Мас: Берлин се уште го чека предлогот за реформа на Париз | Северна Македонија | DW | 13.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мас: Берлин се уште го чека предлогот за реформа на Париз

Нашите чести средби покажуваат колку сте ни значајни и колку ни е значаен пристапниот процес на регионот, порача шефот на германската дипломатија Хајко Мас во Скопје. Германија ја зголемува билатерапната помош за Скопје

Официјален Берлин се уште чека на предлозите на Франција за реформа на методологијата на преговарачкиот процес со ЕУ, рече денеска во Скопје шефот на германската дипломатија Хајко Мас. Германскиот министер соопшти дека неговата земја не е задоволна со одлуката на Европскиот совет на самитот во Брисел кога не беше постигнат консензус за одобрување на почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, но уште еднаш потенцираше дека Берлин ќе инсистира тоа наскоро да се промени.
„Можете да сметате на поддршката на Германија“, рече Мас во Скопје. 
Вчера, по средбата на македонскиот и францускиот претседател Стево Пендаровски и Емануел Макрон во Париз, стигна најава дека Франција веќе испратила нон-пејпер со идеи за реформа на процесот.

Мас вели дека засега има само дискусии.

„Има дискусии. Тоа го кажа и францускиот претседател. Првата работа е постапката за пристапниот процес, јас се уште немам предлог кој што е готов. За германската влада е значајно со предлозите со кои се менува пристапниот процес да не се менува нешто клучно. Тоа се однесува и на Северна Македонија и на Албанија“, рече Мас.

Германскиот дипломат вели дека без оглед на реформите на процесот, „не смее да се отфрли тоа што било постигнато досега“ од страна на државите аспиранти.
„Северна Македонија постигна многу и ние сакаме да се донесе одлука за почеток на преговорите“, рече Мас. 
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров потсети дека деновиве, кога се одбележува 30 годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, во Европа и натаму остануваат некои ѕидови.

„(Тоа) ќе ни даде поттик да ги срушиме и бариерите што нашиот регион го делат од ЕУ и ќе не подготват кон неповратно демократско трансформирање и мериторно интегрирање во ЕУ“, рече Димитров.

Германскиот министер вети засилена билатерална поддршка за Северна Македонија од неговата земја во наредниот период која ќе се насочи во правец на подобрување на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

DW.COM

Реклама