но засега никој на прецизира конкретно на кои критериуми се однесуваат тие забелешки.

Подобро е со консензус

Во моментов владее воздржаност околу прогнозите дали овој обид да се донесе законот ќе заврши успешно. Според Дескоска, шансите да се донесе законот зависат од вистинската волја на ВМРО-ДПМНЕ, односно од нивната подготвеност да ги стават интересите за евроинтеграција пред интересите на одредени нивни партиски членови, за кои се водат постапки од редовното обвинителство, а беа почнати од СЈО.

„Она што го слушам како најави од страна на ВМРО-ДПМНЕ за одредени забелешки, ако се остане навистина на тоа што е, може да дојдеме до договор. Но, јас не можам да прејудицирам сè додека не ги видиме написмено нивните ставови и забелешки, бидејќи честопати она што декларативно го кажуваат и она што ќе го напишат како конкретен амандман се разликува, и честопати во тие амандмани се кријат одредени задни намери особено за случаите на СЈО“, рече Дескоска.

Социјалдемократите досега неколкупати излегоа со став дека системски закон каков што е овој за Јавното обвинителство, е добро да се донесе со консензус со најголемата опозициска партија, но во меѓувреме работат и на обезбедување двотретинско мнозинство и без неа.

 

Реклама