Моја Европа: #MeToo е само почеток | Свет | DW | 09.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Моја Европа: #MeToo е само почеток

Движењето #MeToo ги ослободува жртвите од нивната улога на жртви, вели Јагода Мариниќ. Но, тоа мора да се шири и да достигне до земјите од Југоисточна Европа или до - Германија.

Разбудувајќи се утрото на Свети Никола, Доналд Трамп сакаше да го постира својот прв твит за уште совреме да ѝ приреди дневна доза заплашување на редакцијата на Си-Ен-Ен. Приклучувајќи се на интернет, констатираше: расплаканите жени со своето движење #MeToo ја освоија насловната страница на магазинот Тајм. Овие жени, облечени во црни мантили, се прогласени за „Личност на годината“, извојуваа победа над него. Никакво чудо не го омекнува Тајм, веројатно си помислил. Но, кога браќата Кох, двајца моќни алфа-мажи ќе го преземат магазинот, тогаш тој повторно ќе стане „Личност на годината“. Конечно, тој е човекот кој можеше Ерусалим да го прогласи за главен град на Израел, што вчас и го стори. Зошто тогаш не би можел да победи неколку жени, кои посегањето меѓу нивните нозе го сфаќаат толку чудовишно лично, а не го примаат со хумор? 

На насловната страница на Тајм сега царуваат самосвесни жени, нешто што мора да е неиздржливо за „силните“ мажи. #MeToo е колективен крик, кој жртвите ги ослободува од нивната улога на жртва. За овие жени веќе не се мисли: „Сиротата! Да видиме како ќе го преброди ова“, туку: „Силна жена. А тој бил обичен подлец.“

#MeToo мора да се шири

Мора да владее мрак, за луѓето да најдат сила да му спротивстават светлина. Ерата на Трамп е некој вид мрак. Супербогаташот и покрај изјавите од типот: „Фати ги меѓу нозете“, стана претседател на една држава каде, како и  речиси секаде, жените се бројно надмоќни. Неговата демократска победа претставуваше ултимативно понижување на жените.

По почетокот на движењето #MeToo постојано мислам на едно видео од Славој Жижек. Во него тој стои на мост во Љубљана и вели: „Овде, од мојата десна страна, го гледате Запад! Од мојата лева страна е Балканот. Која е разликата? На Запад жените се тепани, а тие не го сакаат тоа. На Балканот жените се тепани и им се допаѓа тоа.“

Соборувањето на клишеата на Западот за себе и за Балканот не е толку лесно. 

Што значи  #MeToo за жените од Југоисточна Европа? Што значи за жените со чии тела се тргува како со масовна стока? Трговијата со луѓе уште не е дел од  #MeToo. #MeToo треба да се прошири. Но, она што се случи е одамна неопходен почеток кој може да води кон промена на свеста. Треба да најде пат до жените во Калкута, како и до оние во екс-Југославија. „Балканската војна“ беше војна која поради злосторствата против жените и мајките ќе остане запечатена во генетската меморија на сите жени во светот.  #MeToo , ако сака да биде успешно, мора да биде повеќе отколку слика на убава, храбра актерка која се спротивставува на моќните и може да очекува емпатија дури и само поради својата убавина и слава. Треба да се претвори во движење за одбрана на достоинството на секоја жена.

Останати колумни на авторката: 

Моја Европа: И ние сме народот

Моја Европа: Нема неутрална демократија

Европа со две брзини

Европа на Трамповиот терен за голф

Заробени во клишеата

Бројни медиуми во Југоисточна Европа уште се во фаза на претставување на жената како „убавица“ или од аспект на сонот „можеш да имаш сѐ“: тело, маж, кариера, дете. Поп-индустријата е полна со дречлива, сексуализирана турбо-фолк женскост, зашто тоа се купува. Затоа што одговара на клишето на пожелна жена. Што ќе биде ако овие жени почнат да изјавуваат #MeToo? Дали е тамошното општество подготвено да прифати за ѕвезда секс-симбол кој јавно ја осудува машката доминација? Многумина мислат дека јужните земји „уште не се стигнати толку напред“, доминацијата на мачо-мажите таму е преголема. Секогаш се во прашање само „другите“.  

Но, одговорот не е толку едноставен. Дури и Германија, најмоќната и најбогата европска земја, уште не е толку напредна. Без оглед на многубројните дискусии за сексизам, не „падна“ ниедно машко име. Не е соборен ниеден систем на машка парична и доминација на моќ. Овде нешто не е во ред. Ден пред магазинот Тајм да го одликува #MeToo, ОЕЦД ги објави меѓународните статистики за нивото на пензијата. Кој е „фенерџијата“ во родовата рамноправност? Германија. Никаде на друго место жените не се толку нерамноправни со мажите во поглед на пензиските примања како во Германија. Самохраните мајки овде се најсиромашната социјална група, на штета и на децата. 

Надоврзувајќи се на Жижек, може да се каже: на Запад мажот не ја тепа жената, но едноставно ја владее, зашто таа останува зависна. На неговата пензија жената често не може да се потпре, зашто моделот за издршка функционира максимално две децении. Потоа децата ја напуштаат куќата, а мажот пасивната жена за да најде друга, која смее да ја издржува. Германскиот модел на брак, сѐ до начинот на оданочување, е заразен со повоените слики и односи. Жената покрај шпоретот сѐ уште е контрамодел за жена со успешна кариера. 

Frau am Herd 1948 (picture-alliance/dpa)

Реверзија на односите

Трамп, како претседателски кандидат, ваквите извитоперени односи ги изнесе под светлината на рефлекторите како ретко некој претходно: посегнувањето меѓу нозете на жената е начин на кој моќните ја демонстрираат својата доминација. Неговото безобразие е можеби сепак благослов. Жените од движењето #MeToo во секој случај бестрашно стојат на кориците на Тајм и гледаат во нас: „Ние прозборевме. Ние ќе зборуваме и натаму.“ Може да е дојден денот кога оној кој се обидува да ѝ го отуѓи телото на жената, ќе закочи, свесен дека може да претрпи последици. Тој, а не таа.

Оваа реверзија на односите на моќ е шанса, токму зашто владеат мрачни времиња. Зашто во времиња на победоносни походи на авторитарците, жените се спротивставуваат под мотото: „Признавањето болка претставува сила“. Од оваа сила може да настане движење во кое ќе маршираат и оние мажи полни со почит кон жените. Ова не е борба против „мажот“, туку борба против „моќта“ злоупотребувана од одделни мажи. Барем на некој фронт послабиот станува победник. Би било добро фронтот да се прошири кон Запад, кон Исток, да им се постават граници на авторитарните сили.

Јагода Мариниќ е германско-хрватска писателка и новинарка. Таа е родена во местото Вајблинген како ќерка на хрватски доселеник во Германија. Во моментов живее во Хајделберг. Неодамна беше објавен нејзиниот последен роман „Made in Germany - Што е германско во Германија?". Во него се соочува со идентитетот на Германија како земја на доселеници.
 

 

DW.COM

Реклама