1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата ја играат Македонија и Грција

21 април 2010

Европратеникот Даниел Кон-Бендит смета дека сега постои можност да се изврши притисок врз Грција за отстапки во спорот за името. Тој оценува дека решението сепак не може да дојде од надвор.

https://p.dw.com/p/N1fw
Даниел Кон-БендитФотографија: AP

„Во однос на спорот за името на Македонија, отсекогаш имам едноставна позиција, и велам: Македонија е Македонија, и Македонија ќе си остане. Потребно е да се прекине со оваа игра,“ изјави за Дојче веле европратеникот Даниел Кон-Бендит.

Околу притисоците кои се вршат врз Македонија за промена на името, ко-претседателот на групата на Зелените во Европскиот парламент зборува отворено: „Ако Македонија сака да си го зачува името Македонија, тоа мене ми одговара. Ако Македонија сака да си го промени името, тоа го прифаќам. Околу ова име е направено големо националистичко наддавање, како во Македонија, така и во Грција. Мислам дека би било добро да се направи нешто, за да се смират сите. Во спротивно нема да излеземе од проблемот.“

Излезот според Кон-Бендит е можен, со вршење на притисок врз Грција за да ја подигне блокадата на европската интеграција за Република Македонија. „Но тука се гледа проблемот на сите одлуки кои треба да се носат едногласно во ЕУ. Сè додека Грција ја блокира Македонија, тоа претставува и проблем во функционирањето на ЕУ. Сега постои можност вистински да преговараме со Грција за нејзината помош за излез од кризата и за нејзиното попуштање во однос на името на Македонија. Тоа би било можеби можност да се излезе од ќорсокакот.“

„ЕУ немоќна во случајот со Кипар и со Македонија“

Европската унија според Кон-Бендит во случајот со Македонија се покажа исто така немоќна како и во случајот со Кипар. „Но, како што знаете ја изгубивме битката со Кипар. Според мене, партијата се игра во Македонија и во Грција. Тие се тие што треба да станат поразумни. Ако не се рационални и не се раздвижат, тогаш не може да се најде решение меѓу Македонија и Грција. Кога има националистичко лудило и тоа се стави на пат, тогаш тоа тешко може да се запре.“

Групата на европските Зелени во Европскиот парламент отсекогаш и дава поддршка на евроинтерграцијата на Македонија. За можноста дали таа може да поведе иницијатива за решавање на спорот за името, Даниел Кон-Бендит вели: „Би можеле да поведеме иницијатива, која би била иницијатива на компромис под услов ако двете страни се подготвени да прифатат компромис. Засега реакцијата околу идентитетот е таа што блокира сè кај двете страни.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема