Олаф Шолц во интервју за ДВ: Потребна ни е нова политика кон Истокот | Информации и анализи за Германија | DW | 14.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Олаф Шолц во интервју за ДВ: Потребна ни е нова политика кон Истокот

Коронавирус, бегалци, односите со Русија - како Олаф Шолц би ги третирал овие теми по изборите, доколку стане канцелар? ДВ разговараше со кандидатот на Социјалдемократите.

Неговата партија, СПД, во анкетите во моментов е зад ЦДУ/ЦСУ и Зелените. Но, нивниот кандидат Олаф Шолц има борбен дух.

„Сакам да станам канцелар, за тоа се бориме”, вели министерот за финансии и вицеканцелар во интервју со главниот уредник на ДВ, Мануела Каспер Клериџ и модераторот Џафар Абдул Карим, и ја потврдува амбицијата да застане на чело на следната германска влада. За тоа да се случи неговата партија мора да го задржи трендот на раст на поддршката сѐ до 26 септември. Само ако СПД излезе посилна од  Зелените,  Шолц би имал право на тоа да формира влада.

„Важно е да имате јасни принципи”, вели кандидатот на Социјалдемократите. „Во моите спаѓа тоа што јасно стојам зад одговорноста на Германија во рамки на трансатлантското партнерство НАТО”.

Коалиција со Левица?

Веројатно не. Има и зошто Шолц го споменува ова: на тој начин можностите за формирање влада се значително ограничени. Чисто математички, според актуелните анкети би имало доволно мандати за коалиција меѓу СПД, Левица и Зелените. Но, Левица го смета НАТО за анахронизам и бара да биде укинато. При сите размислувања околу можни коалиции, за Шолц е особено важно дека не доаѓа предвид „формирање на влада со помош на мандатите на АфД”, нагласува тој.

„Како второ сметам дека мора да успееме да ја пратиме Унијата на одмор во опозиција”.

Вакцини за цел свет

Идната германска влада ќе се соочи со многу проблеми, пред сѐ пандемијата на коронавирус. 400 милијарди евра Германија ќе искористи до 2022 за да ги сузбие економските последици од  короната врз земјата. И тоа ќе биде успешно, како што нагласува Шолц.

„Гледаме дека сега имаме позитивно придвижување”.  Ситуацијата е помалку сјајна на многу други места во светот, а пандемијата драматично ја заостри социјалната нееднаквост. Германија има одговорност и за светот и ја прифаќа, вели Шолц. Капацитетите за производство на вакцини се прошируваат на начин што „ќе има доволно на располагање”. Обезбедени се и милијарди за меѓународни институции за да може да ги поддржат најсиромашните земји во набавката на вакцини.

„Подготвени сме да даваме пари”, вели Шолц и појаснува дека тие средства „сега треба да бидат и искористени” за да се поттикне кампањата за вакцинација. „Загрижен сум што во моментов нема добра организација и дека работите не се одвиваат како што треба”, заклучува тој.

Кој да биде депортиран?

Друг предизвик за идната влада е третманот на бегалци. Олаф Шолц има јасен став по ова прашање. „Има јасни законски регулативи за тоа кој овде може да побара заштита, имено ако има  доволно причини за бегство и азил.“ Не секој бегалец може да остане во Германија, особено не криминалци.

„Оној кој ќе стори тешко кривично дело не може да смета дека ќе може да остане овде,“ вели Шолц.

Шолц во моментов не гледа можност за репатријација на над 800.000 бегалци од Сирија. Во поглед на оваа група според него „најважна задача“ е да се осигура нивно вклучување во животот во Германија. Секој од нив треба да добие можност за добро образование за да може да се вработи и да се интегрира.

Перспектива за бегалците и во останатите земји

Но Германија нема одговорност само кон бегалците во сопствената земја. „Според мене, ние имаме одговорност и за бегалците кои нашле засолниште во некој друг дел од светот, во земји кои често не се водени онака како што сметаме ние во Германија дека треба, но сепак нудат безбедност и заштита,“ вели Шолц.

И во земјите во Африка, Азија и Јужна Америка кои ги примаат бегалците, тие мора да добијат перспектива за интеграција, а Германија мора „заеднички да придонесе“ таквите услови да се креираат и таму. „Не можеме секогаш да кажуваме дека проблемите се акутни само кога некој ќе ни затропа овде на врата."

Нови политики кон Истокот

Русија  е исто една од темите во интервјуто за ДВ. Каков став би зазел Олаф Шолц како канцелар во однос на Владимир Путин?

Отсекогаш имало разговори со Русија, одговара Шолц. Но, што се однесува до колективната безбедност „сосем е исправно Германија да делува заедно со останатите земји“. Европа и Русија би морале да се вратат на критериумите на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ). „Тоа подразбира и јасна изјава дека сме посветени на тоа дека границите во Европа повеќе не треба насилно да се поместуваат.“

„Потребна ни е нова политика кон Истокот,“ нагласува Шолц. А и Русија мора да прифати „да се применува владеење на правото, а не правото на посилниот,“ вели Шолц.

Поврзана содржина