1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Унгарскиот премиер Виктор Орбан (десно) ќе мора да ги балансира деловните интереси со геополитичките тензии во неговите разговори со Путин 
Унгарскиот премиер Виктор Орбан (десно) ќе мора да ги балансира деловните интереси со геополитичките тензии во неговите разговори со Путин Фотографија: Kremlin Press Office/Anadolu Agency/picture alliance

Орбан на средба со Путин среде кризата околу Украина

Пријанка Шанкар
1 февруари 2022

Унгарскиот премиер во Москва ќе разговара со рускиот претседател за снабдувањето со гас и за нуклеарната соработка. Виктор Орбан сака со договорот за руски гас да постигне најмалку две цели.

https://www.dw.com/mk/%D0%BE%D1%80%D0%B1%D0%B0%D0%BD-%D1%81%D0%B5-%D0%BD%D0%B0%D0%B4%D0%B5%D0%B2%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D1%83%D1%81%D0%BB%D1%83%D0%B3%D0%B8-%D0%BE%D0%B4-%D0%BF%D1%83%D1%82%D0%B8%D0%BD-%D1%81%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B5-%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%B7%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BE%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D1%83-%D1%83%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%B8%D0%BD%D0%B0/a-60617909

На денешниот состанок во Москва, Орбан ќе настојува да преговара за зголемување на снабдувањето на Унгарија со руски гас, како и за напредокот на проектот за нуклеарната електрана Пакс кој го помага Русија.

Секако, во разговорот со Владимир Путин ќе мора да стане збор и за сѐ поголемата затегнатост во Украина. „Очигледно не можеме да го избегнеме разговорот за безбедносната ситуација во Европа, а позицијата на Унгарија е целосно јасна. Ние сме заинтересирани за мир“, изјави Орбан во едно интервју минатата недела. Тој, исто така, додаде и дека на таа тема, пред состанокот со Путин, ќе разговара и со претставници на ЕУ и на НАТО.

Симболична порака за Путин

Даниел Хегедис, од фондацијата Германски Маршалов фонд, оценува дека моментот во кој доаѓа овој состанок е симболичен. „Ова е 11 билатерален состанок меѓу Путин и Орбан, а моменот во кој тој се одржува му испраќа на Путин симболична порака: му покажува дека не секоја членка на ЕУ го отфрлила поради кризата во Украина. Сличен состанок беше одржан и по руската анексија на Крим во 2014 година, што доведе до тоа многумина да се запрашаат дали Унгарија беше тројански коњ на Кремљ на Запад“, вели Хегедис за ДВ.

Украинските резервисти се подготвуваат за евентуална руска инвазија

„Премиерот Орбан сака овој состанок да биде удар со кој ќе убие две муви. Од една страна, тој сака да го одржи тој посебен однос на својата земја со Русија, а од друга, во светло на претстоечките избори во Унгарија, тој сака да ги задоволи енергетските потреби во својата земја, односно да го зголеми количеството на гас со кое Русија ја снабдува неговата земја.“

Нуклеарна електрана

Орбан одржува редовни состаноци со претседателот Путин уште од 2014 година, кога стана премиер на Унгарија. Преговорите за снабдување со енергенси секогаш биле клучен дел од тие состаноци.

Според мислењето на Андраш Рачу, висок научен соработник во германскиот Совет за надворешни односи, повеќеслојната економска политика на Орбан, која има за цел на Унгарија да ѝ овозможи сама да ги задоволи сопствените потреби за енергија, го користи, исто така, и Кремљ. „Унгарија во 2014 година потпиша договор со руската државна корпорација за нуклеарна енергија Росатом за проширување на нуклеарната електрана Пакс во Унгарија. Проектот е финансиран со заем вреден 10 милијарди евра од Русија, а тоа воедно е и клучен елемент кога станува збор за подобрувување на економските односи меѓу Русија и Унгарија“, вели Рачу за ДВ.

