Михаел Рот за ДВ: Фантазиите за промена на границите на Западен Балкан се поразено минато | Информации и анализи за Германија | DW | 21.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Михаел Рот за ДВ: Фантазиите за промена на границите на Западен Балкан се поразено минато

Рот: „Во мај и јуни темата проширување ќе биде тежишна за министрите за надворешни работи и за Европа. Тогаш очекуваме конечно 'зелено светло' за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија и за Албанија“

Разговор со Михаел Рот, германски државен министер за Европа околу најновата дебата за промена на границите на Западен Балкан и перспективата за пристап кон Европската унија. 

ДВ: Господине Рот, границите на Западен Балкан повторно се актуелна тема. Во медиумите се известува за „нон-пејпер“ на словенечката влада. Што знае германската влада околу ова?

Михаел Рот: Поместувањата на границите не решаваат ниеден проблем на Западен Балкан, токму спротивно. Тие би биле крајно опасни и би се заканувале со повторно отворање на посебно конфликтно обременетата Пандорина кутија. Не треба да се биде никаков пророк за да се согледа тоа. Сегашноста и иднината на Западен Балкан е во помирување, во потесна регионална кооперација, во конечно раскрстување со националзимот и реваншизмот. Државите од Западен Балкан се и остануваат татковина на мултирелигиозни и мултиетнички општества. Тоа е предуслов за мир, просперитет и демократија. Од таа причина сум успокоен откако словенечката влада јасно и конкретно се дистанцираше одфантазиите за промена на границите, зашто никој во Европа не може да има  интерес за такво нешто.

ДВ: Значи, исклучувате предлогот во било каква форма да стигне на преговарачка маса?

Рот: Живееме во слободарска демократија и се разбира, никому не му е оспорено правото да иницира дебати со сопствени предлози. Но, тоа ништо не менува во нашето недвосмислено одбивање на вакви идеи. Уште еднаш: повлекувањето граници е опасен погрешен пат за регионот, никој на Западен Балкан и во ЕУ не може денес да има сериозен интерес за тоа. Сеќавањата на крвавите балкански војни од 90-те години, кои поранешна Југославија ја претворија во огромно бојно поле, на сите треба да ни бидат доволно предупредување. Мојата позиција е јасна: фантазиите за промена на границите дефинитивно припаѓаат во сандакот за старудии на едно поразено минато.

ДВ: Постојат ли воопшто колеги во ЕУ кои претпочитаат вакви решенија?

Рот: Стратегијата за проширување и стратегијата за Западен Балкан на ЕУ не предвидуваат никакви исцртувања граници. Добро е што е така и мора така и да остане!

ДВ: Придонес во јакнењето на регионаната кооперација обезбедува и Берлинскиот процес. В лето ќе се одржи веројатно последна средба на премиерите од Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел. Како би требало да се одвива иницијативата во иднина?

Рот: Берлинскиот процес испрати важен сигнал во регионот: дека сме на страната на луѓето во регионот и независно од приклучувањето, ќе правиме сѐ за поддршка на стабилноста на Западен Балкан. И тоа сега! Ние и натаму се трудиме посебно за подобрување на регионалната соработка, за перспективата на младите луѓе, вработувања и социјална кохезија. Секако, важна улога играат и прашањата за здравјето, инфраструктурата и дигитализацијата.

Затоа е добро ангажирано да го продолжиме Берлинскиот процес. Токму во моментов ја чувствуваме важноста на тоа ЕУ и натаму да се смета за доверлив и разумен партнер на Западен Балкан, не само во очите на политиката, туку во сфаќањата на граѓаните. Зашто, присутни се и разочарувања, сеедно дали во поглед на недоволните реформи за јакнење на правната држава или во борбата против корупцијата.

Во совладувањето на пандемијата на коронавирус, многумина не чувствуваат доволна поткрепа од ЕУ. Оттаму, ме радува што ЕУ сега испраќа јасен сигнал на солидарност: од мај ќе испратиме повторно 650.000 дози вакцини за земјите од Западен Балкан. Имено, Берлинскиот процес мора постојано да биде поткрепуван со конкретни и видливи проекти, кои ќе наидат на позитивен прием на тамошните луѓе и трајно ќе ги подобрат нивните животни услови.

Infografik EU Beitrittskandidaten Westbalkan DE

Државите-кандидати за прием во ЕУ од Западен Балкан

ДВ: Берлинскиот процес се нарекува и чекалница за членство во ЕУ. Можат ли овие земји да сенадеваат, во втората половина од годината, под словенечкото претстседателство, да бидат постигнати напредоци во проширувањето, кои не можеа да бидат остварени лани за време на германското претседавање?

Рот: За време на германското претседателство направивме големи напори, не изоставивме ниеден обид. Но, услов за почеток на пристапни преговори со Албанија и со Северна Македонија претставува консензус во Советот. А него, поради блокада од една единствена земја, не можевме да го постигнеме. Тоа беше горко, но не се откажуваме! Многу сум благодарен на португалското претседателство што го продолжува овој процес. На пример, вчера во Советот на министрите за Европа имавме разговор околу сегашната ситуација на Западен Балкан.

Во мај и во јуни темата Западен Балкан, односно проширување ќе биде тежишна на седниците на министрите за надворешни работи и за Европа. Тогаш очекуваме конечно „зелено светло“ за почеток на пристапните преговори. Јас лично барем со сите сили ќе се заложам за тоа. ЕУ мора да го одржи својот збор и не смее да го одолговлекува пристапниот процес на долг рок. Итно и во поголем број ни се потребни позитивни сигнали за регионот! Во игра е ставена веродостојноста на ЕУ. А токму изминатите дванаесет месеци покажаа дека ЕУ на Западен Балкан има системски ривали кои ги пополнуваат празниците кои ние ги оставаме. Во наш сопствен интерес е регионот што потесно да го приврзуваме кон нас.

ДВ: Прашањата меѓу народите, на пример во Косово и во БиХ, сепак уште не серешени.Што треба да сенаправи за да не им се остави плодна почва на вакви предлози за исцртување граници? 

Рот: Се радувам на добра соработка со новата влада во Косово. Владата на Курти изложи многу амбициозна програма во борбата против корупцијата и јакнење на демократијата и правната држава. Тоа е силен сигнал, и владата може да смета на наша поддршка. Германија и натаму одлучно ќе се залага за остварување на одамна навестената визна либерализација за граѓаните на Косово.

Се надевам дека во ЕУ ќе успееме да го направиме потребниот пробив за тоа. Зашто, цел која постојано се оддалечува, се заканува да прерасне во фатаморгана, а со тоа да ја загуби својата привлекувачка и трансформаторска сила.  Што се однесува на БиХ, јасно е: целото општество неподелено и мнозински за цел има иднина во ЕУ. Но, и едно нешто друго е јасно земјата мора итно да пристапи кон нужните реформи за побрзо поминување на патот од Дејтон до Брисел. Тоа значи на пример таква изборна реформа која ќе придинесува за помирување и соработка а не за натамошен расцеп.