1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Погреб на Сулејмани - ќерката се закани со „црн ден за САД“

ЖА
6 јануари 2020

Емоционална погребна церемонија и гневни протести - илјадници луѓе во Техеран се простија од генерал Сулејмани, убиен во американски напад. Ќерката на генералот се закани со одмазднички акции. НАТО свика вонредна седница

https://p.dw.com/p/3Vm9g
Iran Trauerzeremonie für getöteten General Soleimani in Teheran
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Noroozi

Многу од учесниците на прошталната церемонија низ улиците на Техеран носеа портрети на убиениот генерал Сулејмани, се вееја ирански и црвени знамиња - во Иран црвената боја симболизира „мачеништво“, одекнуваа повиците „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“. Државната телевизија извести за повеќе милиони присутни луѓе.

Касем Сулејмани беше убиен во петокот во Багдад, заедно со уште други четворица Иранци и еден ирачки милициски водач, во напад со дрон изведен од страна на САД. Генералот, личност со големо политичко влијание на Блискиот Исток, се наоѓаше на чело на бригадите Ал-Кудс, одговорни за странски мисии во рамките на иранската Револуционерна гарда. Пред неговиот ковчег денеска се собра целото иранско раководство. Иранскиот духовен водач Али Хамнеи изрече молитва за убиениот генерал, а неговата ќерка изјави дека маченичката смрт на нејзиниот татко ќе го „вивне отпорот и ќе предизвика Америка и Израел да се стресат од страв“.  И други говорници пред насобраната маса народ го величаа генералот како херој, барајќи одмазда за неговото загинување.

Iran Trauerzeremonie für getöteten General Soleimani in Teheran
Највисокото иранско раководство му оддаде почит на СулејманиФотографија: AP/Office of the Iranian Supreme Leader

Повеќедневната проштална манифестација за Сулејмани започна во саботата во градот Ахвас, а генералот ќе биде погребан утре во неговиот роден град Керман.

Смртта на Сулејмани ја заостри загриженоста од ескалација на конфликтот помеѓу САД и Иран.  Двете страни изминатите денови се натпреваруваа со  меѓусебни закани.  Додека Хамнеи најави „тешка одмазда“, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД имаат во визир 52 ирански цели, доколку Техеран изврши напади врз американски граѓани.

Иран освен тоа најави уште еден натамошен чекор во повлекувањето од Меѓународниот атомски договор - Техеран веќе нема да се придржува кон ограничувањето на бројот центрифуги за облагородување на ураниум.

И во рамките на НАТО се шири вознемиреност - за денеска е закажана вонредна седница на амбасадорите на земјите-членки, на која централна тема ќе биде иднината на мисијата на Алијансата во Ирак. За попладне е предвидена прес конференција на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Западната воена алијанса од 2017. година учествува во меѓународниот воен сојуз во Ирак создаден за борба против џихадистичката милиција Исламска држава.

Ирачкиот парламент во неделата, реагирајќи на американскиот напад со дрон врз Сулејмани, побара од својата влада да стави крај на соработката со од САД предводената антиџихадистичка коалиција против ИД.  Американскиот претседател Доналд Трамп на тоа стави во вид масивни санкции против Ирак. 

Irak Bagdad | Parlamentssitzung
Ирачкиот парламент откажа гостопримство на американските војнициФотографија: Reuters/Iraqi parliament media office

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас апелираше тензиите да се разрешат на дипломатски начин. Според него, американските закани со санкции во моментов не се од голема помош, како што истакна тој во интервју за Дојчландфунк. Ирак треба да биде убеден за натамошна соработка со помош на аргументи, смета Мас. Притоа, мора  да се спречи Ирак да стане поприште на војна меѓу САД и Иран.

Во коалицијата против Исламска држава учествува и Германија. Поради заклучокот на ирачкиот парламент, германскиот Бундесвер се подготвува за можно повлекување на своите војници од земјата, но засега се врши интензивно следење на натамошниот развој на ситуацијата, соопшти портпарол на германското Министерство за одбрана.

Европејците прават напори за деескалација на растечките тензии на Блискиот Исток. Германија, Франција и Велика Британија вчера со заедничко соопштение ги повикаа на воздржаност сите инволвирани страни во конфликтот. В сабота германската канцеларка Ангела Меркел, заедно со министерот за надворешни работи, Хајко Мас, патува во Москва на консултации со рускиот претседател Владимир Путин околу новонастанатата ситуација во регионот на Блискиот Исток.