„Пред овој договор, Росатом работеше на проекти ширум светот, а никогаш во ЕУ. Потпишувањето на овој договор со Унгарија беше многу важен за компанијата. Се смета дека ако сте доволно добри за ЕУ, тогаш сте доволно добри и на друго место“, објаснува Рачу.

Инаку, проектот досега е одложуван неколкупати, но унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, неодамна за руската новинска агенција Тас изјави дека Унгарија сака проектот во првата половина на 2022 година да влезе во „фаза на воспоставување“.

Нуклеарната централа Пакс лоцирана покрај реката Дунав е единствената нуклеарна централа во Унгарија
Нуклеарната централа Пакс лоцирана покрај реката Дунав е единствената нуклеарна централа во УнгаријаФотографија: Attila Volgyi/Xinhua/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Снабдување со природен гас

Сијарто, исто така, вели дека зголемувањето на количините со кои годишно Унгарија се снабдува со руски гас ќе бидат клучен дел во разговорот со Путин. Тоа се случува среде скокот на цените за енергија во Европа.

Во септември 2021 година Унгарија потпиша долгорочен договор со Гаспром врз основа на кој овој руски концерн ќе испорача 4,5 милијарди кубни метри гас преку Србија, односно Австрија - значи, заобиколувајќи ја Украина.

Овој договор, меѓутоа, минатата година ги налути украинските официјални лица. Украинскиот министер за надворешни работи, Димитро Кулеба, оцени дека договорот е потпишан „за да се пркоси на националните интереси на Украина и на укринско-унгарските односи“.

Најавата за средба на премиерот Орбан со рускиот претседател предизвика негодување и во самата Унгарија. Една опозициска партија минатата недела издаде соопштение во кое го повика премиерот да ја откаже средбата, објаснувајќи дека тоа „испраќа порака дека земјите членки на НАТО и на ЕУ не се единствени во отфрлањето на предлозите на Путин“.

Олег Игнатов, висок аналитичар во Меѓународната кризна група, објаснува дека иако главниот адут на премиерот Орбан е прагматизмот, односно дека го прави она што е најкорисно за неговата земја - Унгарија сѐ уште има комплицирани односи со Русија.

„Можам само да кажам дека Орбан доби сѐ што му требаше од Русија – многу поволен договор за гас. Условите на тој договор се подобри отколку за некои други купувачи на руски гас. Истовремено, Унгарија не отстапува од политиката на ЕУ кон Русија“, вели Игнатов за ДВ.

Орбан сака деескалација

И додека тензиите околу Украина ескалираат, некои европски земји од Вишеградската група - Полска, Чешка и Словачка - ги поддржуваат воените напори на НАТО. Унгарија, која исто така е членка на таа група, меѓутоа, најави дека ќе остане надвор од тоа - поради бројните несогласувања во минатото со Украина.

Меѓутоа, Игнатов објаснува дека иако Унгарија и Украина имаат проблеми со правата на Унгарците кои живеат во Украина, нема докази дека Будимпешта ќе заземе различен став од ЕУ кога станува збор за европската безбедност.

Освен воените напори на НАТО, лидерите на САД и на ЕУ разговараат и за воведување санкции против Русија, кои би вклучиле трговски забрани, што пак би предизвикало намалување на снабдувањето со енергија. Хегедис од германскиот Маршалов фонд вели дека Орбан е свесен дека сѐ што ќе направи за смирување кризата ќе биде од корист за неговите национални интереси.

„Источна Европа во голема мерка зависи од испораките на руски гас, а Орбан знае дека инвазијата на Украина може да има штетен ефект“, вели Хегедис за ДВ. „Дотолку повеќе, Унгарија води мултилатерална надворешна политика, така што инвазијата на Украина би ја ставила во тешка позиција, бидејќи, како членка на НАТО и на ЕУ, ќе мора да балансира меѓу Западот и истовремено да го слуша Кремљ за да ги задржи специјалните односи“. Затоа Орбан сака деескалација во Украина“, заклучува Даниел Хегедис.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Македонија знаме

Македонскиот руски круг

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница