Меркел: Северна Македонија направи „неверојатен скок“ | Северна Македонија | DW | 17.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Меркел: Северна Македонија направи „неверојатен скок“

На прес-конференцијата со хрватскиот премиер Пленковиќ, германската канцеларка оцени дека со решавањето на спорот за името Северна Македонија направила неверојатен чекор напред. Поддршка за Скопје и Тирана од Берлин.

Северна Македонија и Албанија заслужуваат да ги започнат преговорите со ЕУ, но на тој пат обете земји можат да се движат по различни шини во зависност од успесите, оцени Ангела Меркел на прес-конференцијата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

„Во случајот на Северна Македонија, со решавањето на спорот за името беше направен неверојатен скок затоа што тоа прашање беше причина за блокада“, рече Меркел во Берлин.

Таа вели дека двете земји кандидати не треба да се одвојуваат, но дека би можеле да одат по одвоени патишта откако ќе ги започнат преговорите.

„Сметам дека Албанија и Северна Македонија припаѓаат кон истата група. Ги имаме Србија и Црна Гора, Северна Македонија и Албанија, и конечно ги имаме Босна и Херцеговина и Косово- каде имаме една поинаква ситуација. Затоа сметам дека доколку сме фер, обете земји треба да започнат преговори, но притоа да следат различни патеки, затоа што секој треба да биде оценуван според сопствените успеси“, рече Меркел.

Германската канцеларка признава дека на самитот на ЕУ во декември не успеале да постигнат договор со Франција за повторно отворање на прашањето за почетокот на преговорите, но се надева дека тоа ќе се случи на самитот на ЕУ во март годинава.

Меркел смета дека самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи во јуни во Загреб е важен настан, и вели дека доколку се отворат преговори со Скопје и Тирана тоа ќе биде „важен сигнал“.

„Германија е подготвена на тоа. Тоа му го кажавме и на претседавачот (Хрватска, н.з.). Сакаме заеднички да го исполниме тоа“.

Хрватскиот премиер Пленковиќ во изминативе недели, откако неговата земја го презеде претседавањето со ЕУ, имаше серија средби со водечките претставници на ЕУ, како и со земјите-членки. Од средбата со францускиот претседател Емануел Макрон произлегоа оптимистички најави од Загреб дека е можно придвижување во проширувањето доколку Европската Комисија до крајот на месецов ја заврши работата на реформата на методологијата која ја бараше Париз.

„Знам каква важност му придавате на процесот на проширување и сакам заедно со вас да постигнеме состанокот во Загреб во мај да биде момент на напредок за ЕУ. Но затоа мораме да ја смениме парадигмата во однос на нашата последна расправа во Советот во октомври. Франција предложи нова методологија за процесот на проширување да не биде само технократски процес, туку вистински напреден и ревирзибилен политички пат“, изјави Макрон по средбата со Пленковиќ во Париз.

 

DW.COM

Реклама